Европа
Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен во клинч за идните членки на ЕУ
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, не ја консултираше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за содржината на неговиот говор на Бледскиот стратешки форум, а ова е само последното во низата несогласувања меѓу оваа „европска двојка“, пишува порталот „Политико“, кој наведува дека самите лидери на земјите кандидати за членство во ЕУ изразиле сомнеж во неговите зборови.
„Политико“ истакнува дека последниот судир меѓу двете најважни институции на ЕУ, Советот и Европската комисија, уследи по изјавата на Мишел на Бледскиот стратешки форум во понеделникот дека блокот ќе биде подготвен да прифати нови членки до 2030 година, пренесе „Нова.рс“.
На сличен став се и лидерите на земјите од Балканот, кои на форумот изразија загриженост за временската рамка.
Не сме фокусирани на датуми, туку на работа со земјите кандидати за тие да бидат подготвени за пристапување во ЕУ, изјави во вторникот на брифинг со новинарите портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант, наведувајќи дека „не е свесна дека имало контакти со Фон дер Лајен за содржината на говорот во Блед“.
Последното несогласување меѓу ова европско „дуо“ доаѓа во време кога прашањето за проширувањето повторно добива на интензитет во Брисел, додава „Политико“.
Порталот, сепак, потсетува дека во понеделникот францускиот претседател Емануел Макрон навести за „различните брзини“ на кандидатите кои се приклучуваат на Унијата.
Некои балкански држави со години чекаат да влезат во ЕУ, а покрај правната рамка, мора што поскоро да исполнат и бројни други услови.
Лидерите на ЕУ ќе се осврнат на оваа тема на следниот самит во октомври, пишува „Политико“, додавајќи дека војната во Украина придонела за обновување на приказната за проширувањето.
На брифингот во вторникот, Спинант неколкупати повтори дека пристапувањето во ЕУ е процес заснован на заслуги и дека на земјите кандидати треба да им се дозволи членство само кога целосно ќе ги исполнат потребните критериуми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Унгарија и Словачка посегнуваат по стратешките резерви на нафта
Унгарија ќе ослободи околу 250.000 тони нафта од стратешките резерви, според владина уредба објавена доцна во четврток, поради прекини во снабдувањето по прекинот на испораките преку нафтоводот „Дружба“.
Унгарската нафтена и гасна компанија „МОЛ“ објави во понеделник дека побарала зелено светло од Министерството за енергетика за повлекување на илјадници тони нафта од стратешките резерви.
Владината уредба од четврток го одобри барањето, а бараните 250.000 тони нафта ќе бидат ослободени од стратешките резерви, при што „МОЛ“ ќе има приоритетен пристап до залихите.
„МОЛ“ ќе може да ја „позајмува“ нафтата до 15 април, со обврска да ја врати до 24 август, се вели во уредбата.
На крајот на јануари, Унгарија имала доволно нафта и нафтени производи на залиха за да ја покрие побарувачката за период од 96 дена, ги пренесува Ројтерс податоците од веб-страницата на Унгарското здружение на резерви на јаглеводороди. MOL, пак, има намера да го покрие недостигот од снабдување на своите рафинерии во Унгарија и Словачка со нафта испорачана по море, според соопштението објавено во понеделник.
Морското патување трае подолго, па затоа оваа рута за снабдување се воспоставува „постепено“, забележа MOL, додавајќи дека првите пратки треба да пристигнат во хрватското пристаниште Омишаљ на почетокот на март и ќе им бидат потребни дополнителни пет до 12 дена за да стигнат до рафинериите на групацијата MOL.
Ова би значело дека тие ќе пристигнат дури околу средината на март. Сегашната ситуација во моментов не претставува закана за снабдувањето со гориво на малопродажниот пазар, нагласи MOL во понеделник.
Словачка, исто така, одобри повлекување на нафта од резервите
Во среда, словачката влада, исто така, одобри „позајмица“ од 250.000 тони нафта од стратешките резерви на рафинеријата Словнафт, во сопственост на МОЛ, и прогласи вонредна состојба во снабдувањето.
Рафинеријата ќе ѝ обезбеди на државата финансиски депозит или банкарска гаранција во соодветната сметководствена вредност за „позајмената“ нафта, објави TASR, а резервите мора да се надополнат најдоцна до септември. Словнафт забележа дека 250.000 тони треба да бидат доволни за најмалку еден месец.
И Унгарија и Словачка го прекинаа извозот на дизел во Украина оваа недела, пренасочувајќи ги сите нафтени производи кон домашниот пазар.
Европа
Шведска воведува мобилен систем за предупредување од воздушен напад
Шведска годинава ќе воведе систем за алармирање преку мобилен телефон за да го предупреди населението за воздушни напади во воено време, инспириран од сличен систем во Украина, соопшти агенцијата задолжена за проектот.
Шведска веќе има надворешен систем за алармирање, кој се состои од околу 4.500 сирени инсталирани на покриви и други високи згради.
„Врз основа на искуствата што ги видовме во Украина, откривме дека непријателот, во овој случај Русија, би го уништил нашиот надворешен систем за алармирање“, изјави за АФП Хенрик Ларсон, раководител на Одделот за цивилна заштита во Шведската агенција за цивилни непредвидени ситуации.
Новиот систем, наречен SE Alert, „затоа би послужил како дополнување на постојниот“, додаде тој.
Во случај на воздушен напад, мобилните телефони поврзани со шведската телекомуникациска мрежа автоматски би емитувале гласовни предупредувања, аларми и би почнале да вибрираат, објасни тој.
Системот, кој ќе биде имплементиран во рок од шест месеци, би можел да се користи и за испраќање аларми во случај на голема криза во мирно време, како што се нуклеарни или хемиски несреќи.
Агенцијата, исто така, соработува со шведската војска за развој на апликација што ќе им овозможи на граѓаните лесно да фотографираат беспилотни летала и да ги пријавуваат кај властите“, рече Ларсон.
Шведска ги зајакнува мерките за цивилна подготвеност и „сеопфатната одбрана“ од руска инвазија на Украина во 2022 година.
Целта е да се мобилизира целото општество, од владата до компаниите и граѓаните, за колективен отпор кон вооружената агресија, а во исто време да се одржи функционирањето на клучните социјални услуги.
Европа
(Видео) Се шири снимка од Русија: Униформирани тинејџери во црква со автоматски пушки
На социјалните мрежи циркулира видео од Русија на кое се гледа група униформирани малолетници како ракуваат со автоматско оружје во православна црква.
Според украинските медиуми, видеото е снимено во селото Обухово во Московскиот регион, каде што руската православна црква организирала обука за огнено оружје за тинејџери.
🥴A military performance was held in a 🇷🇺Russian Orthodox Church temple involving teenagers in uniform armed with Kalashnikov rifles. pic.twitter.com/IW7u7XoK3E
— 🪖MilitaryNewsUA🇺🇦 (@front_ukrainian) February 19, 2026
Снимката прикажува малолетници како ги демонстрираат своите вештини со автоматски пушки во црковната сала под надзор на инструктори. Во позадина се видливи икони и други религиозни симболи.
Според истиот извор, ова е дел од програма што е претставена како „курс за млади војници“ и се одржува во просториите на црквата. Видеото прикажува инструктори како ги надгледуваат младите луѓе додека држат и креваат оружје.
Ваквите активности се поврзани со активностите на таканаречените воено-патриотски клубови, кои често работат со поддршка на одредени црковни структури.

