Свет
Хамас вели дека нема да ги ослободи заложниците без прекин на огнот
Хамас нема да влезе во преговори за понатамошна размена на затвореници без прекин на израелските воени операции во Газа, соопшти денеска палестинското екстремистичко движење.
„Хамас го повторува својот став дека нема да води никакви преговори за размена на заробеници доколку еднаш засекогаш не заврши ционистичката агресија врз нашиот народ“, рече Хамас, додавајќи дека пораката им била пренесена на сите инволвирани посредници.
Пораката доаѓа додека Катар се обидува да посредува меѓу Израел и Хамас за воспоставување нова хуманитарна пауза во Појасот Газа.
Се вели дека високи израелски и катарски претставници се сретнале во Норвешка во последните денови за да разговараат за размена на преостанатите заложници киднапирани од Хамас за палестински затвореници во израелските затвори.
Ниту една страна не ги потврди овие наводи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во саботата вечерта изјави дека воениот притисок врз Хамас мора да продолжи за да се обезбеди победа и враќање на сите киднапирани.
Минатиот месец Израел и Хамас се согласија на прекин на огнот со посредство на Египет и Катар.
Прекинот на огнот траеше една недела и овозможи ослободување на 105 заложници. За возврат, Израел ослободи 240 палестински затвореници од израелските затвори.
Според израелските проценки, во Газа се уште има 112 заложници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“, објави иранската државна телевизија, без веднаш да даде детали.
Раиси отпатува во иранската провинција Источен Азербејџан. Државната телевизија соопшти дека инцидентот се случил во близина на Џолфа, град на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од иранската престолнина Техеран, а спасувачите биле отежнати од силниот ветер и дождот.
Сè уште нема официјална информација за тоа во каква состојба е Раиси.
Раиси беше во Азербејџан во неделата рано наутро на отворањето на браната со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Иранската државната новинска агенција ИРНА објави дека хеликоптерот „паднал во несреќа во општата област Варзеган“ во провинцијата Источен Азербејџан, а покрај Раиси, во хеликоптерот имало уште неколку официјални лица, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан.
Тешките временски услови и густата магла ги отежнаа напорите на спасувачките тимови, соопшти иранската државна телевизија.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.