Свет
Хонг Конг ги призна истополовите партнерства, но не ги одобри хомосексуалните бракови
Апелацискиот суд во Хонг Конг денеска пресуди во корист на животното партнерство на истополовите парови, но не им даде право на брак. Апелацискиот суд оцени дека владата ја прекршува „својата обврска законски да ги признава истополовите парови“, се наведува во образложението на одлуката.
Судот, сепак, едногласно го отфрли повикот да се признае правото на истополовите парови да стапат во брак.
ЛГБТ-заедницата во Хонг Конг долго ја чекаше оваа судска одлука откако претходно имаше значајни победи во судовите поништувајќи ја дискриминаторската политика на владата за визите, даноците и субвенционираното домување. Овој последен случај беше инициран од продемократскиот активист Џими Шам, кој моментно е во притвор.
Кога ја почна правната битка во 2018 година, 36-годишниот Шам не успеа во две претходни пригоди да ги убеди судиите дека Хонг Конг треба законски да го признае неговиот брак со истополов партнер, склопен во 2013 година во САД. Според една минатогодишна анкета, 60 отсто од жителите на Хонг Конг ги поддржуваат истополовите бракови, што е повеќе од 38 отсто пред една деценија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кремљ: Нападот врз резиденцијата на Путин е терористички чин за да се спречат преговорите
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин водат и продолжуваат дијалог заснован на доверба, и покрај провокациите од Киев, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
„Обидот на Киев да ја нападне резиденцијата на Путин е терористички чин со цел да се попречи преговарачкиот процес“, рече Песков, јавува РИА.
Тој негирањето од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека украински дронови го извеле нападот, го нарече „лудо“.
„Москва гледа дека Зеленски и многу западни медиуми кои се ‘вградуваат’ во Киев се обидуваат да го негираат нападот врз резиденцијата на Путин“, изјави Песков.
Тој нагласи дека нападот бил неутрализиран благодарение на руската противвоздушна одбрана.
„Се разбира, гледаме дека самиот Зеленски се обидува да го негира ова, а многу западни медиуми, играјќи на страната на киевскиот режим, почнуваат да шират приказна дека тоа не се случило“, рече Песков, додавајќи дека Кремљ не смета оти е потребен било каков доказ за да се потврди дека нападот се случил.
Според неговите зборови, нападот врз резиденцијата бил насочен и кон Трамп и неговите обиди да го реши конфликтот во Украина.
Песков додаде дека дипломатските последици од нападот ќе резултираат со заострување на руската преговарачка позиција.
Тој одби да одговори на новинарско прашање каде се наоѓал Путин за време на нападот.
„Во сегашните услови, оваа тема не е предмет на јавна дискусија“, рече Песков.
Тој нагласи дека Русија, и покрај нападот, останува во преговарачкиот процес за Украина и продолжува со дијалогот, пред сè со Соединетите Американски Држави.
Свет
Туск вели дека постојат надежи за завршување на војната во Украина во блиска иднина
Европските лидери велат дека мировниот процес за Украина напредува по новите консултации одржани утрово.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц објави на социјалните мрежи дека е одржана уште една рунда консултации со европските и канадските партнери.
„Го унапредуваме мировниот процес. Сега ни треба транспарентност и чесност од сите – вклучително и од Русија“, рече Мерц.
Полскиот премиер Доналд Туск зборуваше слично, велејќи дека мирот е на хоризонтот и дека постојат причини да се надеваме дека војната би можела да заврши во блиска иднина.
Фото: Depositphotos
Свет
Лавров: Западот мора да разбере дека Русија има стратешка иницијатива во војната
Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, изјави дека Западот мора да го прифати фактот дека руските сили ја имаат „стратешката иницијатива“ во војната во Украина, повторувајќи дека ставот на Москва за конфликтот не е променет.
Во интервју за руската државна новинска агенција РИА, Лавров рече дека Русија верува дека добила предност на бојното поле.
„Нашата принципиелна позиција останува непроменета. Стратешката иницијатива е целосно на страната на руската армија и Западот го разбира тоа“, рече тој.
Лавров додаде дека, според него, американската администрација го поддржала предлогот за одржување нови избори во Украина.
„Американската администрација спроведува активна и насочена медијациска работа“, рече тој, осврнувајќи се на контактите и разговорите меѓу Вашингтон и Москва.
Зборувајќи за односите меѓу двете нуклеарни сили, Лавров нагласи дека САД и Русија „носат одговорност за зачувување на меѓународниот мир и безбедност“.
Тој исто така рече дека Москва сè уште чека официјален одговор од Вашингтон на предлогот на рускиот претседател Владимир Путин за замрзнување на ограничувањата од Новиот СТАРТ договор за нуклеарно оружје. Сепак, предупреди дека не треба да се брза со заклучоци.
„Додека истекува договорот, логично е да ѝ се даде можност на американската страна да спроведе сеопфатна анализа на иницијативата на претседателот Путин за доброволно едногодишно замрзнување на квалитативните ограничувања на Новиот СТАРТ договор“, рече Лавров.
Новиот СТАРТ договор стапи на сила на 5 февруари 2011 година. Со него, Соединетите Американски Држави и Русија ја презедоа обврската да го ограничат стратешкото офанзивно нуклеарно оружје.
Според американскиот Стејт департмент, двете земји ги исполниле клучните обврски до февруари 2018 година и оттогаш се придржуваат до пропишаните ограничувања, кои вклучуваат: до 700 распоредени интерконтинентални балистички ракети, балистички ракети лансирани од подморници и тешки бомбардери со нуклеарно оружје, максимум 1.550 нуклеарни боеви глави на распоредени системи и максимум 800 распоредени и нераспоредени ракетни лансери и тешки бомбардери.
фото/депозитфотос

