Европа
Француските метеоролози предвидуваат топлотен бран полош од оној во кој починаа 15.000 луѓе

Силен топлотен бран ја зафати северозападна Европа во текот на вчерашниот ден, што го зголеми стравот од уште поголема суша, а во францускиот град Бордо беше измерена рекордна температура од 41,2 Целзиусови степени.
Во наредните денови температурите ќе продолжат да растат во цела Западна Европа, но веќе в петок ќе почнат да паѓаат, предвидуваат метеоролошките служби, а пренесува хрватскиот портал „Индекс“.
Властите во Париз воведоа три од вкупно четирите степени за заштита од екстремни температури, со кои се предвидува отворање „сали за освежување“ во јавните објекти и поставување привремени јавни чешми и распрскувачи, како и серија мерки за постари лица, кои се најчести жртви на летните горештини во кои во 2003 година само во Франција починаа 15.200 лица.
Метеоролозите предупредуваат дека температурите што ќе ја погодат Франција утре би можеле да го урнат историскиот рекорд и овој топлотен бран го споредуваат со оној од 2003 година, нагласувајќи дека има предиспозиции да биде уште полош.
Итересен факт е дека во ваква ситуација на учесниците во велосипедската трка Тур де Франс им е наложено почесто да пијат течности и на секој час добиваат три шишиња или 1,5 литри вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кремљ: Заканата од нови санкции е „губење време“

Кремљ соопшти дека не е загрижен од најавата за нови санкции против Русија, што ја изнесе британскиот премиер Сер Кир Стармер.
„Веќе сме навикнати на санкции, веќе можеме да предвидиме што ќе правиме откако ќе бидат воведени, како ќе ги ублажиме нивните последици“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според руските државни медиуми.
Песков додаде дека заканата од нови ограничувања е „губење време“ бидејќи тие не можат да ја заплашат Русија. Даунинг стрит во петокот објави дека го подготвува „најголемиот пакет санкции досега“ против руската „флота во сенка“, која транспортира нафта од Кремљ низ целиот свет.
Европа
Стармер: Велика Британија и Трамп ќе ја зголемат воената помош за Украина ако Путин го отфрли прекинот на огнот

Британскиот премиер Кир Стармер изјави во саботата дека постои „апсолутно единство“ меѓу сојузниците на Киев околу предлогот за 30-дневен прекин на огнот со Русија.
„Достигнавме точка на целосен договор во голем број земји низ целиот свет, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, дека мора да има безусловно 30-дневно примирје“, рече Стармер на прес-конференција во Киев.
„Велика Британија и Трамп ќе ја зголемат воената помош за Украина ако Путин одбие прекин на огнот“, додаде тој.
„Сите ние овде, заедно со Соединетите Американски Држави, го критикуваме Путин“, рече тој.
Стармер додаде дека ако рускиот лидер е „навистина сериозен во врска со мирот“, сега има „можност да го покаже тоа“ со продолжување на примирјето од Денот на победата на 30-дневен безусловно примирје, по што би следеле преговори. „Без ако, без но“, заклучи Стармер.
Европа
Германија: Русија се соочува со построги санкции ако одбие примирје

Русија ќе се соочи со многу построги санкции ако го отфрли 30-дневниот прекин на огнот што го бара Западот, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц во интервју објавено во саботата.
Доколку Путин не се согласи на прекин на огнот, „ќе следи масовно заострување на санкциите, а масовната помош за Украина ќе продолжи – политички, се разбира, но и финансиски и воено“, изјави Мерц за „Билд“.
„Се согласуваме со американската влада, со Доналд Трамп. Бараме 30-дневен прекин на огнот за да можат да се подготват мировни преговори во тој период“, додаде тој. „Топката сега е во дворот на Путин. Путин мора да одговори на оваа понуда.“