Свет
Хамас планира да предаде 33 заложници, некои од нив се мртви
Хамас планира да ги предаде останките на неколку заложници кои се меѓу 33-те за кои се наведува дека ќе бидат ослободени во првата фаза од предложениот договор за прекин на огнот, пишува Њујорк Тајмс.
Во извештајот, во кој се цитирани две лица блиски до преговорите за договорот, се вели дека Хамас ги информирал посредниците дека веќе не се живи сите оние што требаше да бидат ослободени. Се очекуваше во првата фаза да бидат ослободени жени, деца, стари и болни лица, потсетуваат израелските медиуми.
Израел претходно инсистираше да се ослободат само живите заложници во таа фаза и се согласи со помалку од 40-те луѓе што првично ги бараше, со разбирање дека сите што требаше да бидат ослободени се живи. Хамас синоќа соопшти дека го прифатил договорот предложен од посредниците. Израел, пак, оцени дека договорот е многу поинаков од она на што се согласила земјата.
Официјални лица на Хамас рекоа дека првата фаза од договорот ќе вклучи 42-дневно примирје и ќе ослободи 33 израелски заложници во замена за голем број палестински безбедносни затвореници кои се чуваат во израелските затвори.
Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека понудата на Хамас не ги исполнува основните израелски барања, но најави дека ќе испрати преговарачи да продолжат со преговорите со американските, египетските и катарските посредници.
Се верува дека уште 128 заложници се држат во Газа, од околу 250 киднапирани во нападите на палестинските екстремисти предводени од Хамас на 7 октомври минатата година, но не се знае дека сите се живи. За време на еднонеделниот прекин на огнот на крајот на ноември минатата година беа ослободени сто и пет цивили, а пред тоа четворица.
Тројца живи заложници беа ослободени од војниците, а телата на 12 од нив беа пронајдени, вклучувајќи и тројца убиени по грешка од војниците.
Израелската војска ја потврди смртта на 35 заложници кои сè уште ги држи Хамас, повикувајќи се на нови разузнавачки информации од војниците кои дејствуваат во Газа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“
Хеликоптерот со иранскиот претседател Ебрахим Раиси доживеа „тешко слетување“, објави иранската државна телевизија, без веднаш да даде детали.
Раиси отпатува во иранската провинција Источен Азербејџан. Државната телевизија соопшти дека инцидентот се случил во близина на Џолфа, град на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од иранската престолнина Техеран, а спасувачите биле отежнати од силниот ветер и дождот.
Сè уште нема официјална информација за тоа во каква состојба е Раиси.
Раиси беше во Азербејџан во неделата рано наутро на отворањето на браната со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.
Иранската државната новинска агенција ИРНА објави дека хеликоптерот „паднал во несреќа во општата област Варзеган“ во провинцијата Источен Азербејџан, а покрај Раиси, во хеликоптерот имало уште неколку официјални лица, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан.
Тешките временски услови и густата магла ги отежнаа напорите на спасувачките тимови, соопшти иранската државна телевизија.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.