Свет
Хамас ќе поддржи влада на национално единство
Член на политичкото биро на Хамас во понеделникот рече дека движењето ќе поддржи влада на национално единство, без оглед на резултатот од парламентарните избори следниот месец.
Д-р Калил ал-Хајаја изјави за телевизијата „Ал-Акса“ дека Хамас сака да ги реорганизира палестинските институции и да поддржи влада што ќе работи на ставање крај на внатрешната политичка поделба под контрола на новиот парламентарен состав.
Тој посочи дека Хамас продолжува со своите ангажмани за изборите.
Резултатите, потврди тој, ќе бидат прифатени какви и да се.
Хамас освои огромно мнозинство на последните парламентарни избори одржани во 2006 година, а и повторно е фаворит за победа иако со намалено мнозинство. Ал-Хајаја истакна дека Палестинците одржуваат избори оваа година затоа што народот бара тие да се одржат, а не затоа што која било надворешна сила инсистирала на тоа.
Во меѓувреме, Ал-Хајаја додаде дека Хамас поднел жалби за некои прекршувања од страна на членови на други изборни листи, како и од голем број надзорници на изборниот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Данскиот министер: Изненадени сме од најавата на Трамп за царини
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
„Најавата на претседателот доаѓа како изненадување“, наведе Расмусен во писмена изјава. Тој во средата се сретнал со американскиот државен секретар, со кого, меѓу другото, разговарале и за несогласувањата меѓу Данска и САД во врска со Гренланд.
Трамп како оправдување за заканата со царини ја наведе испратената воена помош на неколку европски земји на Гренланд. Меѓутоа, Расмусен го отфрли тоа објаснување.
„Целта на зголеменото воено присуство на Гренланд, на кое се повикува претседателот, е токму зголемување на безбедноста на Арктикот. Во постојан контакт сме со Европската комисија и со нашите други партнери по тоа прашање“, се наведува во изјавата на данскиот министер.
Свет
Зеленски: Русија подготвува удари врз нашите нуклеарни постројки
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија се подготвува за понатамошни напади врз украинската енергетика и инфраструктура, вклучително и објекти што ги опслужуваат нуклеарните електроцентрали, пренесе „Би-Би-Си“.
„Извештај од началникот на Главната разузнавачка управа Олег Ивашченко. Пред сè, во врска со конкретните задачи за руската армија. Не сме регистрирале подготвеност од страна на агресорот да почитува какви било договори или да ја прекине војната. Но, има доволно информации за подготовка на понатамошни руски удари врз нашиот енергетски сектор и инфраструктура, вклучително и објекти и мрежи што ги опслужуваат нашите нуклеарни електроцентрали“, изјави украинскиот претседател по средбата со началникот на Главната разузнавачка управа Олег Ивашченко.
„Украина е исклучително конструктивна во дипломатијата, додека Русија е фокусирана единствено на напади и вознемирување на луѓето. Нашите партнери треба да ги извлечат соодветните заклучоци од тоа“, додаде Володимир Зеленски.
Свет
Дански генерал: Денес не гледаме закана од Русија или Кина
Највисокиот дански воен заповедник за Арктикот ги отфрли тврдењата дека Гренланд се соочува со непосредна безбедносна закана од Русија или Кина, со што го оспори наративот што повеќепати го изнесуваше американскиот претседател Доналд Трамп. Генерал-мајор Сорен Андерсен, командант на Данската здружена арктичка команда, ги опиша сојузничките вежби во регионот како превентивна мерка, пренесе Политико.
„Не. Денес не гледаме закана од Кина или Русија“, изјави Андерсен, кој е на чело на командата од 2023 година.
„Но ги истражуваме потенцијалните закани и се подготвуваме за нив.“ Тој нагласи дека засилените воени активности на Данска и нејзините сојузници околу Гренланд претставуваат подготовка за идни непредвидени ситуации.
Според неговите зборови, кога ќе заврши војната во Украина, Москва би можела да ги пренасочи своите воени ресурси кон други региони. „Всушност очекувам да видиме руски ресурси кои се префрлаат од боиштата околу Украина на други боишта“, рече тој, укажувајќи на Балтичкото Море и арктичкиот регион.
Во рамки на данската вежба „Операција Арктичка Издржливост“, која опфаќа воздушни, поморски и копнени компоненти, веќе се распоредени единици од неколку европски земји.
Изјавите на Андерсен се во спротивност со тврдењата на Доналд Трамп дека Гренланд е под активен притисок од Русија и Кина и дека островот е клучен за националната безбедност на САД. „Имате руски разурнувачи и подморници, како и кинески разурнувачи и подморници насекаде“, им рече Трамп на новинарите, коментирајќи ја својата намера Гренланд да стане дел од Соединетите Американски Држави. „Нема да дозволиме тоа да се случи.“
Трамп исто така изјави дека Вашингтон не може да ја исклучи употребата на сила за да ги обезбеди своите интереси, што предизвика загриженост кај данските и гренландските лидери.

