Свет
Цело семејство загина во пожар поради мобилен телефон во Шпанија, немале време да побегнат
Семејство трагично загина во пожар во Шпанија кој настанал од експлозија и горење на батерија на мобилен телефон кој се полнел на каучот.
Семејството трагично загинало откако останало заробено во пожарот во куќата. Станува збор за Хозе Антонио Рендон (47), неговата сопруга Антонио Идалго (56) и нивните двајца синови, Хозе Антонио (20) и Адријан (16).
Нивните соседи очајно се обидувале да ги спасат, но прозорците и вратите од куќата биле опремени со решетки за дополнителна безбедност. Локалните жители изјавија дека ги слушнале нивните повици за помош додека чадот ја зафатил терасата во Севиља.
Полицијата подоцна потврди дека причината за пожарот е поврзана со телефонот кој се полнел на каучот.
Како одговор на трагедијата, градското собрание прогласи тридневна жалост.
Според извештаите, соседите забележале дека нешто не е во ред веднаш по 8 часот утрото во неделата. Се претпоставува дека жртвите сè уште спиеле и немале време да избегаат поради дополнителните безбедносни мерки кои биле воведени во куќата. Телото на продавачот на овошје, Хозе Антонио, било пронајдено на катот, заедно со телото на неговата сопруга, додека нивните деца биле долу кога пожарникарите конечно успеале да влезат во куќата.
Портпаролот на Цивилната гарда во Севиља изјави: „Заклучивме дека пожарот бил предизвикан од експлозија на батеријата на мобилниот телефон што се полнел на приземјето, на каучот“.
„Секоја неочекувана смрт е драматична, но во овој случај многу повеќе поради околностите и фактот што четири члена од исто семејство ги загубија животите, двајца родители и нивните деца на возраст од 16 и 20 години“, изјави градоначалникот, Лоренцо Медина, за време на посетата на местото на трагедијата.
Еден пријател оддаде емотивна почит на Фејсбук.
„Хозе Антонио Рендон, Тони Идалго и нивните деца Хозе и Адријан. Колку е тажно што гледам како заминавте на таков трагичен начин! Нашите срца се скршени и нема зборови со кои може да се опише болката. Сигурен сум дека вашите души ќе бидат посреќни во прекрасното место каде што сите одиме на крајот од нашето прво патување, ова не е збогум, туку „се гледаме подоцна“, иако е тажно збогување“.
Неделниот пожар е втор најсмртоносен пожар во станбени простории во Шпанија оваа година. Во февруари, катастрофален пожар во два станбени блока во Валенсија уби 10 луѓе, а однесе животи на речиси 100 домашни миленици.
Во септември 2019 година, 14-годишната Алуа Асеткизи Абзалбек починала во сон, откако нејзиниот мобилен телефон, кој се полнел, и експлодирал на перницата додека спиела дома во Бастобе, Казахстан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прво огласување на кралот Чарлс по апсењето на Ендру
Британскиот крал Чарлс се огласи по апсењето на својот брат и поранешен принц Ендру.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за поранешниот принц Ендру Маунтбатен Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавна функција. Она што сега следи е целосен, фер и правилен процес за соодветно истражување на ова прашање и од страна на надлежните органи. Во ова, како што реков, тие ја имаат нашата целосна и безусловна поддршка и соработка. Да бидам јасен: законот мора да си го направи своето. Додека овој процес продолжува, не би било соодветно да коментирам понатаму. Во меѓувреме, моето семејство и јас ќе продолжиме да ја извршуваме нашата должност и да ви служиме на сите вас. Чарлс Р.“, изјави тој.
Свет
Стармер: Никој не е над законот
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и САД во врска со „скандалот“ околу осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека „никој не е над законот“.
Во интервју за Би-Би-Си, Стармер рече дека секој што има релевантни информации има обврска да се јави кај властите.
„Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без разлика дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган“, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња.
Стармер истакна дека еден од основните принципи на британскиот систем е дека сите се еднакви пред законот.
„Никој не е над законот. Тоа е долгогодишен и многу важен принцип на нашето општество и мора да се примени во овој случај на ист начин како и во секој друг“, рече тој.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.

