Свет
Човекот на Путин кој стои зад нацрт-планот на Трамп за Украина
Кирил Дмитриев, 50-годишен руски дипломат со длабоко познавање на Соединетите Американски Држави, каде што студирал и работел, се најде во центарот на светското внимание.
Како раководител на Рускиот фонд за директни инвестиции и човек од деловниот свет Дмитриев стана клучна фигура во разговорите со администрацијата на Трамп, а нацрт-планот за мир што произлезе од неговите средби со специјалниот американски пратеник Стив Виткоф предизвика многубројни реакции, пишува Би-би-си.
Нацрт-планот за мир, создаден по тридневната средба меѓу Дмитриев и Виткоф во Мајами, содржи предлози што многумина ги сметаат за копија на желбите на Владимир Путин.
Од Украина се бара да отстапи територија што моментно е под нејзина контрола и значително да ја намали својата војска. Иако тимот на Кирил Дмитриев одби да коментира за деталите, украинскиот претседател Володимир Зеленски беше претпазлив кога рече дека секој договор мора да обезбеди „достоинствен мир, со услови што ја почитуваат нашата независност и суверенитет“.
За разлика од многумина во Москва, специјалниот пратеник на Путин добро ја познава модерна Украина. Тој пораснал во Киев, а еден од неговите пријатели тврди дека како 15-годишник дури учествувал и во продемократски протести во пресрет на распадот на Советскиот Сојуз.
Токму оваа запознаеност со американскиот и со украинскиот менталитет го прави ретко откритие во руската дипломатија. Неговата соработка со американскиот колега Стив Виткоф стана константа од почетокот на вториот мандат на Трамп. „Сигурни сме дека сме на патот кон мирот, а како миротворци мора да го постигнеме“, рече Дмитриев на конференција во Саудиска Арабија кон крајот на октомври.
Двајцата пратеници првпат се сретнаа во февруари 2025 година кога Дмитриев помогна во ослободувањето американски наставник од руски затвор.
„Има еден господин од Русија, неговото име е Кирил, и тој имаше многу врска со ова. Тој беше клучен преговарач, кој го премости јазот меѓу двете страни“, им рече Виткоф на новинарите во тоа време. Неколку дена подоцна, двајцата присуствуваа на состанок во Саудиска Арабија, кој го означи крајот на дипломатската изолација на Русија од Западот.
Но, директниот пристап до претставниците на Трамп не беше секогаш успешен. Кога Трамп воведе санкции врз две од најголемите руски нафтени компании минатиот месец, американскиот министер за финансии Скот Бесент го нарече руски пропагандист затоа што сугерира дека потегот ќе доведе до повисоки цени на горивата во САД.
Дмитриев, за разлика од поголемиот дел од придружбата на Путин, се чувствува удобно во американските телевизиски студија, каде што вешто ги фали дипломатските вештини на Трамп, а ја пренесува наративата на Кремљ на западната публика.
„Јас не сум војник… но ставот на руската војска е дека тие таргетираат само воени цели“, изјави тој неодамна за Си-ен-ен, само неколку дена по бомбардирањето градинка во Харков додавајќи: „Јас само работам на дијалог и се осигурувам дека конфликтот ќе заврши што е можно побргу“.
Иако Виткоф го цени, уште во 2022 година, за време на администрацијата на Бајден, Министерството за финансии на САД го нарече „познат сојузник на Путин“ и го санкционира Рускиот фонд за директни инвестиции (RDIF), со кој тој управува од 2011 година. „Иако официјално е државен инвестициски фонд, RDIF се смета за таен фонд на претседателот Владимир Путин и симбол на пошироката руска клептократија“, се вели во соопштението.
Неговиот став за тој период е јасен: тој тврди дека под Бајден немало обид да се разбере руската позиција, а тимот на Трамп „ја запре третата светска војна“. Неговите врски со врвните функционери се дополнително зајакнати преку сопругата, ТВ-водителката Наталија Попова, која е пријателка и колешка на ќерката на Путин, Катерина Тихонова.
Неговиот подем во Москва е во остра спротивност со неговото детство во Киев, каде што пораснал како син на двајца научници. Татко му е познат клеточен биолог, а мајка му генетичарка. Токму ова научно наследство можеби го охрабрило да го користи државниот фонд за финансирање на руската вакцина против ковидот, „спутник V“. Иако се верува дека го запознал Путин во 2000 година, тој не секогаш се согласувал со неговите ставови.
Додека Путин го нарече распадот на СССР „најголемата геополитичка катастрофа на векот“, Дмитриев протестира против советскиот режим како тинејџер. За време на неговата програма за размена во Соединетите Американски Држави во 1990 година, тој дури и го нагласи украинскиот национален идентитет велејќи дека „Украина имала долга историја како независна нација пред да стане дел од руската империја“.
По дипломирањето со МБА на „Харвард“, тој работел за „Мекинзи“ и за Руско-американскиот инвестициски фонд пред да се врати во Русија во 2011 година за да го предводи RDIF. Со текот на годините неговите ставови се менуваа – од критикување на репресиите на Путин врз олигарсите до предупредување дека Украина се соочува со економски холодомор ако се изолира од Русија.
