Свет
Хезболах: Договорот за прекин на огнот со Израел мора бргу да ги прекине борбите
Официјален претставник на либанскиот Хезболах, Махмуд Кмати, денеска изјави дека секој договор за прекин на огнот со Израел, со посредство на САД, мора брзо да ги прекине борбите и да го зачува суверенитетот на Либан.
Изјавата на Кмати се смета за одговор на позицијата на Израел дека ќе продолжи со нападите врз Хезболах дури и во случај на прекин на огнот, посочува Ројтерс.
Во интервју за телевизијата Хезболах, Кмати истакна дека не е ниту преголем оптимист ниту претерано песимист за можностите за постигнување примирје, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Повеќе од 50.000 канадски поштари штрајкуваат поради ниските плати и лошите услови за работа
Повеќе од педесет илјади поштенски работници одговорија на штрајкот во Канада во знак на протест поради недоволната плата и лошите услови за работа. Самиот штрајк влезе во шестиот ден, што предизвика голем проблем со испораката на пошта и пакети во земјата, јавува Би-би-си.
Синдикатот што ги претставува вработените во „Канада пост“, главниот поштенски оператор во земјата, соопшти дека преговорите сè уште се многу далеку од крајот и дека се во тек. Поштенските работници бараат повисоки плати и можност да работат викенди со плата за прекувремена работа наместо „Канада ппост“ да се потпира на надворешни работници.
Синдикатот сака зголемување на платите за 24 отсто во следните четири години, што е значително повисоко од зголемувањето од 11,5 проценти предложено од „Канада пост“. Дополнително, темите на преговорите се однесуваат на бенефиции, боледување, услови за работа и безбедност.
Canada Post employee explains why they are striking and has no remorse! pic.twitter.com/XD2kPMSCjp
— Real Toronto News (@RTNCanada) November 19, 2024
„Нашите барања се разумни: правични плати, безбедни услови за работа, право на достоинствена пензија и проширување на услугите во јавната пошта“, велат од Синдикатот.
Еден вработен во поштата објасни зошто штрајкуваат и што точно сакаат:
„Здраво на сите, денеска штрајкуваме во пошта и не се откажуваме. Ги сакаме сите пари. Затоа, ако не ни ги дадете нашите пари, нема да ви доставуваме пакети. Ние штрајкуваме и одбиваме да ви доставиме пакети, не ни е гајле“, рече тој.
Генералниот штрајк, кој почна во петокот, ги запре испораките на пошта и пакети во целата земја, вклучително и испорака на банкарски картички и изводи, нови пасоши и нарачки за купување преку интернет – сето тоа додека луѓето во Канада се подготвуваат и купуваат подароци за претстојната празнична сезона. Поради сериозноста на ситуацијата, канадската влада назначи специјален посредник, кој треба да им помогне на двете страни да постигнат договор.
Последен пат канадските поштенски работници штрајкуваа во октомври 2018 година. Тогаш ротирачките штрајкови траеја повеќе од еден месец пред владата да донесе закон со кој се бара од вработените да се вратат на работа. Целиот штрајк ја чинеше „Канада пост“ околу 135 милиони канадски долари (91,7 милион евра), а до каде ќе пораснат загубите со последниот штрајк, останува да се види.
Свет
Јапонија: Ја следиме воената активност на Кина и ќе спречиме нарушување на нашиот воздушен простор
Јапонските власти рекоа дека внимателно ќе следат дали Кина го исполнила ветувањето оти ќе спречи понатамошно нарушување на воздушниот простор на Јапонија откога објаснија дека упадот на кинески воен авион пред речиси три месеци бил ненамерен.
Токио протестира и побара објаснување од Пекинг откога кинескиот извидувачки авион „И-9“ на 26 август накратко навлезе во воздушниот простор на Јапонија кај главниот остров Кјушу поради што јапонската војска подигна борбени авиони.
Кабинетот на премиерот објави дека Кина го признала прекршувањето на воздушниот простор и ја уверила Јапонија дека ќе направи напори да спречи повторување.
„Го земаме предвид кинеското објаснување и отсега внимателно ќе ја следиме кинеската воена активност“, изјавија тие.
Кина соопшти дека прекршувањето на воздушниот простор се случило кога пилотот на авионот презел итни мерки како одговор на турбуленциите во областа и дека тоа не било намерно, соопшти јапонското Министерство за надворешни работи. Јапонските власти не открија други детали.
Иако авионите може да се најдат во турбулентни услови, толку значително отстапување од патеката на летот е незамисливо, изјавија јапонските власти.
Телевизијата NHK објави дека јапонските одбранбени претставници рекле дека сè уште го сметаат нарушувањето на воздушниот простор за неприфатливо бидејќи тоа е сериозно нарушување на територијалниот суверенитет.
Претставниците на Токио се загрижени поради зголемената воена активност на Кина околу југозападните води и воздушниот простор на Јапонија. Ова доведе до тоа Токио значително да ја зајакне својата одбрана во областа, која се смета за клучна за стратегијата за одбрана на Јапонија.
Јапонија е загрижена и за воените активности на Кина, Русија и Северна Кореја, пренесуваат медиумите.
Регион
Владимир Кецмановиќ ја негира вината за малтретирање и запоставување на својот син: продолжува судењето за случајот „Рибникар“
Во Вишиот суд во Белград, денеска, со излагање на одбраната продолжи судењето на Милјана и Владимир Кецмановиќ, родителите на момчето, кое на 3 мај минатата година уби девет врсници и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Како што пренесуваат белградските медиуми, Владимир Кецмановиќ негира дека сторил кривично дело злоупотреба и запуштање малолетно дете за што тој и неговата сопруга беа обвинети од Вишото јавно обвинителство во Белград.
Тој одби да одговори на прашањата на обвинителите и адвокатите.
Судијата направи пауза по што судењето продолжува. По него, за новото обвинение треба да сведочи и Милјана Кецмановиќ.
Обвинителството го прошири обвинителниот акт со кој Владимир Кецмановиќ се товари за кривично дело тешко дело против општата безбедност, а мајката за кривично дело недозволено држење и носење оружје, јавува „Танјуг“.
Милјана Кецмановиќ во судот пристигна од слобода, а нејзиниот сопруг беше изведен од притвор, каде што се наоѓа од апсењето на 3 мај минатата година.
Проширениот обвинителен акт следува по распитот на малолетниот сторител на убиството на К. К. Во овој случај им се суди на родителите на момчето, Владимир и Милјана Кецмановиќ, и на инструкторот на стрелиштето, Немања Маринковиќ, кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.