Свет
Шест брода со жито испловија од Украина по враќањето на Русија на договорот
Шест брода натоварени со жито испловија од украинските пристаништа на Црното Море по враќањето на Москва на договорот за извоз на жито, изјави во четвртокот турскиот министер за одбрана, јавуваат агенциите.
„Шест брода испловија од украинските пристаништа по обновената иницијатива за жито“, рече Хулуси Акар во Анкара.
Со тоа вкупниот број на бродови од Украина што превезуваат повеќе од 9,7 милиони тони жито се искачи на 426 од стапувањето во сила на договорот од јули со посредство на Турција и ОН, рече Акар.
Турција се надева дека договорот за извоз на жито ќе помогне да се отвори патот кон прекин на огнот и кон мир, рече турскиот министер, пренесува агенцијата ДПА.
Москва се врати на договорот кога со посредство на Турција доби гаранција од Украина дека нема да го користи поморскиот коридор за воени дејства против Русија.
Но, Украина останува на ставот дека не презела нови обврски надвор од условите од јулскиот договор за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море по руската инвазија, изјави портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, пренесува „Ројтерс“.
Портпаролот Олег Николенко напиша на „Фејсбук“ дека Украина никогаш не го користела Црноморскиот коридор за жито за воени цели и никогаш немала намера да го стори тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефицата на европската дипломатија: Времето не е на страната на Русија, ама не е ниту на нашата
Русија е егзистенцијална закана за безбедноста на Европската Унија и единствен начин да се спречи тоа е да се зголемат трошоците за одбрана, изјави шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, додавајќи дека ЕУ предолго ѝ нуди на Русија алтернативи.
„Русија е егзистенцијална закана за нашата безбедност денес, утре и инвестициите во нашата одбрана се недоволни“, рече таа во говорот на годишната конференција на Европската агенција за одбрана (ЕДА).
„Луѓето велат дека сум јастреб кога станува збор за Русија. Мислам дека сум само реална“, рече Калас.
Калас, која е меѓу најгласните противници на рускиот претседател Владимир Путин во ЕУ, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп е во право кога вели дека земјите членки на ЕУ не трошат доволно за одбрана.
Трамп овој месец рече дека членките на НАТО треба да потрошат 5 проценти од БДП на одбраната, што е големо зголемување од сегашната цел од два процента и ниво што во моментот не го исполнува ниедна членка на НАТО, вклучително и Соединетите Американски Држави.
„Времето не е на страната на Русија. Но, не е нужно ниту на наша страна бидејќи сè уште не правиме доволно. Не треба да се сомневаме дека треба да трошиме повеќе за да спречиме војна. Но, исто така треба да се подготвиме за војна“, рече Калас.
Свет
Рускиот заменик-министер: Има простор за преговори со Трамп, иако мал
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изјави дека Москва гледа мал простор за преговори со новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп, пренесе „Интерфакс“.
„Не можеме да кажеме ништо денес за нивото на капацитетот на новата администрација за преговори, но, сепак, во споредба со безнадежноста во секој поглед на претходниот шеф на Белата куќа (Џо Бајден), денес има простор, иако мал“, рече Рјабков.
„Затоа, важно е да се разбере што и со кого ќе треба да се справиме, како најдобро да изградиме односи со Вашингтон, како најдобро да ги максимизираме можностите и да ги минимизираме ризиците“, рече тој во Институтот за американски и канадски студии во Москва.
Трамп, кој ја презеде функцијата во понеделникот, рече дека може бргу да ја заврши војната во Украина, без да прецизира како.
Вчера, тој предупреди дека, најверојатно, ќе воведе повеќе санкции кон Русија доколку рускиот претседател Владимир Путин одбие да преговара за крај на војната, која трае речиси три години.
Трамп не откри детали за можните нови санкции против Русија, која веќе е под значајни западни санкции поради војната во Украина.
Свет
Почна судењето во Германија, кое се очекува да ги разоткрие сите тајни на пицата број 40
Стипе Р., сопственик на пицерија во стариот дел на Диселдорф, беше уапсен минатата година поради трговија со дрога. Неговиот специјалитет, пица број 40, стана синоним за нелегални активности бидејќи клиентите што ја нарачувале, всушност, добивале пакетчиња кокаин.
Стипе Р. се соочува со тешки обвиненија, а судењето почна денес. Се очекува да трае до 12 февруари кога треба да се донесе пресуда. Доколку биде прогласен за виновен, може да добие неколкугодишна затворска казна.
Овој случај привлече големо внимание во Германија, а истрагата откри и мрежа за шверц на дрога, во која учествуваа повеќе лица.
За време на неговите години во бизнисот, Стипе Р. стана познат по својата уникатна понуда – пица број 40. Сепак, она што изгледаше како обична пица, всушност беше покритие за шверцот на кокаин. Секоја нарачка од оваа пица вклучувала дрога од 40 евра, а државното обвинителство тврди дека оваа дејност со години ја водел Стипе Р.
Се посомневале дека работи на црно
Истрагата почна кога властите ја прегледаа неговата пицерија во март минатата година поради сомневање за незаконско работење. При увидот инспекторите забележале пица со сомнителни состојки по што дошло до интервенција на полицијата. Набргу потоа на вратата на Стипе Р. тропнала полицијата, кој во паника од балконот фрлил кеса во која имало речиси 264.000 евра, повеќе од 200 грама канабис и околу 1,6 килограм кокаин. Чантата паднала директно во рацете на полицајците, кои биле надвор од зградата, по што почнала сериозна истрага.
Трговија со дрога и обид за бегство
По првото апсење, Стипе Р. бил ослободен, но тој не се откажал од своите незаконски активности. Продолжил да ја продава пицата број 40 и повторно бил уапсен во август 2023 година, овој пат поради обид за бегство во Хрватска. Тој планирал да ја продаде својата продавница и да побегне од Германија, но инспекторите му влегле во трага и го уапсиле поради обид илегално да ја напушти земјата.
Истрагата не запре со Стипе Р. Во октомври 2023 година, врз основа на информации добиени од надзорот на неговата пицерија, полицијата уапси неколку лица поврзани со дрога. Меѓу уапсените е и 22-годишниот водач на банда, како и лица од други градови, вклучувајќи ги Келн и Хан. Во рациите во Германија беше разбиена криминална мрежа за шверц на дрога и беа пронајдени две плантажи со канабис. Запленети се и нелегални предмети, меѓу кои и оружје, скапи часовници и готовина.