Европа
Чешка ги попушта мерките, укината е вонредната состојба
Библиотеки, училишта, зоолошки градини и некои продавници се отвораат во Чешка в понеделник по повеќемесечната блокада во земјата која е меѓу најпогодените од коронавирусот во светот.
Вонредната состојба во траење од шест месеци истече на полноќ, со што се укинаа полицискиот час и забраните за патување меѓу регионите.
Децата во предучилишните установи и до петто одделение се враќаат на училиште, а ќе мора да прават брис од нос двапати неделно.
Министерството за здравство пријави 976 нови случаи во неделата, што е најмал дневен број од септември минатата година.
Седумдневниот просек падна под четири илјади, но сепак е висок во споредба со повеќето европски земји. Сепак, забележливо е значително подобрување во споредба со 12.000 дневни случаи во просек во март кога беа воведени најстрогите мерки.
Во октомври минатата година владата затвори кафулиња, ресторани и сите неесенцијални продавници. Тие се отворија кратко во декември, но набргу повторно се затворија.
Чешка, која има 10,7 милиони жители, објави 1,58 милион случаи на инфекција со коронавирус и речиси 28.000 смртни случаи, што е највисока стапка на жител во светот.
До 11 април се дадени 2.089.570 дози вакцини во оваа земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Масовно повлекување на бебешка формула во 60 земји: две бебиња починаа во Франција, објави „Еуроњуз“
Некои од најголемите светски производители повлекуваат адаптирано млеко за бебиња, а француските власти истражуваат смртни случаи на две бебиња кои наводно го консумирале производот на „Нестле“ погоден од повлекувањето поради контаминација со цереулид. Француското Министерство за здравство потврди дека причинско-последичната врска сè уште не е научно утврдена, објави „Еуроњуз“.
Истрага во Франција и потврден случај во Белгија
„Нестле“ соопшти дека ја следи ситуацијата и целосно соработува со властите за да ги обезбеди сите потребни информации. Во исто време, владата во Белгија потврди дека едно дете се разболело во јануари оваа година откако консумирало контаминирана формула за бебиња на „Нестле“.
„Детето повраќало и имало водена дијареа, но за среќа целосно се опоравило во рок од десет дена. Со анализа на примероци од столицата на бебето, можевме да потврдиме дека болеста е предизвикана од контаминација со цереулид од производот на Нестле“, рече Јорис Муненс, портпарол на Министерството за грижа.
Потврдено е дека серискиот број на производот што ја предизвикал болеста во Фландрија припаѓа на сериите што се повлекуваат низ цела Белгија.
Што е цереулид и кои се симптомите?
Цереулид е токсин отпорен на топлина произведен од бактеријата Bacillus cereus кој може да се развие во храната. Најчестите симптоми на можна инфекција се повраќање и дијареја, кои се јавуваат кратко време по консумирање млеко, помеѓу 30 минути и три часа. Симптомите се многу слични на оние на стомачен вирус.
Потекло и извор на контаминација
Проблемот започна на почетокот на декември минатата година. На 10 декември, Nestlé Франција објави повлекување на формула за бебиња произведена во нивната фабрика во Нунспет, Холандија, поради сомневање за контаминација со цереулид. Контаминацијата беше откриена кај кинески добавувач на масло од ARA (арахидонска киселина), важна состојка во формулата за бебиња.
Француското Министерство за земјоделство објави дека од крајот на декември 2025 година, сите производители на формули за бебиња ширум светот кои користат масло од ARA од гореспоменатиот добавувач мора да спроведат свои анализи на ризик за да ја осигурат безбедноста на своите производи.
На почетокот на јануари 2026 година, Nestlé го прошири повлекувањето на други серии на производи во 60 земји, што го прави едно од најголемите повлекувања во историјата на компанијата, опфаќајќи брендови како што се SMA, Beba, Guigoz и Alfamino.
Европа
Америка ѝ нуди на Украина гаранции и оружје, но бара многу болни отстапки кон Русите
Администрацијата на Доналд Трамп ѝ соопшти на Украина дека безбедносните гаранции на САД се условени од тоа Киев да се согласи на мировен договор што веројатно би вклучувал отстапување на регионот Донбас на Русија, според осум лица запознаени со преговорите.
Вашингтон, исто така, навести дека ќе ѝ вети на Украина повеќе оружје за да ја зајакне својата мирнодопска војска ако, како цена за мир со Русија, се согласи да ги повлече своите сили од делови од источниот регион што го контролира, изјавија две лица запознаени со разговорите, објави Фајненшл тајмс.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надеваше дека ќе потпише безбедносни гаранции и повоен „план за просперитет“ со Соединетите Американски Држави уште овој месец, давајќи му предност на Киев во идните преговори со Москва.
