Свет
Четворица мажи во Индија егзекутирани поради силувања
Четворица мажи осудени на смртна казна поради групно силување и убиство на жена во автобус во Њу Делхи во 2012 година, денеска се егзекутирани со бесење.
Со тоа е заклучен случајот, кој откри голем обем на сексуални насилства во Индија и ги поттикна Индијците да бараат побрза правда.
Егзекутираните релативно бргу излегле пред судот и биле прогласени за виновни и осудени речиси една година по извршувањето на злосторството.
Највисокиот индиски суд ја поддржа пресудата во 2017 година наведувајќи дека нивните злосторства предизвикале и цунами -шок меѓу народот.
Жртвата, 23-годишна студентка, се враќала дома со пријател од кино кога шест мажи ги измамиле да влезат во приватен автобус. Кога никој немало во околината, го претепале нејзиниот пријател и повеќепати ја силувале девојката.
Користеле метална шипка и на девојката ѝ нанеле смртоносни повреди. Ги исфрлиле двајцата покрај патот и девојката починала две недели подоцна.
Случајот предизвика меѓународно внимание и ги поттикна индиските пратеници да ги заострат казните за силување во рамките на бранот промени во Индија, која се соочува со очаен третман кон жените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
СЗО отпушта една четвртина од персоналот
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека нејзиниот персонал ќе се намали за околу една четвртина, или околу 2.300 работни места, до средината на следната година, објави Ројтерс.
Дупката во буџетот на организацијата за 2026-2027 година е нешто над 1 милијарда долари.
Намалувањата ќе бидат резултат на реформи, како и пензионирања и заминувања на персоналот, кои се наметнати поради повлекувањето на најголемиот донатор на организацијата – САД, кои покриваат околу 18 отсто од финансирањето.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја повлече земјата од СЗО по преземањето на функцијата во јануари, потсетува агенцијата.
Свет
Макрон: Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина
Европа одбива да биде технолошки вазал на САД и Кина, изјави денес францускиот претседател Емануел Макрон, повикувајќи ја да го развие својот технолошки суверенитет.
„Да бидеме јасни, Европа не сака да биде клиент на големи претприемачи или големи решенија презентирани од САД и Кина. Сакаме да ги развиеме нашите сопствени решенија“, рече Макрон во Берлин, на француско-германскиот самит за технолошкиот суверенитет на Европа.
Европа „едноставно одбива да биде вазал“, нагласи тој, со оглед на тоа што значително заостанува во технолошкиот сектор, особено во трката за развој на вештачката интелигенција.
„На краток рок, постои цена ако не се биде вазал бидејќи треба повторно да се инвестира“, рече тој, оценувајќи дека ова трошење е клучно и дека Европејците мора „да донесат многу смели одлуки“.
Меѓу тие одлуки, „прв приоритет“ е „европската преференција“, особено во областа на јавните набавки, со цел да се овозможи развој на технолошките „шампиони“ во Европа, рече францускиот претседател.
„Кинезите имаат кинеска ексклузивност колку што е можно повеќе, а Американците имаат многу силна американска преференција. Само што ние никогаш немаме европска преференција, згора на тоа, понекогаш дури сме фасцинирани од неевропски решенија“.
Свет
Конгресот гласаше за објавување на досиејата за Епштајн – 427 гласови за, 1 против
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес денес речиси едногласно гласаше за закон со кој се наредува Министерството за правда да ги објави сите документи за осудениот сексуален предатор Џефри Епштајн.
Иницијативата почна уште во јули, кога мала двопартиска група пратеници започна петиција за заобиколување на претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, кој контролираше кои закони се ставаат на гласање. На почетокот, нивните шанси изгледаа мали, особено откако претседателот Трамп ја нарече целата работа измама и ги повика своите поддржувачи да ја игнорираат.
Сепак, обидите на Трамп и Џонсон да го спречат гласањето на крајот не успеаја. Соочен со зголемена поддршка за законот, претседателот попушти, па дури и објави дека ќе го потпише доколку помине во Сенатот.
Законот беше усвоен со убедливи 427 гласови „за“ и само еден „против“. Единствениот пратеник кој се спротивстави беше Клеј Хигинс, републиканец од Луизијана и страствен поддржувач на Трамп. Интересно е што Хигинс претседава и со поткомисијата која веќе ги побара досиејата на Епштајн од Министерството за правда.
Гласањето е јасен показател за зголемениот притисок врз политичарите и администрацијата на Трамп конечно да одговорат на долгогодишните јавни барања за транспарентност во случајот Епштајн.
Џефри Епштајн беше моќен финансиер со бројни врски, а си го одзеде животот во 2019 година во затвор на Менхетен, каде што чекаше судење по сериозни обвиненија за сексуална злоупотреба и трговија со малолетници.

