Свет
Шведска ги менува препораките – лицата со слаби симптоми на настинка не мора ни да се тестираат
Под силен притисок од ширењето на омикрон и зголемениот број на заразени и здрави, но изолирани, кои почнаа да ги загрозуваат виталните општествени функции, како што се предучилишниот и здравствениот систем, Шведска денеска во голема мера ги промени своите препораки за тестирање и изолирање на граѓаните во случај на коронавирус во домаќинствата.
Така, периодот на изолација на лицата кои живеат во заедничко домаќинство со заразените е намален од седум на пет дена, а за некои популациони групи целосно е укинат.
„ Сведоци сме на силно влијание на Ковид-19 врз целото општество, делумно поради самата болест, но и поради отсуството на многу граѓани од нивните работни места. Оценуваме дека голем дел од населението ќе биде заразено во следните недели. Поради оптоварувањето на системот, резултатите доцнат и тоа ја намалува нивната важност. Затоа сега ги прилагодуваме препораките за тестирање и изолација“, изјави Сара Бифорс од шведскиот институт за јавно здравје.
Луѓето кои примиле три дози од вакцината, кои се заразиле со Ковид-19 во последните три месеци и кои работат во општествено витални активности, повеќе не треба да бидат изолирани или ставени во карантин доколку некој од членовите на нивното семејство се зарази. Исто така, луѓето со Ковид-19 можат да се вратат на работа или на училиште по само пет дена, под услов да немаат треска во последните два дена и да се чувствуваат добро. Ова важи и за оние кои не успеваат да се тестираат.
Се менуваат и приоритетите во ПЦР-тестирањето. Покрај пациентите од медицински причини и лицата кои згрижуваат стари и болни лица во соодветни институции, приоритет при тестирањето ќе имаат и лицата со симптоми на чие работно место е потребно лично присуство, како и основците и средношколците. Луѓето со симптоми на Ковид-19 кои биле тестирани дома не треба да се подложат на ПЦР-тестови.
Шведска спроведе речиси 500.000 ПЦР-тестови минатата недела, од кои 32 отсто беа позитивни, што укажува дека многу повеќе од 39.928 биле заразени. Поради тоа, неколку шведски лекари во последните денови ја испратија следната порака до јавноста – доколку имате симптоми на настинка, сметајте дека сте заразени со сојот омикрон.
„Оние со благи симптоми на настинка не треба ни да се тестираат. Тоа е мојата порака до сите, под услов да не работат во системот на здравствена или социјална заштита и на тој начин ризикуваат да заразат послаби и поранливи луѓе. Особено нема потреба да се се тестира повеќе пати неделно ако нема медицински индикации“, изјави Томас Бергстром, професор по клиничка микробиологија на Универзитетот во Салгрен во Гетеборг, додавајќи: Целосно е бесмислено да се тестираме и да ги добиеме наодите за само една недела. Се соочуваме со огромен бран на инфекции и јасно е дека сите заразени го имаат сојот омикрон.
Сепак, и покрај десетици илјади заразени, веќе нема сомнеж дека сојот омикрон не предизвикува посериозни симптоми кај огромното мнозинство пациенти, особено кај оние кои се вакцинирани. Шведските медиуми јавуваат дека само 57 отсто од пациентите кои биле позитивни на тестот и биле хоспитализирани во јануари имаат Ковид-19 како примарна дијагноза. Сите останати во болница завршиле од други причини, а дури по хоспитализацијата е откриено дека се заразени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

