Свет
Хутите: Американските и британските воздушни напади нема да останат без одговор
Јеменските бунтовници, проиранските Хути, денеска изјавија дека американските и британските воздушни напади „нема да останат без одговор“, пренесоа американските медиуми.
Авионите „тајфун“ и „војаџер“ на британските воздухопловни сили (РАФ) денеска се вратија во базата Акротири на Кипар откако извршија воздушни напади врз воени цели на Хутите во Јемен, јавува Си-ен-ен.
„Американските и британските воздушни напади извршени во текот на изминатата ноќ нема да останат без одговор“, изјави портпаролот на јеменската бунтовничка група на својот профил на Х и потврди дека американските и британските авиони денеска нападнале четири провинции и извршиле вкупно 18 воздушни напади.
Портпаролот рече дека биле извршени 12 воздушни напади врз цели во главниот град Сана, три врз градот Ходеида, два врз Таиз и еден врз Ал-Бајд.
Денешните напади на воени авиони на САД и Велика Британија се осми бран напади врз инфраструктурата на јеменските бунтовници за нешто повеќе од 10 дена, се вели во заедничката изјава на американските и британските сили.
На 11 јануари САД и Велика Британија почнаа напади врз повеќе од 60 воени цели на Хутите на 28 локации во Јемен.
Тоа беше првиот американски воен одговор на нападите што Хутите почнаа да ги вршат на трговските бродови во Црвеното Море како поддршка на палестинската милитантна група Хамас во нејзината војна против Израел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Големи поплави во Авганистан, бројот на загинати расте
Три авганистански провинции се погодени од разорни поплави, соопштија денеска властите, додавајќи дека најмалку 153 лица загинале.
Провинцијата Баглан го сноси најголемиот дел од катастрофата. Официјалните лица се обидуваат да го утврдат точниот број на жртви, а Министерството за внатрешни работи соопшти дека има најмалку 153 загинати, а уште 100 лица се повредени.
Официјални лица во соседната провинција Тахару објавија повеќе од 20 смртни случаи, додека провинцијата Бадакшан потврди два смртни случаи и две исчезнати лица. Поплавите предизвикаа уништување на имотот и земјоделството во сите погодени подрачја.
#Afganistan’ın kuzeybatısında bulunan Bağlan vilayetinde şiddetli yağışlar nedeniyle meydana gelen sel felaketinde, 5 yerleşim yeri sular altında kaldı.
⚫️ İlk belirlemelere göre en az 33 can kaybı yaşanırken, 60 kişi yaralandı. pic.twitter.com/5gNEJKW2BK
— Afroasya Today (@afroasyatoday) May 10, 2024
Авганистанското Министерство за здравство во соопштение потврди дека телата на жртвите се пренесени во регионалните болници, но ги нагласи тековните напори за утврдување на точниот број на жртви, бидејќи размерите на човечките загуби остануваат нејасни.
Спасувањето е отежнато поради непристапноста на погодените подрачја. Испраќањето на копнени спасувачки тимови се покажа неуспешно, што го натера авганистанското Министерство за одбрана да распореди хеликоптери за операции за пребарување и спасување, како и за транспорт на потенцијални жртви.
Жителите на Баглан ги окарактеризираа поплавите како поголеми од сите претходни.
Авганистан веќе некое време постојано е зафатен од поплави. На почетокот на неделата имаше загинати и разурнувања во делови од земјата по обилните врнежи. Најмалку 70 луѓе ги загубија животите во поплавите минатиот месец.
Експертите ја обвинуваат климатската криза. По децении војни и конфликти, земјата едвај има средства да ги ублажи ефектите од климатските промени.
Свет
Руското Министерство за одбрана тврди: Руската армија презеде контрола над пет населени места во регионот Харков
Руската армија ја презеде контролата врз населбите Борисовка, Огурцово, Плетенјовка, Пиља и Стрелечја во областа Харков, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
„Армиските единици од групата ‘Север’ ги ослободија населените места како резултат на акциите“, соопшти Министерството, пренесува „РИА Новости“.
Дополнително, се додава дека руската единица поразила четири украински бригади.
„Загубите на непријателот во еден ден изнесуваат 170 војници, три оклопни борбени возила и четири други возила“, нагласуваат од руското Министерство за одбрана.
Исто така, армијата уништила неколку парчиња украинско тешко оружје, посочува Москва.
Украинската страна не ги коментираше овие наводи.
Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека продолжуваат одбранбените битки во регионот Харков против обидите на руските сили да извршат офанзивни акции и да напредуваат подлабоко на територијата на Украина.
Руските сили вчераутро се обиделе да ја пробијат одбранбената линија на украинската армија во областа Харков, а биле испратени резервни единици за зајакнување на одбраната во тој сектор на фронтот, наведува Униан.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно изјави дека руските трупи се обиделе да ги прошират операциите против Украина во регионот Харков.
Врховниот командант на вооружените сили на Украина, Олександр Сирски, синоќа до Зеленски поднесе извештај за состојбата на фронтот, одбраната и зајакнувањето на позициите, особено во регионот Харков и во правец на Часово Јар.
Свет
Тешка несреќа во Аргентина: Најмалку 90 лица се повредени во судир на воз и локомотива
Најмалку 90 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, соопштија локалните власти.
Возот вчера се движел од Буенос Аирес кон северните предградија кога излетал од шините околу 10:30 часот на мост во населбата Палермо, соопштија безбедносните служби, пренесе „АП“. Во судирот оштетен е првиот вагон од патничкиот воз.
На местото на настанот им била укажана помош на десетици повредени, а 30 лица се префрлени во болници во умерена и тешка состојба, додека најмалку двајца биле пренесени со хеликоптер со повреди на градниот кош и скршеници на коските.
Иако сè уште не е познато зошто празниот вагон бил на пругата, аргентинскиот железнички синдикат соопшти дека од железницата е украден неколку метри бакарен кабел што се користи за пренос на електрична енергија по пругата, што го оневозможува сигналниот систем наменет да спречи такви несреќи. Обвинителите соопштија дека започнале истрага.
Официјални лица од аргентинската железничка управа Тренес Аргентинос соопштија дека сообраќајот на популарната железничка линија е прекинат. Лидерите на синдикатот кои жестоко се спротивставија на економското штедење на либералниот претседател Хавиер Милеи, ја обвинија владата за неуспехот да инвестира во јавната инфраструктура.
Судирот доведе до зголемена контрола на безбедноста на железницата во Аргентина, каде што во серија железнички несреќи од 2012 до 2014 година загинаа повеќе од 50, а беа повредени стотици луѓе.