Свет
Функционер на НАТО: Руската доктрина верува во постојан судир
Шефот на воениот комитет на НАТО, чешкиот генерал Петр Павел, негира дека Русија е подготвена да предизвика поголем вооружен судир. Тој предупредил дека Москва настојува да го убеди светот дека нејзиниот модел е подобар од либералната демократија и дека руската доктрина не разликува мир и криза, туку верува во постојан судир, кој се менува само во интензитетот и средствата што ги користат страните.
„Русија не прави разлика меѓу мирот, кризата и војната. Руската доктрина во суштина зборува за постојан судир, кој се менува само во интензитетот и средствата што се користат. На сегашната состојба Русија гледа како на информативен судир со користење кобернетски средства, социјални мрежи, пропаганди и неточни информации, но исто така и разни обиди да влиае на политички план“, рекол Павел.
Шефот на воениот комитет на НАТО изјавил во интервју за чешката новинска агенција ЧТК дека не гледа оти Русија е насочена кон тоа да предизвика некој голем регуларен вооружен судир. Според него, акцентот што Русија денеска го става наместо класичниот вооружен судир на разни методи на конфликт, како што се сајбер-нападите, не значи дека НАТО не треба да биде подготвен и за воена одбрана на своите членки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Почина бебето кое беше извадено од утробата на мртвата мајка во Газа
Почина бебето кое во неделата со царски рез во Газа беше спасено од утробата на мртвата мајка, пишува Би-Би-Си.
Бебето е родено по итен царски рез извршен врз трудница која била убиена во израелски напад врз градот Рафа во Газа.
Освен мајката на Сабрин Ал Сакани, меѓу загинатите се и таткото на новороденото девојче и нејзината тригодишна сестра Малак.
Бебето при раѓањето тежело 1,4 килограми, а се родило во триесеттата недела од бременоста на мајката. Веднаш по царскиот рез беше сместено во инкубатор во болницата во Рафа заедно со уште едно бебе.
Но, девојчето после неколку дена почнало да има сериозни здравствени проблеми. Лекарите го реанимирале, но сепак починало вчера.
16 деца биле убиени за време на два воздушни напади на Рафа минатиот викенд, при бомбардирање на комплекс од станбени згради.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека цел биле борците и инфраструктурата на Хамас и воените комплекси.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.