Свет
Хезболах има складирано експлозиви во цела Европа
Хезболах прошверцувал експлозиви, вклучително и амониумнитрат во Европа, каде што има мрежа од складишта, обелодени во четвртокот вечерта од висок службеник на американскиот Стејт департмент, пренесува „Нејшнел“.
Складиштата, отворени во цела Европа од 2012 година, содржат амониумнитрат – истата хемикалија што ја предизвика уништувачката експлозија на 4 август во Бејрут, во која загинаа најмалку 190, а беа ранети повеќе од 6.500.
„Денес, американската влада открива нови информации за присуството на Хезболах во Европа“, рече Нејтан Сејлс, координатор за борба против тероризмот во американскиот Стејт департмент.
„Од 2012 година Хезболах складира резерва од амониумнитрат во цела Европа транспортирајќи комплети за прва помош што ја содржат оваа супстанција. Денес може да обелоденам дека ваквите товари се префрлени преку Белгија во Франција, Грција, Италија, Шпанија и во Швајцарија“.
Амониумнитратот најчесто се користи во индустријата и во земјоделството како ѓубриво и послаб експлозив. Но, во големи количини, како што беше случај со експлозијата во пристаништето во Бејрут, тој може да предизвика пустош – 2.750 тони амониумнитрат ја предизвикаа, како што се верува, најсилната ненуклеарна експлозија во светот.
„Можам да посочам и дека се откриени или уништени значителни количества амониумнитрат во Франција, Грција и во во Италија. Имаме причини да веруваме дека оваа активност е сè уште во тек. Од 2018 година сè уште постои сомнеж дека се чува амониумнитрат во цела Европа, веројатно во Грција, Италија и во Шпанија“, рече Сејлс.
Американскиот висок службеник не откри како се добиени информациите, но се чинеше уверен дека Хезболах го чува овој материјал во цела Европа, па дури и Велика Британија.
„Ние знаеме дека Хезболах има складирано огромни количини амониумнитрат во цела Европа. САД повикаа на целосна, отворена и транспарентна и темелна истрага за експлозијата во Бејрут и се надеваме дека набргу ќе ги видиме резултатите од тоа“, рече тој.
Сејлс рече дека Хезболах ја чува супстанцијата за некој иден терористички напад.
„Го складираат ова оружје за да може да извршат големи терористички напади секогаш кога нивните господари во Техеран сметаат дека е потребно. Тое не е нешто што би го очекувале од политичка организација, туку од терористичка организација“, рече тој.
Американската влада ги повика европските влади да стават крај на правењето разлика меѓу политичкото и военото крило на Хезболах и да ја означат целата организација како терористичка група. Велика Британија, Германија, Холандија и Литванија веќе го сторија тоа, а ЕУ и Франција сè уште прават разлика меѓу двете крила.
„Продолжуваме да го сметаме Хезболах за закана не само за САД туку и за нашите европски сојузници. И затоа го обновуваме нашиот повик за повеќе земји да ја означат групата како целина и ЕУ да го прошири своето означување од 2013 година и на т.н. воено крило за да стигне до целата организација“, рече Сејлс.
Сејлс посочи дека експлозијата на 4 август во Бејрут е ужасен и жив потсетник за тоа колку може да биде смртоносен амониумнитратот. Тој ја повика либанската влада да спроведе непристрасна и транспарентна истрага за експлозијата во пристаништето.
Хезболан, либанските власти и европските влади не ги коментираа американските наводи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Полска: Ние сме лојални сојузници на Америка, но нема да бидеме наивни
Соединетите Американски Држави остануваат најважниот воен партнер на Полска, а Варшава беше и ќе остане лојален сојузник, но нема да биде наивна, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во денешното обраќање пред парламентот.
Неговите изјави го одразуваат деликатниот чин на балансирање што проевропската влада на премиерот Доналд Туск мора да го изврши за да одржи силен трансатлантски однос што го сметаат за клучен за националната безбедност во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги поткопува старите темели на европската безбедност, истакнува Ројтерс.
„Ги гледаме промените во САД со разбирање, но и со загриженост“, им рече Сикорски на пратениците.
„Ние бевме и ќе продолжиме да бидеме лојален сојузник на Америка. Но, не смееме да бидеме будали“, рече тој.
