Европа
Членките на ЕУ не се договорија за ембаргото на руска нафта

Постојаните претставници на земјите членки на ЕУ не успеаја да постигнат договор за ембарго за увоз на руска нафта.
Предлогот што го презентира Европската комисија вклучува забрана за увоз на нафта од Русија во рок од шест месеци и нафтени деривати до крајот на оваа година.
Словачка, која ја снабдува речиси целата своја сурова нафта од Русија преку нафтоводот „Дружба“ уште од советската ера, побара тригодишен преоден период и изземање од ембаргото. И Чешка привремено бара ослободување од европското ембарго за да добие време за зголемување на капацитетот на нафтоводот, изјави денеска премиерот Петр Фијала.
„Подготвени сме да ја поддржиме оваа одлука (за санкциите што вклучуваат нафта), но Чешка да го добие потребното одложување за да ги зголеми капацитетите со кои нафтата може да се испорачува во Чешка“, рече Фијала.
„Се обидуваме да добиеме одложување за две или три години“, додаде тој.
Бугарија побара ослободување од ембаргото.
„Технолошки, Бугарија може без руска нафта, но тоа би довело до значително зголемување на цените на горивото. Затоа, ако Европската комисија разгледа исклучоци, ние би сакале да ги искористиме“, изјави бугарскиот вицепремиер за весникот „Капитал“.
Унгарија најави дека не ги поддржува санкциите во предложената форма.
Преговорите ќе продолжат в четврток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Орбан: Ја најавуваме најголемата програма за намалување на даноците во Европа

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во понеделникот објави ослободување од данок на доход за мајките на две или три деца и рече дека од април ќе ги ограничи каматните стапки на станбените кредити на 5 отсто, како дел од чекорите за зајакнување на економијата пред изборите во 2026 година.
„Ја објавуваме најголемата програма за намалување на даноците во Европа“, рече Орбан денеска во своето обраќање за состојбата на нацијата.
Покрај веќе најавеното удвојување на даночните олеснувања за семејствата во две фази до јануари, Орбан рече дека неговата влада ќе ги ослободи мајките на две или три деца од данок на доход, почнувајќи од октомври со мајки на три деца.
Од јануари постепено ќе се воведува ослободувањето за мајките на две деца, рече Орбан. „Тоа ќе биде голем трошок, но економското закрепнување, мерките за поддршка на бизнисот и целосното вработување заедно можат да го платат со намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг“, рече тој.
Орбан, исто така, рече дека неговата влада е подготвена да воведе ограничувања за зголемување на цените на храната, освен ако разговорите со трговците не успеат да ги задржат цените под контрола.
Унгарската инфлација, која пред две години достигна највисоки нивоа во ЕУ, во јануари дојде до 5,5 отсто, што е над прогнозите на аналитичарите.
Европа
(Видео) Насилни протести пред изборите: неонацисти и левичари се судрија во Берлин

Стотици неонацисти се собраа на плоштадот во близина на метро станицата во областа Мите и маршираа до главната железничка станица (Хауптбанхоф) во Берлин, јавува Анадолија.
Берлинската полиција денеска употреби солзавец против левичарските демонстранти кои ден пред изборите во Бундестагот го блокираа маршот на околу 200 десничарски екстремисти, објавија германските медиуми.
Wir sind hier und sagen unseren israelischen und jüdischen Freundinnen: ihr seid nicht allein. #BringThemAllHomeNow pic.twitter.com/xDWS2EtAIu
— LSquadBerlin🎗️ (@LSquadBerlin) February 22, 2025
Жестоки судири со полицијата се случија кога левичарските демонстранти се обидоа да ги пробијат полициските кордони кои го обезбедуваа митингот на десницата.
Левичарите во неколку наврати ја блокираа маршрутата на десничари, опишани од германските медиуми како неонацисти, од станицата Фридрихштрасе до главната железничка станица во Берлин. Неколку демонстранти беа уапсени по судирите со полицијата.
Според полицијата, попладнево се собрале околу 200 десничарски екстремисти, додека повеќе од 1.000 левичарски демонстранти се обиделе да ги спречат.
Европа
Нова анкета: Зеленски попопуларен отколку пред руската инвазија

ОКОЛУ 63 отсто од Украинците ги одобруваат постапките на Володимир Зеленски како претседател, според истражувањето спроведено од проектот „Идентитет и граници: случајот на Украина“ (IBIF) во партнерство со Киевскиот Меѓународен институт за социологија (КИИС).
Анкетата беше објавена набргу откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Зеленски има „4 отсто поддршка“ без да наведе извор за да го потврди своето тврдење. Набргу потоа, Трамп го нарече Зеленски „диктатор“. Истражувањето беше спроведено помеѓу ноември 2024 година и јануари 2025 година. Во него учествувале 1600 испитаници. Проектот ИБИФ е првенствено финансиран од Британската академија.
Околу 26,1 отсто од Украинците рекле дека целосно го одобруваат Зеленски, додека 36,9 отсто рекле дека главно го одобруваат. Вкупната бројка е повисока отколку во анкетите спроведени пред целосната руска инвазија и во пролетта 2024 година. Анкетата покажа дека 14,4 отсто целосно не ги одобруваат постапките на Зеленски како претседател, додека 18,3 отсто рекле дека главно не ги одобруваат.
Значи, Зеленски:
– целосно го одобруваат – 26,1 отсто од испитаниците
– главно го одобруваат – 36,9 отсто од испитаниците
– целосно не го одобруваат – 14,4 отсто од испитаниците
– главно не го одобруваат – 18,3 испитаници
Вкупно 73 отсто од испитаниците потврдиле дека Зеленски би можеле да го наречат „интелигентна личност“, додека 63 отсто го нарекле „силен лидер“. Зеленски останува најпопуларниот украински политичар, кој води во анкетите за претстојните претседателски избори, пренесува КИИС.
Помеѓу 26 и 32 отсто од Украинците се подготвени да гласаат за Зеленски во првиот круг, според истражувањето. Зеленски значително го надмина својот претходник, бизнисменот и пратеник Петро Порошенко, кој имаше 5-6 отсто во анкетите, пренесува „Киев Индепендент“.
„Потенцијален кандидат во вториот круг би можел да биде популарната воена фигура генерал Валериј Залужни, поранешен врховен командант и актуелен украински амбасадор во Обединетото Кралство, но тој јавно не изразил никакви политички амбиции“, соопшти КИИС.
Во Украина требаше да се одржат претседателски избори во пролетта 2024 година, но тие беа одложени поради целосна руска инвазија. Украинскиот устав не дозволува избори за време на воена состојба.