Свет
Хамас вели дека ќе се согласи со предлогот за примирје, но бара писмени гаранции од САД
Хамас сака писмени гаранции од САД за спроведување на договорот за траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Појасот Газа, изјавија два египетски безбедносни извори.
Посредниците Катар и Египет соопштија дека Хамас вчера одговорил на трифазен план за примирје, без да откријат повеќе.
Каков е планот?
Планот беше претставен од американскиот претседател Џо Бајден на крајот на мај. Тој повикува на целосен и неодреден прекин на огнот за шест недели. Во овој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.
Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати и преостанатите заложници би биле ослободени, а според предлог-резолуцијата, последната фаза би опфатила реконструкција на Појасот.
САД објавија дека Израел го прифатил предлогот, но Израел тоа јавно не го призна.
Египетски извори и трет извор запознаен со разговорите велат дека Хамас изразил загриженост дека сегашниот предлог не дава јасни гаранции за преминот од првата фаза на планот, кој вклучува шестнеделно примирје и ослободување на некои заложници, до втората фаза, која вклучува траен прекин на огнот и израелско повлекување.
Египќаните тврдат дека Хамас ќе се согласи само доколку предлогот содржи гаранции, а Египет е во контакт со САД во врска со ова барање.
Кога го објави планот, Бајден рече дека прекинот на огнот ќе продолжи доколку преговорите за преминување во втората фаза траат повеќе од шест недели.
Американскиот шеф на дипломатијата Ентони Блинкен денеска изјави дека Хамас предложил голем број измени на предлогот и дека некои од нив се неприменливи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Војник облечен како Дедо Мраз со руско знаме на снимка од Мирнохрад – спротивставени тврдења за контролата на градот
Украинските и руските сили објавуваат спротивставени тврдења за контролата врз Мирнохрад, град на првата линија на фронтот североисточно од Покровск. Додека Киев тврди дека ги држи клучните позиции, Москва шири видеа на кои се гледаат руски војници како креваат знамиња во уништени делови од градот, пренесува „Киев Индепендент“.
Украинската армија соопшти дека и понатаму контролира важни точки во Мирнохрад и оцени дека руските видеа се дел од пропагандни акции наменети за домашната публика. Како доказ беа објавени снимки од борбени операции во областа.
Од друга страна, руските државни медиуми и онлајн канали објавуваат видеа на кои наводно се гледаат руски војници како поставуваат знамиња, меѓу кои и снимка со војник облечен како Дедо Мраз. Украинската страна признава дека имало изолирани случаи на тајна инфилтрација на руски групи во централните делови на градот.
🇺🇦🇷🇺 Russian Santa Claus took Myrnohrad and waves the Russian flag pic.twitter.com/OhWQRWcXE1
— Lord Bebo (@MyLordBebo) December 27, 2025
Мирнохрад е сателитски град на Покровск, стратешки важен пункт во Донецката област, каде со месеци траат жестоки борби. Украинскиот Генералштаб ги отфрли руските тврдења за целосна окупација, оценувајќи ги како дел од дезинформациска кампања.
Свет
Имав продуктивен разговор со Путин, рече Трамп пред состанокот со Зеленски
Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека имал добар и многу продуктивен телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
Соопштението доаѓа пред средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, која е закажана да се одржи подоцна денес во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго во Флорида.
Портпаролот на рускиот лидер, Дмитриј Песков, ја потврди оваа информација за државните новински агенции, но без да даде дополнителни детали.
Фото: Depositphotos
Свет
Трамп: ОН не направи ништо за да помогне со катастрофата во Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денес на својата социјална мрежа „Тру соушал“ објави дека им честита на лидерите на Тајланд и Камбоџа за постигнатото примирје, кога двете земји се согласија во саботата да ги прекинат неколкудневните гранични конфликти.
Во соопштението, Трамп остро ги критикуваше Обединетите нации, наведувајќи дека организацијата „многу малку помогнала“ во решавањето на глобалните конфликти, додека особено ја истакна „катастрофата што моментално се случува меѓу Русија и Украина“.
„Обединетите нации мора да почнат да стануваат активни и вклучени во светскиот мир!“, рече Трамп.
Се очекува Трамп подоцна денес во својот дом во Мар-а-Лаго да разговара за рамката за мировен договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