Сикорски, исто така, ја повика Европа да преземе поголема одговорност за својата безбедност и ја нагласи улогата на европското единство.
„Или ќе останеме обединети или ќе бидеме проголтани“
„Заканата за суверенитетот и безбедноста на Република Полска доаѓа од една насока – од исток, а не од запад. Или ќе останеме обединети или ќе бидеме проголтани од поголеми сили“, рече Сикорски.
Полскиот министер додаде дека одбраната на источниот крило на НАТО од евентуална руска агресија би чинело најмалку 1,2 трилиони евра, 24 пати повеќе од буџетот за одбрана на Полска, што укажува дека финансиската и воената помош што ѝ се дава на Украина е далеку помала од веројатните трошоци за каква било потенцијална војна меѓу Русија и НАТО.
Иако сите страни од полскиот политички спектар ги сметаат САД за најважен гарант на полската безбедност, членовите на владата на Туск го критикуваа Трамп.
Фото: Depositphotos
Свет
Орбан: Испратете мисија на ЕУ за утврдување факти за проверка на гасоводот „Дружба“
Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, вчера побара од ЕУ „мисија за утврдување факти“ за да ја процени штетата на гасоводот „Дружба“ во Украина и посочи дека тоа би можело да помогне во деблокирањето на новите средства на ЕУ за Украина, објави „Ројтерс“.
„Унгарија ја поддржува идејата за мисија за утврдување факти со учество на експерти делегирани од Унгарија и Словачка за проверка на ситуацијата на гасоводот Дружба“, рече Орбан во писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, кое Ројтерс го виде.
Орбан рече дека е свесен за политичките тешкотии предизвикани од одложувањето на големиот заем од ЕУ за Украина.
„Мојата иницијатива, исто така, има за цел да го олесни временскиот рок за решавање на ова прашање“, се вели во писмото. Унгарија оваа недела блокираше нови санкции кон Русија и заем за Украина како одговор на прекинот на протокот на нафта низ Дружба.
Украина тврди дека цевководот сè уште не е поправен по штетите предизвикани кон крајот на јануари. Испораките на руска нафта до Унгарија и Словачка беа прекинати на 27 јануари, кога, според Киев, опремата на нафтоводот во западна Украина беше оштетена во руски напад. Словачка и Унгарија тврдат дека Украина е виновна за речиси едномесечниот прекин.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави за време на посетата на Киев во вторник, по повод четвртата годишнина од руската инвазија, дека ЕУ бара од Украина да ги забрза поправките.
„Поправката на цевководот Дружба, кој транспортира руска нафта во Источна Европа, не може да се заврши брзо и покрај барањата на Европската Унија и протестот на Унгарија“, изјави вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Унгарија го обвини Киев за намерно одложување на повторното пуштање во употреба на гасоводот, главна рута за испорака на руска нафта во Унгарија и Словачка од 1960-тите, кој продолжи да работи и покрај војната.
Фото: Depositphotos
Свет
Русија: На Украинците им предадовме тела на илјада војници, тие ни ги предадоа 35
Русија ѝ ги предаде на Украина останките на илјада украински војници, а за возврат ги прими телата на 35 руски војници, изјави советникот на Кремљ, Владимир Медински.
„Телата на 1.000 убиени украински војници ѝ се предадени на Украина. Русија за возврат ги прими телата на 35 руски војници“, објави советникот и преговарач на Кремљ, Владимир Медински, на Телеграм.
Размената на останки на борци е една од ретките области на соработка меѓу Москва и Киев од почетокот на големата офанзива на Русија против соседната земја, која влезе во својата петта година во вторник. Медински го придружи соопштението со фотографија од луѓе во бели заштитни одела кои носат вреќи за тела од камион-ладилник.
Соопштението доаѓа пред разговорите во Женева меѓу украинскиот преговарач Рустем Умеров и претставниците на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, за подготовка на нови трилатерални разговори со Русија што треба да се одржат на почетокот на март.
Се очекува економскиот советник на Кремљ, Кирил Дмитриев, исто така, да се сретне со Виткоф и Кушнер во Женева.
Вашингтон се залага за крај на војната во која загинаа и беа ранети стотици илјади луѓе и предизвика масовно уништување во Украина. Но, разговорите се заглавени, главно затоа што Москва бара од Киев да отстапи територија, што Украина одбива да го стори.
Фото: Depositphotos

