Свет
Чешкиот претседател има песимистички прогнози за војната во Украина: „Путин ја чека победата на Трамп за да преговара без ЕУ“
Рускиот претседател Владимир Путин ги чека изборите во САД во 2024 година надевајќи се дека ќе преговара за иднината на руско-украинската војна со Доналд Трамп, поранешниот американски претседател, кој се кандидира за републиканска претседателска номинација, без мешање на која било европска земја, рече чешкиот претседател, Петр Павел.
Павел вели дека Путин јасно ставил до знаење дека не може да има разговори за какви било мировни преговори до исходот на изборите во САД, пренесува „Еуроактив“.
„Со тоа јасно стави до знаење дека за него партнер за евентуални преговори не се никој друг, туку САД. Ниту некоја од водечките европски земји“, изјави Павел.
Тој рече дека доколку Трамп победи на претседателските избори во САД, Путин би можел да се обиде да преговара со него „без оглед на тоа што мисли Украина или остатокот од Европа“.
Чешкиот претседател смета дека таквите преговори меѓу Путин и Трамп би можеле да доведат до „некој вид компромис“, кој ќе го врати статусот на Русија како клучен играч, а другите ќе мора да го прифатат.
Павел, кој беше шеф на воениот комитет на НАТО пред да стане претседател на Чешката Република во јануари 2023 година, е силен поддржувач на Украина, но се чини дека е прилично скептичен за тоа како ќе се развива руско-украинската војна.
Тој рече дека светот набргу ќе мора да се соочи со „нова ситуација“.
„Има многу пред нас бидејќи развојот на конфликтот во Украина покажува дека постои голема веројатност в година да видиме некои значајни случувања. Досегашните показатели укажуваат дека тоа нема да биде во најдобра смисла на зборот како што би сакале“, рече Павел.
Коментарите на Павел се слични на оние на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој претходно овој месец изјави дека очекува лоши вести од украинскиот фронт.
Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, изјави дека, доколку биде реизбран, ќе ја реши војната во Украина во рок од 24 часа.
Во меѓувреме, Финска, чие членство во НАТО беше силно критикувано од Москва, ѝ даде на американската војска неограничен пристап до воените објекти во близина на финско-руската граница.
Финска и САД во понеделникот потпишаа договор за одбрана, со кој на американската војска ѝ се дава неограничен пристап до воените објекти во близина на финско-руската граница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

