Свет
Француските власти загрижени поради најавеното ослободување 148 џихадисти
Француските полицајци и разузнавачките агенции изразија загриженост поради претстојното ослободување најмалку 148 радикални исламски екстремисти до крајот на 2022 година, пренесува „Ле Журнал ду диманш“.
Џихадистите се опишани како многу опасни лица од страна на националниот обвинител за борба против тероризмот (ПНАТ), Жан-Франсоа Рикард, на неодамнешниот парламентарен комитет, а 45 осудени за тероризам треба да бидат ослободени до крајот на годината.
Француската агенција за внатрешно разузнавање, Генералниот директорат за внатрешна безбедност (ДГСИ), исто така изрази слични стравувања нарекувајќи го ослободувањето на осудените терористи голема грижа.
Властите велат дека ослободувањето на џихадистите им претставува поголема грижа отколку враќањето на борците на Исламската држава, кои се враќаат од Блискиот Исток, бидејќи нивото на радикализација меѓу оние што треба да бидат ослободени не е доволно мерено, а проблемот со исламистичката радикализација во француските затвори продолжува да расте.
Некои затвореници, како што е Билал Таги, кој беше осуден на 28 години за обид за убиство на двајца супервизори во затворот во 2016 година, наводно се откажале од радикалните исламски идеи, но властите не веруваат во тоа.
Републиканскиот пратеник Ерик Чоти го претстави законот за кој треба да се расправа во мај и кој се однесува на прашањето за безбедноста и со кој владата би имала овластување да ги задржи во затвор џихадистите што се сметаат за сериозна закана за безбедноста.
Во Велика Британија џихадисти ослободени од затвор се одговорни за двата терористички напада последниве месеци во Лондон. Судеш Аман (20), кој рани две лица во Стрејтем, Лондон, беше ослободен од затвор по издржувањето само половина од тригодишната казна.
Британскиот премиер, Борис Џонсон, предложи прекинување на автоматското предвремено ослободување во случаите на тероризам, а анкетата покажува огромна поддршка за мерката од британската јавност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Саливан: САД нема на располагање ниту еден „Патриот“ систем за противвоздушна одбрана што би можел да го достави до Киев
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џејк Саливан, рече дека Вашингтон во моментов нема достапни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ што би можел да му ги достави на Киев.
„Американските системи „патриот“ се распоредени низ целиот свет, вклучително и на Блискиот Исток, за да ја заштитат американската војска. Доколку има можност да се ослободи батерија, ќе ја испратиме во Украина“, рече тој, а пренесе телевизијата „Ем-ес-ен-бси“.
Истовремено, Саливан додаде дека Америка, додека не дојде во ситуација да испрати свои „патриотски“ системи во Украина, ќе работи да ги убеди своите сојузници од Европа да ги испратат своите системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.