Свет
Холандија им нуди 900 евра на Сиријците доброволно да се вратат во својата земја, Данска нуди 27.000 евра

Холандската влада им понуди на сириските граѓани 900 евра во готовина за доброволно враќање во својата земја, што е речиси двојно повеќе од максималниот износ од 500 евра во готовина, што обично им се дава на барателите на азил за доброволно заминување, објавија холандските медиуми.
За возврат Сиријците мора да потпишат изјава за повлекување на барањето за азил или враќање на дозволата за привремен престој, пишува „НЛ тајмс“.
Враќање во Холандија по ова не е можно, пишува холандскиот портал.
Додека многу земји членки на ЕУ разговараат за доброволно враќање на бегалците во нивната татковина, некои веќе воведоа конкретни мерки за поттикнување на овој процес, наведува „Геополитика“.
Австрија направи преседан нудејќи 1.000 евра на секој Сириец што ќе се согласи да се врати.
Данска отиде чекор понатаму нудејќи значителни финансиски стимулации – 27.000 евра за возрасни и 6.700 евра за дете – за доброволно враќање во Сирија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Бели дробови од свиња трансплантирани на човек во Кина

Првпат во историјата хирурзи во Кина успешно трансплантираа бели дробови од генетски модифицирана свиња во човек, што претставува огромен чекор во децениските истражувања за ксенотрансплантација – трансплантација на органи помеѓу разни видови.
Научниците од Медицинскиот универзитет „Гуангжу“ во Кина велат дека нивната работа е првиот документиран пример за трансплантација на бели дробови од разни видови.
Белите дробови беа трансплантирани на 39-годишен маж, кој клинички беше прогласен за мозочно мртов по мозочен удар. Органот остана функционален девет дена демонстрирајќи го потенцијалот за идна употреба на свински бели дробови кај луѓето.
Ова истражување покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста во човечкото тело, иако употребата на животински органи кај живи пациенти е веројатно сè уште оддалечена децении, објавува „Дејли мејл“.
Белите дробови на кинеската свиња бама сјанг беа генетски модифицирани со CRISPR-технологијата за да се отстранат антигените што би можеле да предизвикаат отфрлање од страна на човечкиот имунолошки систем. CRISPR е иновативен, но контроверзен метод, што прави прецизни сечења во ДНК, а потоа користи природни процеси на поправка на ДНК за да ги модифицира гените на посакуваниот начин.
Потоа белите дробови на свињата биле трансплантирани кај човек што бил прогласен за мозочно мртов. Ваквите пациенти законски се сметаат за починати, иако машината за дишење ги одржува срцето и белите дробови во функција.
Имунолошкиот систем на примателот не ги отфрлил веднаш свинските бели дробови, но знаци на оштетување биле забележани уште 24 часа по трансплантацијата, а знаци на отфрлање органи се појавиле на третиот и на шестиот ден. Поради ова, експериментот бил прекинат на деветтиот ден.
Резултатите објавени во стручното списание Nature Medicine покажуваат дека ксенотрансплантацијата на белите дробови не е невозможна.
„Нашата студија покажува дека свинските бели дробови може да ги одржат виталноста и функционалноста кај примателите со мозочна смрт до 216 часа“, велат научниците.
Оваа техника е дел од поширок тренд во медицината, каде што бубрегот, срцето и црниот дроб на свињите претходно биле трансплантирани на луѓе, а примателот на свинскиот орган живеел најдолго, 60 дена, со генетски модифициран бубрег.
Белите дробови се особено тешки за трансплантација поради големата изложеност на надворешен воздух и крв, што ги прави подложни на имунолошки напад и инфекции. Сепак, анатомската сличност помеѓу свињите и луѓето го прави овој вид истражување многу ветувачки.
Научниците истакнуваат дека ова истражување е важен чекор кон решавање на глобалниот недостиг на органи и го отвора патот за идните клинички промени кај пациенти на кои им се потребни бели дробови. Понатамошната работа ќе се фокусира на оптимизација на имуносупресивната терапија, дополнителна генетска модификација и стратегии за зачувување органи, со цел да се овозможи трансплантација кај живи пациенти, пренесува медиумот.
Свет
Руски научници развија ново соединение за борба против ракот

Експерти од Државниот универзитет во Мари и Федералниот истражувачки центар „Уфа“ при Руската академија на науките развија ново хемиско соединение што би можело да стане основа за создавање иновативни лекови против тумори, објави Министерството за наука и образование на Русија.
Ова соединение дејствува селективно на туморските клетки, речиси без да ги оштети здравите клетки, а неговата молекуларна структура комбинира фенотијазинска и трифенилфосфониумска група.
Благодарение на оваа комбинација соединението ја таргетира слабата точка на туморските клетки – митохондриите и ја нарушува нивната работа, објавува „РИА новости“.
„Резултатите од истражувањето покажаа дека новото соединение ефикасно го потиснува растот на разни малигни клетки, вклучувајќи рак на црниот дроб, аденокарцином на белите дробови, колоректален карцином и леукемија. Активноста се манифестира дури и при ниски концентрации, што го прави соединението особено ветувачко за развој на лекови“, рече Константин Белослудцев, доктор по биолошки науки и проректор за иновации на Државниот универзитет во Мари, објавува „Танјуг“.
Како дополнителна предност, Белослудцев ја истакна едноставноста на синтезата на соединението, што овозможува негово производство во доволни количини за претклинички и клинички испитувања. Овие студии се спроведени во рамките на програмата „Приоритет 2030“, пренесува медиумот.
Свет
Стаб: Се надевам дека кај Трамп набргу ќе го снема трпението за Путин

Финскиот претседател Александар Стаб денес изјави дека се надева дека трпението на американскиот претседател Доналд Трамп со рускиот претседател Владимир Путин наскоро ќе исчезне и додаде дека европските земји ќе продолжат да се залагаат за траен мир во Украина.
Според него, единствениот начин да се принуди Путин да ја заврши војната во Украина е преку неговите сојузници, со проценка дека оние кои можат да го убедат рускиот претседател да постигне примирје се на Истокот, објавува „ Ile“.
Финскиот претседател, исто така, рече дека го предупредил Трамп дека Путин користи „типични руски тактики на одложување“ за да избегне средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фото: принтскрин