Свет
Хаос на аеродромите во Германија, откажани 700 појдовни лета
Сите полетувања од четири аеродроми во Германија ќе бидат откажани денеска и утре поради штрајкот на безбедносните контролни работници, повикан од синдикатот „Верди“, а со последиците од прекинот ќе се соочат најмалку 100.000 луѓе.
Според германското аеродромско здружение АДВ, околу 700 појдовни лета ќе бидат откажани поради штрајкови на аеродромите во Диселдорф, Хамбург и Келн/Бон.
Слетувањето на аеродромот сепак ќе биде можно, но се очекува летовите да бидат одложени или откажани.
Синдикатот „Верди“ исто така го повика персоналот за безбедност утре да ја прекине работата на аеродромот во Штутгарт, а не се знае колку откажувања ќе предизвика тоа.
Причина за штрајкот се преговорите меѓу синдикатот и Федералната асоцијација на компании за воздухопловна безбедност (БДЛС) за бонуси за ноќни смени, работа во сабота, недела и на државни празници, кои не постигнале напредок.
Високата инфлација во најголемата европска економија предизвика бран штрајкови во последните месеци бидејќи работниците бараат повисоки плати за да се надоместат зголемените животни трошоци.
Синдикатот на железниците и транспортот ЕВГ за утре најави еднодневен штрајк.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес во Србија
Жителите на Нови Пазар утрово ги разбуди слаб земјотрес, известуваат медиумите во Србија.
Јачината на земјотресот е 2,5 степена според Рихтеровата скала, а е регистриран во 7.37 часот.
Се проценува дека интензитетот на ударот во епицентарот е III-IV од Меркалиевата скала.
Свет
Генералното собрание на ОН би требало да ја поддржи кандидатурата на Палестина за членство
Генералното собрание на Обединетите нации денеска треба да ја поддржи палестинската кандидатура за полноправно членство во ОН со тоа што ќе ја признае како квалификувана за членство и ќе го испрати барањето назад до Советот за безбедност на ОН „да го преиспита прашањето во корист на Палестинците“.
Палестинците ја оживуваат својата кандидатура за полноправно членство во ОН, кое декларативно би ја признало палестинската држава, откако САД ставија вето во 15-члениот Совет за безбедност на ОН минатиот месец.
Гласањето на Генералното собрание од 193 члена се смета за испитување на светското мислење за палестинското прашање. Барањето за полноправно членство во ОН прво мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа и од Генералното собрание.
Но, иако самото Генерално собрание не може да даде полноправно членство во ОН, нацрт-резолуцијата за која се гласа денеска ќе им даде на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година, како што е место меѓу членките на ОН во собраниската сала, но тие нема да имаат право на глас во телото.
Дипломатите велат дека нацрт-текстот најверојатно ќе ја добие поддршката потребна за усвојување.
Свет
Двајца скијачи загинаа во лавина во САД, третиот успеал да се ископа од снегот
Откако вчера започна лавина во планините покрај Солт Лејк Сити, Јута, двајца скијачи загинаа, додека властите успеаја да спасат трет со хеликоптер.
Несреќата се случила во близина на Лон Пик, каде неодамна паднаа над 76 сантиметри снег. Центарот за лавина во Јута (UAC) ја потврди смртта на двајца мажи. Спасувачите досега не можеа да стигнат до нивните тела поради небезбедни услови. Центарот наведува дека фаталните лавини се ретки во овој период од годината.
Спасувачите со хеликоптер стигнале на местото на несреќата во кањонот Литл Котонвуд и потврдиле дека двајца скијачи загинале, пишува Би-би-си.
Третиот скијач успеал да се ископа од лавината и бил пренесен во болница. Имињата на загинатите мажи се уште не се објавени, но станува збор за скијачи на возраст од 23 и 32 години. Едниот бил од Јута, додека другиот пристигнал да скија од друга американска држава.