Покрај дипломатијата, Дмитриев е познат и по амбициозни комерцијални предлози, како што се заеднички енергетски проекти на Арктикот, партнерства со американски компании, па дури и нудење мала нуклеарна централа за мисија на Марс на Илон Маск и железнички тунел „Путин – Трамп“ под Беринговиот Проток.
Додека неговиот углед расте во Русија, тој нагло падна во неговата родна Украина, каде што му се воведени санкции за наводни злосторства против Украина и Украинците.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Тупаници во турскиот парламент: хаос околу положувањето заклетва на новиот министер за правда
Хаос избувна во турскиот парламент кога членовите на владејачката партија и опозицијата се судрија околу положувањето заклетва на новиот министер за правда, Акин Гурлек, што доведе до туркање и физичка пресметка, пренесуваат медиумите во регионот.
Според написите, пратениците од опозицијата се обидоа да го спречат главниот обвинител на Истанбул, Акин Гурлек, кој беше назначен од претседателот Реџеп Таип Ердоган на оваа важна судска функција, да положи заклетва во парламентот. Додека страстите се разгоруваа, пратениците се туркаа меѓусебно, а некои дури и се удираа меѓусебно.
Регион
Хрватска, заедно со Албанија и Косово, ќе одржи заедничка воена вежба
Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу го најави одржувањето на првата трилатерална воена вежба меѓу Албанија, Косово и Хрватска во 2026 година, како дел од неодамна потпишаниот договор за соработка меѓу трите земји.
Венгу објави дека е направен уште еден важен чекор во спроведувањето на трилатералниот договор, истакнувајќи дека началниците на генералштабовите на Албанија, Косово и Хрватска одржаа заеднички состанок со цел понатамошно подобрување на воената соработка.
Според него, фокусот на соработката е на зајакнување на воената координација, поголема интероперабилност и подигнување на оперативната подготвеност на вооружените сили на трите земји. Посебен акцент е ставен на развојот на заеднички вежби и обуки за справување со безбедносните предизвици и хибридните закани.
„Првата трилатерална вежба ќе се одржи во 2026 година, во согласност со Стратешкиот концепт на НАТО и евроатлантските цели“, објави Венгу.
Во Скадар се одржа состанок на началниците на генералштабовите на вооружените сили на Албанија и Хрватска и командантот на Косовските безбедносни сили, а состанокот предизвика реакција од српското Министерство за одбрана, кое го оцени како закана за мирот во регионот, пренесуваат медиумите во соседството.
Српското Министерство за одбрана објави дека остро го осудува трилатералниот состанок, оценувајќи дека продлабочувањето на воената соработка претставува фактор на притисок и безбедносен предизвик за Србија и српскиот народ на Косово, како и закана за мирот и стабилноста во регионот.
Претходно, на 30 јануари во Загреб се одржа состанок на Хрватска, Албанија и Косово на ниво на директори за одбранбена политика и вооружување.
Сите овие состаноци се одржаа по меморандумот за соработка во областа на одбраната и безбедноста што Албанија, Хрватска и Косово го потпишаа на 18 март 2025 година во Тирана.
Свет
Лавров: Доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, Русија ќе преземе „контрамерки“
Русија подготвува „контрамерки“, вклучително и оние од „воена природа“, доколку западните земји го зајакнат своето воено присуство во Гренланд, предупреди во средата рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Неколку европски земји неодамна распоредија помали воени контингенти во Гренланд, автономна територија под дански суверенитет, откако американскиот претседател Доналд Трамп повторно почна да ја посетува, повикувајќи на американско преземање.
„Секако, во случај на милитаризација на Гренланд и создавање воени капацитети насочени против Русија, ќе преземеме соодветни контрамерки, вклучително и оние од воено-техничка природа“, рече Лавров за време на обраќањето пред рускиот парламент.
Откако се врати во Белата куќа пред една година, Доналд Трамп постојано ја повторуваше својата желба да ја преземе контролата врз Гренланд, оправдувајќи ја со безбедносни причини и заканите што ги претставуваат Русија и Кина во тој регион, според него, потсетуваат медиумите.
Сепак, во јануари на Светскиот економски форум во Давос, тој ја омекна својата реторика, тврдејќи дека се договорил со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, за „рамка“ за преговори што ќе им овозможи на САД да имаат поголемо влијание на таа арктичка територија.
Конкретните детали од тој договор сè уште не се познати. Данска и Гренланд досега решително ја отфрлија секоја можност за пренос на суверенитетот, нагласувајќи дека територијата не е на продажба.
„САД, Данска и Гренланд мора да го решат ова прашање меѓу себе“, рече Лавров, обвинувајќи го Копенхаген дека ги третира 57.000 жители на Гренланд како „граѓани од втор ред“.
На почетокот на февруари, НАТО започна со планирање на мисија насочена кон зајакнување на безбедноста на Арктикот.

