Свет
(Видео) По 40 дена во џунгла најдени се живи четирите деца од авионската несреќа во Колумбија

Четири деца во Колумбија се пронајдени живи на југот на земјата повеќе од пет недели откако авионот со кој патуваа се урна во густа џунгла, изјави вчера колумбискиот претседател Густаво Петро.
Децата биле спасени од војската во близина на границата меѓу колумбиските провинции Какета и Гуавијаре, во близина на местото каде што се урнал малиот авион.
„Радост за целата земја! Четири деца кои исчезнаа и беа изгубени во колумбиската џунгла се пронајдени живи“, објави Петро преку Твитер.
Малиот авион Цесна 206 превезувал седум лица на патот меѓу Аракуара, државата Амазонас и Сан Хозе дел Гуавиаре, град во државата Гуавијаре, но пријавил аларм за дефект на моторот во раните утрински часови на 1 мај.
Тројцата возрасни лица, меѓу кои и пилотот, загинале како последица на падот, а нивните тела биле пронајдени во авионот. Падот го преживеале четири деца на возраст од 13, 9 и 4 години, како и едно 11 месечно бебе.
Првичните информации од Управата за цивилно воздухопловство, која ги координирала напорите за спасување, сугерираат дека децата избегале од авионот и се упатиле во прашумата за да побараат помош.
Спасувачките тимови, со поддршка на кучиња трагачи, претходно пронашле фрлено овошје, кое наводно децата го јаделе и импровизирани засолништа направени од вегетација од џунгла.
Во спасувачките операции учествуваа авиони и хеликоптери на колумбиската армија и воздухопловните сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Руски дипломат: НАТО го претвора Балтичкото Море во потенцијална зона на конфликт

Акциите на НАТО во Балтичкото Море претставуваат сериозен безбедносен ризик и го претвораат регионот во потенцијална зона на воен конфликт, изјави рускиот амбасадор во Белгија, Денис Гончар, пренесува РИА Новости.
„Веруваме дека акциите на алијансата во Балтичкото Море, вклучително и зголемената фреквенција на големи поморски вежби како што е Балтопс 2025, се исклучително опасни“, рече Гончар.
Рускиот дипломат посебно посочи на операцијата на НАТО „Балтичка стража“, во рамките на која се вршат инспекции на бродови под изговор за потрага по „руската флота во сенка“. Тој исто така потсети дека на 9 септември литванските власти објавија зголемено распоредување на трупи на границите со Русија и Белорусија, како реакција на заедничките маневри на двете земји наречени Запад 2025.
Воздушни вежби во Финска
Во исто време, големите воздушни вежби на НАТО – Атлантик Тридент и Итакаира 2025/2 – неодамна беа завршени во Финска. Според официјалните податоци, за време на овие маневри, беше практикувано пробивање на руската воздушна одбрана.
На вежбите учествуваа повеќе од 40 воени авиони и извидувачки беспилотни летала RQ-4D Phoenix, а беа ангажирани и сили од Финска, Соединетите Американски Држави, Франција и Велика Британија.
Рускиот амбасадор нагласи дека ваквите потези на алијансата го зголемуваат ризикот од директна конфронтација и ја поткопуваат безбедноста на целиот регион. Москва, како што рече, внимателно го следи развојот на настаните и го задржува правото да одговори на активностите што ги смета за провокации.
Свет
Американски психијатар: Трамп покажува знаци на деменција, претседателот негира

Поранешниот професор на Универзитетот Џонс Хопкинс, д-р Џон Гартнер, во интервју за американскиот весник „Дејли бист“ изјави дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, покажува симптоми на деменција.
Според него, шефот на Белата куќа има „значајно оштетување на јазичните функции, размислувањето, психомоторните способности, контролата на импулсите и цела низа други области“. Гартнер потсети дека Трамп претходно користел богат вокабулар и градел „јасни и елоквентни реченици“, додека денес, како што истакнува, „често се случува да не може да заврши мисла“, според написите.
„Мора да ги земеме предвид сите овие промени во однесувањето и говорот“, нагласи тој, додавајќи дека многу граѓани не се свесни дека американскиот претседател порано бил многу поелоквентен.
Трамп, од друга страна, постојано одговараше на шпекулациите за неговото здравје, тврдејќи дека „се чувствува подобро од кога било“.
Дискусијата за здравјето на Доналд Трамп останува една од централните теми во американскиот јавен живот, пренесуваат светските медиуми.
Фото: принтскрин
Свет
Европските аеродроми: летовите сè уште се одложуваат

Хакерскиот напад врз системот за пријавување сè уште го нарушува нормалното работење на погодените аеродроми и, според најновите податоци, сè уште се евидентираат доцнења на летови, а аеродромот во Брисел побара од авиокомпаниите да откажат околу половина од денешните летови поради проблеми што сè уште не се решени, пренесуваат светските медиуми.
На аеродромите во Берлин и Лондон, ситуацијата вчера доста се стабилизираше, но некои летови сè уште се откажани или доцнат, објавува денес Би-Би-Си.
Провајдерто на системот за пријавување „Колинс Аероспејс“, во сопственост на RTX, утрово соопшти дека работи со погодените аеродроми и авиокомпании и дека се во завршна фаза на ажурирање на софтверот потребен за враќање на целосната функционалност на системот, објави Ројтерс.
Портпаролот на аеродромот во Брисел изјави дека „Колинс Аероспејс“ сè уште не доставил безбедна, ажурирана верзија на софтверот, што го принуди аеродромот да побара откажување на голем број летови за денес. Аеродромот во Брисел вели дека провајдерот на услуги активно работи на решавање на проблемот, но дека сè уште не е јасно кога проблемот ќе биде решен. Овој аеродром побара од авиокомпаниите да откажат околу 140 од 276 закажани летови за денес, објави АП.
Аеродромот Берлин-Бранденбург во неделата објави дека некои проблеми сè уште се присутни, но дека постои рачен систем за справување со тешкотиите. „Понекогаш има подолги чекања за пријавување, качување, ракување со багаж и подигнување на багаж. Доцнењата на летовите денес се во согласност со нормалниот работен ден“, се наведува во соопштението.
Аеродромот Хитроу во Лондон во неделата наутро соопшти дека сè уште работи на решавање од дефектот на системот за пријавување на патници, додавајќи дека „огромното мнозинство летови продолжуваат да работат“.
Во петокот, хакери го нападнаа провајдерот на систем за пријавување и качување „Колинс Аероспејс“, предизвикувајќи прекини на аеродромот Хитроу во Лондон, како и на аеродромите во Берлин и Брисел. Европската комисија, која има улога во управувањето со воздушниот простор во Европа, изјави дека „внимателно ја следи ситуацијата во врска со сајбер нападот“, но дека нема индикации дека е широко распространет или сериозен.
Кибер нападите во воздухопловниот сектор се зголемија за 600 проценти во текот на изминатата година, според неодамнешниот извештај на француската авиокомпанија „Тале“.
Фото: принтскрин