Свет
Францускиот министер предупредува на претпазливост по нападот со автомобил
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека по денешниот напад со автомобил, јавноста треба да остане многу претпазлива, додавајќи дека не е негова работа да одлучува за вклученоста на Националното антитерористичко обвинителство во истрагата за инцидентот од утрово во кој беа повредени неколку лица.
„Имаме одредени информации, меѓу кои е и извикот за време на апсењето на осомничениот, но тоа не е единствениот елемент“, рече Нуњез, повикувајќи ја јавноста да остане „многу претпазлива“, пренесува BFM TV.
Според обвинителството, осомничениот извикал „Алаху акбар“ (Бог е најголем) за време на апсењето, но мотивот за нападот сè уште не е утврден.
Националното антитерористичко обвинителство во моментов е „на терен како набљудувач“, но случајот „сè уште не е доделен“, рече министерот, додавајќи дека осомничениот „не зборува многу“ и дека обвинителството ќе донесе одлука врз основа на резултатите од истрагата, пребарувањето и анализата на телефонските податоци.
Нуњез, за време на посетата на островот Олерон каде што се случи инцидентот утрово, изрази поддршка за жртвите и безбедносните сили, нагласувајќи дека станува збор за „намерен чин“ од страна на возачот кој утрово удрил неколку луѓе.
Најмалку 10 лица се повредени, од кои две се во тешка состојба, откако возач намерно удрил велосипедисти и пешаци на островот Олерон денес, а меѓу повредените е и соработник на пратеникот од Националното собрание (RN) Паскал Марковски, според француските медиуми.
Според телевизијата BFM, осомничениот, француски државјанин роден во 1990 година, е познат на жандармеријата по кражби и возење под дејство на алкохол.
Јавниот обвинител на Рошел, град на западот од Франција, претходно денес изјави дека возачот кој удрил пешаци и велосипедисти на островот Олерон го сторил тоа намерно и дека против него е покрената истрага за обид за убиство.
Осомничениот е 35-годишен маж од малото рибарско село Котиње, објавија властите, објави „Фигаро“.
Пред апсењето, осомничениот се обидел да го запали својот автомобил „Хонда Сивик“, а наводно биле пронајдени боци со бензин во неговиот багажник, кој сè уште се проверува.
Градоначалникот на Сен Пјер д’Олерон ја потврдил намерата на возачот да удри „секој што можел да го сретне“.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој порано денес бил на пат кон Бразил, ја следел ситуацијата од авионот и се консултирал со министерот за внатрешни работи по телефон, дознава BFM.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

