Свет
Швајцарски државјанин ја тужи Швајцарија за расно профилирање пред судот во Стразбур
Швајцарецот Мохамед Ва Бајле од Цирих тврди дека бил жртва на расно профилирање во 2015 година. Швајцарските судови не се согласуваат. Сега тој го однесе својот случај пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, пренесува „Локал“.
Едно утро во февруари 2015 година, Ва Бајле, кој потекнува од Кенија, но една деценија има швајцарско државјанство, бил запрен од двајца полицајци на главната железничка станица во Цирих, кои побарале да се легитимира. Ва Бајле, библиотекар во Институтот за технологија ЕТХ во Цирих, прашал дали полицајците бараат црнец, а кога тие одговориле негативно, Ва Бајле одбил да се легитимира. Полицајците потоа подложиле на претрес, но го ослободиле кога утврдиле дека има картичка за пензиско осигурување.
Ва Бајле бил и казнет со 100 швајцарски франци затоа тоа што не ги почитувал полициските наредби. Сепак, тој ја оспорил казната и го однел предметот на суд. Случајот на крајот стасал до Сојузниот врховен суд во Швајцарија кога и Окружниот суд во Цирих и Апелациониот суд пресудиле дека нема докази оти полицијата го издвоила Ва Бајле по неговата боја на кожата.
Врховниот суд пресудил дека случајот премногу се темели на изјавата на едниот од полицајците, кој изјавил дека Ва Бајле бил запрен бидејќи го свртел погледот. Судот соопшти дека се присутни и ситуациски фактори: Цирих е транспортен центар за долги релации и како таков е изложен на повисоко ниво на криминал. Според швајцарскиот закон, полицијата може да побара лична карта само ако има разумна основа за тоа. Ва Бајле верува дека со него не бил таков случајот и сега поднел барање предметот да биде разгледан од Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Пресудата во овој случај може да постави преседан за прашањето на расно профилирање, а швајцарската Алијанса против расна дискриминација тврди дека швајцарските судови се виновни за неспроведување на правдата и за непридржување кон меѓународните принципи за недискриминација. Судот во Стразбур треба да ѝ објасни на полицијата во Цирих дека таквото профилирање не е прифатливо, изјави Ва Бајле за швајцарски „Блик“.
„Сакам да бидам дел од отпорот против расното профилирање и да ги мотивирам луѓето да бидат похрабри и да се спротивстават на расистичките полициски проверки“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија испраќа хуманитарна помош за Палестинците: Денеска и утре летаат авиони со стока наменета за загрозените во Појасот Газа
Владата на Србија соопшти дека го усвоила Заклучокот за испраќање хуманитарна помош во стока за Палестина, како форма на помош за ранливото население поради критичната хуманитарна ситуација во Појасот Газа.
Хуманитарната помош се дава во вид на храна, вода, медицинска опрема, како и шатори за сместување на семејствата, а вкупната вредност на робата е близу три милиони евра, со тежина од околу 900 тони.
Едниот авион денеска ќе ја земе помошта, а другиот утре, се наведува во соопштението и се додава дека „никој не може да процени“ кога оваа стока ќе стигне до жителите на Газа, со оглед на сложеноста на ситуацијата. Остатокот од хуманитарната помош во неколку наврати ќе биде транспортиран со бродови.
Владата се согласи со предлогот на Министерството за надворешни работи да одговори на повикот на специјализираната агенција на Обединетите нации за образование, наука и култура (УНЕСКО) за обезбедување финансиска поддршка на Програмата за итна помош на Газа, со уплата на средства во износ од 10.000 евра.
Регион
Внатрешната контрола на полицијата бара суспензија на тројцата полицајци кои го испрашуваа Драгијевиќ
Смртта на Далибор Драгијевиќ, братот на осомничениот за убиството на девојчето Данка Илиќ (2) со недели е во фокусот на јавноста бидејќи обдукцијата покажала дека тој починал од насилна смрт додека бил во полициски притвор. Целиот случај со насилна смрт го истражува Секторот за внатрешна контрола (СУК), кој, според неофицијалните информации побарал суспензија на тројцата полицајци кои кобниот ден го испрашувале Драгијевиќ во станица.
Откако на 1 мај Одделот за внатрешна контрола изврши увид во полицијата во Бор, а со цел да се утврдат околностите под кои почина Драгијевиќ на 7 април, надлежните од СУК и предложија на надлежната организациска единица на Управата на полицијата да се спроведе дисциплинска постапка поведена против тројца членови на Одделението за криминалистички истраги на ЈУ Бор – Д.Б, И.С и Д.П, како и да донесе решение за времено отстранување од служба.
Според неофицијалните информации Далибор Драгијевиќ бил малтретиран од полицијата од моментот кога бил приведен поради сомнение дека му помогнал на својот брат да го скрие телото на Данка.
Во текот на денот бил претепан од одредени припадници на полицијата, додека го носеле на различни локации за да им покаже каде е телото на двегодишното девојче, за што тврдел дека не знае.
Свет
Зеленски го разреши главниот телохранител по обидот за атентат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го отпушти шефот на агенцијата одговорна за неговата заштита. Промената дојде откако двајца службеници на агенцијата беа приведени за планирање на атентатот на Зеленски.
Разрешувањето на шефот на Државната стражарска служба (УДО) Серхиј Руд е објавено со указ на претседателската веб-страница. Причината за отказот не беше наведена. Руд беше назначен за главен телохранител на Зеленски во октомври 2019 година. Се уште не е објавено кој ќе го замени.
Двајца полковници обвинети за предавство
Задачата на УДО е да обезбеди безбедност на украинскиот претседател и високи владини претставници, како и заштита на административните згради.
Претходно оваа недела беше објавено дека се уапсени двајца безбедносни службеници кои наводно биле вклучени во руски заговор за атентат врз Зеленски. Двајца полковници на УДО се обвинети за „субверзивни активности против Украина во замена за финансиска компензација“, соопшти канцеларијата на главниот украински обвинител.
Двајцата беа обвинети за предавство, додека еден беше обвинет за подготовка на терористички акт.