Европа
Шведската влада: Не треба да се исклучи вооружен напад на Русија против нас

Русија претставува најголема закана за Шведска и нејзините сојузници до 2030 година, оцени шведската влада во својата најнова стратегија за национална безбедност. „Не треба да се исклучи вооружен напад врз Шведска или нејзините сојузници“, се вели во документот.
Во јануари командантот на вооружените сили им порача на своите сограѓани „ментално да се подготват за војна“. Министерот за одбрана, Пал Џонсон, рече дека заканата од Русија ќе зависи од текот на војната во Украина, но дека таа е „подготвена да преземе големи политички и воени ризици“.
Во средината на јуни руски воен авион го наруши шведскиот воздушен простор во близина на стратешки важниот остров Готланд во Балтичкото Море.
По руското заземање на Крим, Шведска почна да ги зајакнува своите воени сили, а по руската инвазија на Украина во 2022 година, одлучи да се приклучи на НАТО. Таа стана полноправна членка на западната воена алијанса во март 2024 година по 200 години неутралност.
Во новата стратегија Шведска посветува големо внимание на заштитата на своите стратешки средства, особено на северот на земјата, каде што во 2023 година во Кируна, Лапонија, беа откриени најголемите наоѓалишта на ретки метали во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски пристигнува на погребот на папата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе присуствува на погребот на папата Франциско, пренесе АФП повикувајќи се на извор од украинскиот претседателски кабинет.
Според истиот извор, канцеларијата на Зеленски ја подготвува неговата посета на Рим за Зеленски лично да се прости од поглаварот на Католичката црква.
Како што претходно беше најавено, погребот на папата Франциско ќе се изврши в сабота, 26 април, во 10 часот по локално време. Досега Трамп и Макрон потврдија дека ќе бидат на погребот, но се очекува да присуствуваат многубројни светски лидери и стотици илјади верници.
Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на „Телеграм“ градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона Шхидни. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база не само за стоки туку и за опрема и персонал, со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата почна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.