Европа
Хаос во Грузија: физичка пресметка во парламентот пред гласањето на законот за странските агенти

Физичка пресметка се случи денеска во грузискиот парламент за време на пленарната седница пред почетокот на гласањето на законот за странските агенти кога членовите на парламентарното мнозинство физички го нападнаа пратеникот од опозицијата Леван Кабеишвили кога тој изјави дека власта ја продава Грузија на Русија.
Седницата продолжи и по конфликтот, пренесува „Интерфакс“. Правната комисија на Собранието вчера го усвои предлог-законот без учество на опозицијата, а во близина на зградата беа уапсени 20 демонстранти, кои протестираа против законот.
Парламентот на Грузија на 1 мај во второ читање го усвои предлог-законот за транспарентност на странско влијание, со кој се предвидува организациите што добиваат повеќе од 20 проценти од средствата од странство да бидат регистрирани како застапници за странски интереси.
Од ваквиот закон минатата година се откажаа поради масовни протести, но во април годинава владејачката партија Грузиски сон предложи речиси идентичен закон, така што со промената, наместо да се користи терминот „застапник за странски интереси“, да се употребува терминот „организација што работи за странски интереси“.
Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации, Фолкер Тирк, претходно ја повика Грузија да го повлече овој нацрт-закон од процедурата, а претставниците на Европската Унија предупредија дека неговото усвојување ќе биде сериозна пречка Грузија да стане членка на ЕУ. Грузиското Министерство за надворешни работи на 2 мај потврди дека премиерот Иракли Кобахидзе одбил да ги посети САД откога американската страна поставила услов да ги прекине дискусиите за нацрт-законот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Русија: Работиме на документ за завршување на војната, ќе го испратиме во Украина

Русија продолжува да работи на нацрт-меморандум за принципите за евентуален мировен договор за завршување на војната во Украина, соопшти денес руското Министерство за надворешни работи.
Рускиот претседател Владимир Путин, по телефонскиот разговор со неговиот американски колега Доналд Трамп претходно овој месец, изјави дека Москва е подготвена да соработува со Украина на меморандум за иден мировен договор.
Путин рече дека меморандумот ќе ги дефинира принципите на можно решение, временската рамка за потенцијален мировен договор и деталите за евентуален прекин на огнот.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека работата на рускиот нацрт-документ сè уште е во тек и дека документот ќе ѝ биде предаден на Украина кога ќе биде готов.
„Русија продолжува да развива нацрт-меморандум за иден мировен договор, кој дефинира голем број позиции, како што се принципите на решавање, временската рамка за можен мировен договор и евентуален прекин на огнот за одреден временски период доколку се постигне соодветен договор“, рече таа.
Европа
Холандија ги испорача последните 24 авиони „Ф-16“ на Украина

Министерството за одбрана на Холандија објави дека последните 24 борбени авиони Ф-16 се испорачани во Украина, со што е завршена испораката на овој вид воена помош од страна на Холандија.
Последните холандски авиони Ф-16 наменети за Украина ја напуштија воздухопловната база Волкел на југот на Холандија во понеделник и се упатија кон Белгија, каде што ќе бидат технички подготвени за конечна испорака. На испраќањето на авионите присуствуваше и претставник на холандското Министерство за одбрана, Рубен Брекелманс.
„Ф-16-се од клучно значење за Украина поради секојдневните руски воздушни напади. Тие ни овозможуваат да ја држиме руската агресија подалеку од нас“, рече Брекелманс.
Покрај испораката на авионите, Холандија помага во одржувањето на нивната борбена готовност и учествува во организирањето на обука на пилоти во Европскиот центар за обука за летање (EFTC) во Романија.
Украина ја прими првата пратка холандски авиони Ф-16 во октомври 2024 година, а втората во февруари 2025 година. Претседателот Володимир Зеленски во март објави дека пристигнала уште една пратка од Холандија.
Европа
(Видео) 50 повредени во Ливерпул, двајца во критична состојба, полицијата: Не е тероризам

Речиси 50 лица се повредени, а 27 се однесени во болници, вклучувајќи двајца во критична состојба, од кои едно е дете, откако 53-годишен маж со автомобил удрил во толпа луѓе што ја гледале победничката парада во Ливерпул, беше објавено на прес-конференција во Ливерпул.
Заменик-началникот на полицијата во Ливерпул, Џени Симс, ги потврди претходните извештаи дека на местото на настанот е уапсен 53-годишен бел маж од областа на Ливерпул, за кого полицијата верува дека го возел возилото во кое беа повредени речиси 50 лица. Таа рече дека истрагата е во тек и дека фактите што довеле до овој инцидент се утврдуваат.
„Инцидентот не се третира како терористички напад“, рече Симс, додавајќи дека станува збор за изолиран случај.
Иако на парадата беа преземени бројни безбедносни мерки, сè уште не е утврдено како автомобилот успеал да се пробие на улицата каде што одеа колоните навивачи на Ливерпул.
Car has ploughed into fans after the Liverpool parade. wtf 🤬 pic.twitter.com/wvOHH1oV30
— Mark (@MTheaugod) May 26, 2025
Дејвид Кичен од службата за брза помош објави детали за повредените на кои им е укажана помош, велејќи дека 27 лица, меѓу кои четири деца, се префрлени во блиските болници. Две лица, од кои едно е дете, се во критична состојба, но никој не починал на местото на настанот.
Кичен додаде дека 20 лица побарале помош на местото на настанот, но повредите не биле доволно сериозни за да бараат болничко лекување.
Шефот на противпожарната служба Ник Серл изјави дека добиле повик во 18:07 часот. по локално време за инцидент за време на парадата. Кога пристигнале на местото на трагичниот инцидент, пожарникарите пронашле четири лица заробени под автомобил.
„Три лица и едно дете беа извлечени од под возилото и веднаш беа однесени во болница со брза помош“, објави Серл.