Но, Вашингтон сега сигнализира дека американските безбедносни обврски зависат од постигнувањето договор со Русија. Украинските и европските претставници го опишаа ставот на САД како обид да се принуди Киев да направи болни територијални отстапки што Москва ги бараше во кој било договор.
„Американците одложуваат секој пат кога треба да потпишат гаранции“
САД сè уште не дале конечно одобрение за каков било договор, иако Зеленски рече дека текстовите за безбедносни гаранции што ги разговарал со претседателот Доналд Трамп во Давос минатата недела се „100 проценти подготвени“. Висок украински функционер рече дека е сè понејасно дали САД ќе се обврзат. „Тие одложуваат секој пат кога треба да се потпишат гаранциите“, рече функционерот.
Откако Трамп и Зеленски се сретнаа во Вашингтон минатиот месец, американските функционери рекоа дека понудата за безбедносни гаранции на САД „нема да биде на маса засекогаш“, без да образложат. Украина сака да ги потврди безбедносните гаранции на САД пред да се откаже од која било територија.
Америка бара од Украинците да го предадат она што Путин не може воено да го освои
Сепак, САД веруваат дека Киев мора да се откаже од Донбас за да се стави крај на војната и вложуваат малку напор да извршат притисок врз рускиот лидер Владимир Путин да се откаже од едно од своите најтврдоглави барања, изјавија луѓе запознаени со ова прашање за FT.
Руските сили не успеаја целосно да го освојат Донбас речиси четири години, и покрај тоа што напредуваат со неверојатна цена на жртви, кои оваа година се проценуваат на околу 30.000 војници месечно.
Европа
Францускиот парламент ја поддржа забраната за социјалните медиуми за лица под 15 години
Националното собрание на Франција во понеделник го поддржа законот со кој се забранува користењето на социјалните медиуми од страна на децата под 15 години, велејќи дека тоа го поттикнува онлајн насилството и негативно влијае на менталното здравје на младите. Законот сега треба да се гласа од страна на Сенатот, по што повторно ќе се гласа од страна на Националното собрание.
Макрон сака забрана пред новата учебна година
Претседателот Емануел Макрон ги гледа социјалните медиуми како една од причините за насилство кај младите и ја повикува Франција да го следи примерот на Австралија, првата земја во светот што им забрани на малолетници под 16 години пристап до социјалните медиуми, вклучувајќи ги Фејсбук, Снепчет, ТикТок и Јутјуб, во декември минатата година. Макрон сака забраната во Франција да стапи на сила пред почетокот на новата учебна година во септември.
„Социјалните медиуми не се безопасни“
„Со овој закон, поставуваме јасни граници и испраќаме порака дека социјалните медиуми не се безопасни“, рече пратеничката Лора Милер од центристичката партија Ренесанса, која го поддржува францускиот претседател. „Нашите деца читаат помалку и спијат помалку, а од друга страна, се споредуваат сè повеќе едни со други. Ова е битка за слободни умови“, додаде таа.
Други европски земји, вклучувајќи ги Обединетото Кралство, Данска, Шпанија и Грција, размислуваат за забрана на социјалните медиуми, по примерот на Австралија. Европскиот парламент веќе ја повика Европската Унија да утврди минимална возраст за пристап до социјалните медиуми, но одлуката за воведување ограничувања на возраста останува кај земјите-членки.
Во Франција, постои силна политичка и јавна поддршка за мерката. Пратеникот на крајната десница Тиери Перез од Националниот собир рече дека законот е одговор на „здравствената криза“. „Социјалните медиуми им дадоа можност на сите да се изразат, но која е цената што ја плаќаат нашите деца?“, праша Перез.
Доколку забраната стапи на сила, Франција ќе бара од платформите да го блокираат пристапот до тинејџерите преку механизми за верификација на возраста, во согласност со законите на Европската Унија. Сепак, спроведувањето на таква забрана нема да биде лесно. Во Австралија, социјалните медиуми веќе се преплавени со пораки од млади луѓе кои тврдат дека се под 16 години, иако тие продолжуваат да ги користат платформите секојдневно.
Франција, исто така, одлучи да ја прошири забраната за паметни телефони на средните училишта. Анкетата на јавното мислење од 2024 година спроведена од „Харис Интерактив“ покажа дека 73 проценти од граѓаните ја поддржуваат забраната за социјалните медиуми за лица под 15 години. Мислењата меѓу младите луѓе на улиците на Париз се поделени – додека некои ги признаваат опасностите од социјалните медиуми, други веруваат дека забраната е прекумерна.

