Свет
Француските проститутки бараат финансиска помош од владата поради Ковид-19
Здруженијата што претставуваат проститутки во Франција побараа од владата на претседателот Емануел Макрон да им исплати парични средства на сексуалните работници поради влијанието на коронавирусот врз нивната егзистенција, пренесува „Ле Фигаро“.
Федерацијата на Црвените чадори, здружение кое тесно соработува со проститутките и сексуалните работници, го повика претседателот Макрон да размисли за финансиска помош за сексуалните работници, велејќи: „Мора да се создаде фонд за итни случаи за да се обезбедат приходи за време на строгиот режим на движење“.
Групата смета дека финансиската помош од државата ќе биде единственото решение за да се спречи преземањето ризик поврзан со вршење сексуална работа и додаде дека прашањето е „прашање на јавното здравје“.
За разлика од другите професии, проститутките и сексуалните работници не се квалификувани за 1.500 евра државна помош што им се нуди на самовработените лица.
„На краток рок, некои од најсиромашните сексуални работници ќе бидат принудени да ризикуваат затвор, не од задоволство, туку поради недостиг од средства за егзистенција затоа што станува збор за опстанок“, велат од фондацијата.
Во 2016 година Франција донесе закони за проституција со кои им се стави крај на паричните и затворските казни за проститутки кои нудат секс, но донесе казни до 1.500 евра за клиентите кои плаќаат за секс и го повторуваат прекршокот, при што висината на казните е до 3.750 евра.
Додека многу проститутки се борат за опстанок поради строгиот режим на движење, дилерите на наркотици и другите организирани криминалци ги искористија строгите мерки со префрлање на други шеми како измама и продажба на фалсификувани медицински материјали, посочува Европол.
Криминалот во некои области продолжи во Франција и покрај строгите мерки на движење, вклучително и напади врз полицајци во некои проблематични предградија во делови од земјата.
Само во текот на минатиот викенд полицијата беше нападната во повеќе градови и општини низ целата земја, а во инцидент во Бордо, врз полицајците бил фрлен фрижидер од балконот на една зграда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сè потензично меѓу Словачка и Украина: Зеленски и Фицо разговарале за руската нафта
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, и словачкиот премиер Роберт Фицо телефонски разговараа во услови на зголемени тензии поради прекинот на испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“, кој минува низ Украина.
Од кабинетот на Зеленски соопштија дека претседателот го поканил Фицо во Украина за да разговараат за сите отворени прашања.
Словачка и Унгарија го обвинуваат Киев за одолговлекување со повторното пуштање во работа на нафтоводот, чиј дел во Украина беше оштетен во руски напади во јануари. Тие тврдат дека е поправен, но Зеленски посочи дека работите сè уште не се завршени и ја повика Будимпешта да разговара со Москва, која, според него, повеќепати го бомбардирала нафтоводот.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан соопшти дека со Фицо формирале заедничка истражна комисија и побара Украина да дозволи унгарски и словачки инспектори да влезат во земјата. Во меѓувреме, Орбан го блокира заемот од 90 милијарди евра од Европската унија за Украина и нови санкции против Москва, сè додека не продолжат испораките преку „Дружба“.
Свет
Врховниот суд на Израел ја стопира владината забрана за хуманитарните организации во Газа
Израелскиот Врховен суд привремено ја блокира одлуката на владата со која на 37. меѓународни хуманитарни организации, меѓу кои и „Лекари без граници“ и Норвешкиот совет за бегалци, им беше наложено да го прекинат работењето во Газа и на Западниот Брег, освен ако не ги прифатат новите услови, вклучително и доставување список на палестински персонал.
Седумнаесет здруженија пред шест дена побараа од судот итно укинување на одлуката, предупредувајќи на тешки хуманитарни последици.
Со привремената одлука на судот, организациите ќе можат да продолжат со поголемиот дел од активностите додека не се донесе конечна пресуда. Израелските власти тврдат дека мерката е неопходна за да се спречи злоупотреба на хуманитарната помош од палестински вооружени групи.
Свет
„Политико“: Демократите бараат итно објавување на транскриптот од сведочењето на Хилари Клинтон
Демократите во Претставничкиот дом бараат целиот транскрипт од сослушувањето на поранешната државна секретарка Хилари Клинтон пред членовите на Надзорниот комитет, во врска со истрагата за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, да биде објавен во рок од 24 часа.
Како причина за ова барање, демократите ја наведуваат ограничената транспарентност на постапката зад затворени врати, пишува американскиот „Политико“.
Демократските конгресмени Роберт Гарсија, Јасамин Ансари, Весли Бел, Сухас Субрамањам и Џејмс Вокиншо, кои се и членови на Надзорниот комитет на Претставничкиот дом што го спроведе сослушувањето, го поднесоа ова барање, но како што е наведено, веројатноста за објавување на транскриптот во толку краток временски период е многу мала.
Постапката бара судскиот записничар да го врати транскриптот во Комитетот по неколку дена, а правниот тим на Клинтон мора да го разгледа пред да биде објавен.
Сепак, демократите бараат итно објавување на транскриптот бидејќи Хилари Клинтон побара сослушувањето да биде отворено за јавноста, што беше одбиено.
Гарсија, исто така, рече дека Клинтон одговорила на сите прашања за време на сослушувањето и дека не се повикала на Петтиот амандман и дека не дала никакви информации што би биле корисни за истрагата на комисијата.
„Сведоци сме на неверојатно лекомислена кловновска претстава на сослушувања каде што членовите на Конгресот и Републиканската партија се повеќе загрижени за добивање можност за фотографирање со секретарката Клинтон отколку за тоа да дојдат до вистината и да повикаат некого на одговорност“, им рече Ансари на новинарите.

