Свет
Хеликоптерот со кој патуваат Трамп и Меланија принудно слета: пренасочен поради техничка грешка
Хеликоптерот на американскиот претседател Доналд Трамп изврши непланирано слетување на аеродромот „Лутон“ кон крајот на неговата државна посета на Обединетото Кралство. Пренасочувањето се должеше на мала техничка грешка, но Трамп безбедно го продолжи своето патување, објави „Би-би-си њуз“.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, потврди дека леталото слетало поради мал хидрауличен проблем. Одлуката за слетување беше донесена како мерка на претпазливост, а претседателот и првата дама безбедно се качија во друг хеликоптер по што го продолжија своето патување до аеродромот „Станстед“, каде што пристигнаа со дваесетина минути задоцнување.
Ова се специјално адаптирани летала познати како „бели врвови“ поради нивната карактеристична боја. Хеликоптерот во кој патува Трамп е означен како „марин уан“. Опремен е со најсовремени системи, вклучувајќи ракетна одбрана, радарски блокирачи и електроника што може да издржи електромагнетен пулс од нуклеарна експлозија. Од безбедносни причини „марин уан“ речиси секогаш лета со неколку идентични хеликоптери, кои дејствуваат како мамки, според написите.
Воздушна придружба и обезбедување
Претседателската формација обично е придружена од два до три авиони MV-22 Osprey, познати како „зелени врвови“. Овие авиони со навалувачки ротор ја комбинираат способноста за вертикално полетување на хеликоптер со брзината на авион. Тие носат помошен персонал, специјални сили и агенти на Тајната служба, задолжени за решавање каква било кризна ситуација.
Втора државна посета на Обединетото Кралство
Трамп го користеше хеликоптерот во текот на својата втора државна посета на Обединетото Кралство. По пристигнувањето во вторникот вечерта, тој беше однесен од аеродромот „Станстед“ до Винфилд Хаус, официјалната резиденција на американскиот амбасадор во Лондон. Следниот ден претседателот и првата дама го посетија замокот Виндзор, каде што се сретнаа со кралот и кралицата. Во четвртокот тој патуваше со хеликоптер „марин уан“ од Виндзор до Чекерс на разговори со британскиот премиер Кир Стармер.
На заедничка прес-конференција во Чекерс, Трамп и Стармер се осврнаа на низа теми, од војната во Украина и Газа до нелегалната миграција. Трамп посочи дека Велика Британија би можела да се справи со проблемот со миграцијата со помош на армијата. Тој исто така потврди дека има несогласување со премиерот за прашањето за палестинската државност, што Стармер планира да го признае пред Генералното собрание на ОН следната недела во Њујорк.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прво огласување на кралот Чарлс по апсењето на Ендру
Британскиот крал Чарлс се огласи по апсењето на својот брат и поранешен принц Ендру.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за поранешниот принц Ендру Маунтбатен Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавна функција. Она што сега следи е целосен, фер и правилен процес за соодветно истражување на ова прашање и од страна на надлежните органи. Во ова, како што реков, тие ја имаат нашата целосна и безусловна поддршка и соработка. Да бидам јасен: законот мора да си го направи своето. Додека овој процес продолжува, не би било соодветно да коментирам понатаму. Во меѓувреме, моето семејство и јас ќе продолжиме да ја извршуваме нашата должност и да ви служиме на сите вас. Чарлс Р.“, изјави тој.
Свет
Стармер: Никој не е над законот
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и САД во врска со „скандалот“ околу осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека „никој не е над законот“.
Во интервју за Би-Би-Си, Стармер рече дека секој што има релевантни информации има обврска да се јави кај властите.
„Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без разлика дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган“, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња.
Стармер истакна дека еден од основните принципи на британскиот систем е дека сите се еднакви пред законот.
„Никој не е над законот. Тоа е долгогодишен и многу важен принцип на нашето општество и мора да се примени во овој случај на ист начин како и во секој друг“, рече тој.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.

