Свет
Швајцарија се подготвува да ги олабави мерките

Швајцарската влада подготви два сета мерки против кoрoнa, кои треба да важат од 17 февруари, а дали попуштањата на мерките ќе биде делумно или целосно, ќе зависи од моменталната епидемиолошка состојба во земјата.
Засега ситуацијата е таква што просечниот број на нови случаи на дневна основа минатата недела бил поголем од 33.000 нови случаи, иако реалната бројка е веројатно малку поголема.
Главен критериум за олеснување на мерките ќе биде степенот на оптоварување на здравствениот систем, односно пополнувањето на капацитетот за интензивна нега. Во некои кантони зафатеноста е помала, во некои повисока, но со оглед на прилично големиот број новозаразени, интензивната нега не е толку оптоварена, па затоа треба да се претпостави дека мерките постепено ќе се укинуваат.
Во Швајцарија 68 отсто од населението се вакцинирани со две дози, додека 40 отсто ја примиле третата доза од вакцината против коронавирус.
Сега, во оваа алпска земја важи правилото 2Г, што значи дека во затворени простории, како ресторани, хотели, барови, можат да влезат само вакцинаторите и оние кои го прележале коронавирусот.
Инаку, секој што ќе влезе во Швајцарија мора најмалку 48 часа пред да влезе во земјата да пополни електронски формулар, кој неминовно ќе биде проверен од граничните власти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп за жестокиот напад на Киев: Владимире, престани!

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги осуди најновите руски напади врз Киев на платформата Truth Social и го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги запре.
„Не сум задоволен од руските напади врз Киев. Тие не се потребни и доаѓаат во многу лошо време. Владимире, престани! 5.000 војници умираат неделно. Ајде да го завршиме мировниот договор!“, напиша Трамп.
Реакцијата доаѓа откако руските сили го извршија најтешкиот напад врз главниот град на Украина од летото минатата година. Киев синоќа беше цел на комбинирани напади со беспилотни летала и проектили, при што загинаа најмалку девет лица, а беа повредени повеќе од 70, меѓу кои шест деца. Нападите предизвикаа пожари и урнаа згради во пет градски кварта, а спасувачките тимови сè уште трагаат по преживеани под урнатините.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прекина официјалната посета на Јужна Африка и најави враќање во својата татковина. За време на состанокот со јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, Зеленски повтори дека Украина нема да се согласи на мировен договор кој вклучува територијални отстапки, вклучувајќи го и Крим.
Свет
Истанбул погоден од 300 последователни потреси, сеизмолозите очекуваат уште еден силен земјотрес

Серија земјотреси го погодија Истанбул и денеска, а турската агенција за катастрофи АФАД извести за речиси 300 последователни потреси, од кои еден бил со јачина од 4,6 степени.
Од вчерашниот силен земјотрес, кој беше со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала, АФАД забележа уште стотици земјотреси по должината на тектонските раседи во Мраморното Море.
Министерот за здравство Кемал Мемишоглу изјави дека 236 лица се повредени, од кои 173 во Истанбул. Петнаесет од нив морало да бидат хоспитализирани, а некои се повредени панично скокајќи од зградите.
Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека нема извештаи за урнати згради. Министерот за урбан развој Мурат Курум објави дека 12 згради се евакуирани како мерка на претпазливост.
Сеизмолозите и геолозите цитирани во турските медиуми, генерално, се согласуваат дека сè уште се очекува голем земјотрес. Иако не е познато кога би можело да се случи, експертите предвидуваат дека би можел да достигне магнитуда 7,4, а некои дури проценуваат и потенцијална магнитуда од 7,7.
Турција се наоѓа во еден од сеизмички најактивните региони во светот.
Локалните медиуми објавуваат дека жителите ја поминале ноќта во паркови и на отворени простори поставувајќи шатори наместо да се вратат во своите домови. АФАД ги повика луѓето да избегнуваат потенцијално небезбедни згради предупредувајќи дека последователните потреси би можеле да траат некое време.
Свет
Шведски новинар се соочува со 12 години затвор поради навреда на Ердоган

Шведскиот новинар Јоаким Медин може да биде осуден на 12 години затвор во Турција под обвинение за навреда на претседателот Реџеп Таип Ердоган и наводна поврзаност со терористичка организација, објави шведскиот весник „Дагенс ЕТЦ“ за кој работи Медин.
Медин беше уапсен минатиот месец по пристигнувањето во Турција, каде што требаше да известува за протестите што избувнаа по приведувањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, водечки опозициски политичар и ривал на Ердоган, објави бриселски „Политико“.
Обвинителството го товари за навреда на претседателот, што предвидува максимална казна затвор од три години во Турција, како и за членство во Курдистанската работничка партија (ПКК), која Анкара ја смета за терористичка организација, што е казниво со затвор до девет години.
„Тој само си ја вршеше работата. Јоаким не е криминалец, а камоли терорист“, изјави главниот уредник на весникот, Андреас Густавсон.
Тој посочи дека обвинувањата се политички мотивирани и дека е обид да се прикаже новинарската работа како тероризам.
Шефицата на шведската дипломатија Марија Малмер Стенергард рече дека разговарала за случајот со својот турски колега и побарала на Медин да му се дозволи да се врати во Шведска.
Односите меѓу Шведска и Турција веќе беа затегнати, особено во контекст на турското противење на шведското членство во НАТО, делумно поради шведската политика кон курдските групи.
Медин и претходно бил уапсен поради известување – во 2015 година поминал една недела во притвор во Сирија по што со посредство на курдски функционери бил ослободен.
Судењето на Медин е закажано за 30 април.