Свет
Шефовите на дипломатиите на Г7: Сите страни мора да дозволат непречена хуманитарна помош за цивилите
Шефовите на дипломатиите на групата седум денеска покажаа единствен став за војната меѓу Израел и Хамас по интензивните состаноци во Токио осудувајќи ги палестинските милитанти и поддржувајќи го правото на Израел на самоодбрана, пренесува АП.
Групата седум богати земји (Г7), составена од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и САД, како и ЕУ, денеска повикаа на хуманитарни паузи во конфликтот со цел да се забрза помошта за загрозените цивили во Појасот Газа. Во изјавата по дводневните разговори членките на Г7 се обидоа да ја балансираат недвосмислената критика за нападите на Хамас врз Израел со потребата од итна акција за помош на цивилите во опколената палестинска енклава, според АП.
„Сите страни мора да дозволат непречена хуманитарна помош за цивилите, вклучувајќи храна, вода, медицинска нега, гориво и засолниште, како и пристап за хуманитарните работници“, се вели во заедничката изјава.
Во документот се додава дека Г7 „поддржува хуманитарни паузи и коридори за овозможи итно неопходна помош, движење цивили и ослободување на заложниците“.
Додека шефовите на дипломатиите се состануваа во центарот на Токио, Агенцијата на ОН објави дека илјадници Палестинци во Газа одат на југ носејќи го само она што може да го носат откако останаа без храна и вода на северот на енклавата.
Израел објави дека неговите војници за време на борбата против милитантите на Хамас продираат длабоко во градот Газа, кој пред војната беше дом на речиси 650.000 луѓе и каде што, според израелската армија, Хамас има централна команда и огромен лавиринт од тунели. Конфликтот во Газа, кој следува по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, во кој милитантите убија повеќе од 1.400 луѓе, главно цивили, и зедоа 242 заложници, беше на врвот на агендата на состанокот во Токио.
Министрите на Г7 се занимаваа и со голем број други кризи, вклучувајќи ги војната во Украина, нуклеарната и ракетната програма на Северна Кореја и растечките тензии меѓу Кина и нејзините соседи поради територијалните спорови.
„Нашата цврста посветеност да ја поддржиме борбата на Украина за нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет никогаш нема да биде поколебана“, се вели во соопштението на Г7.
Во последната изјава по состанокот шефовите на дипломатијата на Г7 „најостро ги осудија повторното лансирање балистички ракети од Северна Кореја, како и трансферот на оружје од Северна Кореја во Русија, што директно ги крши релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, додаде АП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Го замолив Путин да не ја напаѓа Украина една недела, тој се согласи
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил на еднонеделна пауза во ракетните напади врз Украина откако изрази загриженост за екстремно ниските температури што ја погодуваат земјата.
Во разговор со новинарите во Белата куќа, Трамп рече дека директно го контактирал Путин за да побара привремена пауза во ракетните напади, особено оние што ги таргетираат големите градови.
„Го повикав претседателот Путин“, рече Трамп, истакнувајќи дека и Русија поминува низ силен студен бран, но дека температурите во Украина се значително постудени.
„Имаат огромен студен бран“, рече тој, додавајќи дека го замолил Путин да ги одложи нападите една недела за да не бидат испукани ракети врз Киев или кој било друг град. Според Трамп, Путин се согласил.
„Тоа е нешто“, заклучи американскиот претседател.
По изјавите на Трамп, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Трамп го замолил Путин да ги запре нападите врз Украина, но не сакаше да потврди дали рускиот претседател се согласил со барањето.
Свет
Португалија планира забрана за социјални мрежи за деца под 16 години
Португалија планира да воведе забрана за користење социјални мрежи за деца помлади од 16 години, според предлог-закон поднесен во парламентот по примерот на Австралија и Франција. Со законот се воведува таканаречена „дигитална полнолетност“ на 16 години.
За тинејџерите од 13 до 16 години, пристапот до социјалните мрежи би бил дозволен само со согласност од родителите, а платформите би морале да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, усогласени со државниот софтвер.
Предлагачите наведуваат дека научните истражувања покажуваат дека раната употреба на социјални мрежи може негативно да влијае врз социјалниот и когнитивниот развој на децата и да поттикне зависност.
Предлогот е дел од поширок европски тренд за заштита на младите на интернет, откако Австралија воведе ваква забрана, а Франција неодамна изгласа ограничување за деца под 15 години. И други европски земји се залагаат за заедничко решение на ниво на ЕУ.
Свет
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма
Иран изрази подготвеност за преговори со САД за нуклеарната програма, во време на зголемени воени тензии и засилено американско воено присуство во регионот, пишува Гардијан.
Иранскиот министер за надворешни работи Абaс Аракчи навести дека разговорите би можеле да започнат наскоро, додека американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со Иран се водат „сериозни разговори“.
Според иранската агенција Фарс, претседателот Масуд Пезешкијан дал налог да започнат нуклеарни преговори со САД. Американски и ирански изасланици би можеле да се сретнат во Истанбул, заедно со претставници од неколку арапски и муслимански земји, со цел да се разговара за можен нов нуклеарен договор.
Разговорите доаѓаат по сериозни воени судири и напади врз ирански нуклеарни постројки минатата година, како и по стотици ракетни напади на Израел. САД во меѓувреме распоредија носачи на авиони, воени бродови и борбени авиони во регионот. Трамп бара нов договор со кој би се запрела продукцијата на високо збогатен ураниум.
Истовремено, во Иран расте загриженоста дека евентуален ограничен американски напад би можел да предизвика нов бран протести и дополнителна дестабилизација, додека регионалните актери се подготвуваат за можни сценарија на ескалација.

