Свет
Шефот на НАТО му одговори на Трамп: Секоја сугестија дека нема да се заштитиме едни со други ја поткопува нашата безбедност
Во изминатите 75 години НАТО можеше да спречи воен напад врз која било од своите членки благодарение на јасната комуникација дека алијансата е таму за да ги брани своите членки и затоа секоја сугестија дека нема да се заштитиме едни со други ја поткопува безбедноста на сите нас, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Целта на НАТО е да спречи војна, да го зачува мирот, да спречи напади врз сојузничките земји и тоа го правевме со децении затоа што нашата моќ на одвраќање беше веродостојна. Затоа, секоја сугестија дека нема да се заштитиме едни со други ја поткопува безбедноста на сите нас и ги зголемува ризиците“, рече Столтенберг на прес-конференција одговарајќи на прашањето за коментирање на неодамнешните изјави на веројатниот републикански кандидат на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп.
Трамп рече дека САД нема да им помогнат на оние земји што не плаќаат 2 отсто од својот БДП за одбрана и дека, згора на тоа, ќе поттикне напад врз тие членки. Столтенберг рече дека неговата порака до Трамп е дека кредибилитетот на силите за одвраќање на НАТО не треба да се поткопува.
„Ова се однесува на способностите во кои инвестираме, но и на начинот на кој комуницираме затоа што нашите противници ја имаат на ум нашата моќ за одвраќање. Не треба да оставиме простор за погрешна пресметка или недоразбирање во Москва за нашата подготвеност, посветеност и решеност да ги заштитиме сите сојузници“, рече генералниот секретар.
Столтенберг го повтори главниот принцип на кој почива НАТО, а тоа е дека нападот врз една членка носи одговор од целата алијанса. „Сè додека стоиме заедно зад таа порака, спречуваме каков било напад врз еден од нашите членови. Затоа, важно е да го пренесеме ова јасно со зборови и дела“, рече Столтенберг.
Тој додаде дека денес нема непосредна закана за сојузниците во НАТО поради таа одредба и затоа што алијансата значително ја зголемила својата колективна одбрана од 2014 година. Тој рече дека тоа е поттикнато од руската нелегална анексија на Крим.
Столтенберг рече дека НАТО ќе продолжи силно да ја поддржува Украина, ја поздрави одлуката на ЕУ за пакетот помош од 50 милијарди евра и го повика американскиот Конгрес исто така да ја одобри помошта. „Тоа не е милостина, тоа е инвестиција во нашата безбедност“, рече генералниот секретар.
Главна тема на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО е натамошната поддршка на украинските воени напори и распределбата за одбраната. Земјите членки поставија цел да издвојат минимум 2 отсто од својот БДП за трошоците за одбрана.
Попладнево, ќе се одржи состанок на контакт-групата за Украина, која обединува повеќе од 50 земји под водство на САД. Некои од учесниците ќе бидат физички присутни, а други ќе учествуваат на средбата преку видеоврска.
Утре се состанува Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, а потоа и советот НАТО – Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Русија сè уште не е подготвена за сериозни мировни преговори
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Русија сè уште не е подготвена за сериозни преговори за мир во Украина, иако западните сојузници се подготвени за дијалог кога ќе има смисла.
Говорејќи за време на Минхенската безбедносна конференција, Мерц го почна излагањето со критика на унгарскиот премиер Виктор Орбан, раскажувајќи за „еден премиер од ЕУ“ кој заминал во Москва без мандат и „не постигнал ништо“. Според него, една недела по таа посета, Украина претрпела некои од најжестоките напади врз цивилната инфраструктура.
„Ако разговорите имаат смисла, ние сме подготвени. Но, како што гледаме и од американска страна – Русија сè уште не е подготвена сериозно да разговара“, рече Мерц.
Тој додаде дека војната ќе заврши дури кога Русија ќе биде барем економски, а можеби и воено, исцрпена:
„Се приближуваме до тој момент, но сè уште не сме таму. Русија мора да се откаже од овој ужасен напад врз Украина, а ние мора да направиме сè што е потребно за да ги доведеме до точка кога повеќе нема да гледаат корист од продолжување на оваа војна“, истакна германскиот канцелар.
Регион
На Мерц му е непријатно оти е закочено членството на Западен Балкан во ЕУ
Германскиот канцелар Мерц во Минхен зборуваше за иднината на проширувањето на Европската унија, откако расправата беше поттикната од прашање на претседателот на Црна Гора.
Тој призна дека чувствува „сè поголема непријатност“ поради тоа што Европската унија не успева да постигне значаен напредок во пристапните процеси со земјите од Западен Балкан и соседството.
„Мораме да осмислиме нова стратегија за да ги доближиме овие земји до ЕУ. Не сакам да ве изгубам“, порача Мерц.
Како главна пречка го наведе принципот на едногласност, со посебен акцент на постојаното блокирање од страна на Унгарија, која ја опиша како „слон во просторијата“. Тој изрази надеж дека ова може да се надмине.
„По изборите што ќе се одржат во април, се надеваме дека ќе можеме да ги отвориме следните поглавја и да ви се приближиме уште повеќе кон Европската унија“, заклучи тој.
Свет
Орбан: На изборите се одлучува за војна или мир
Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги претстави претстојните избори на 12 април како избор меѓу „војна и мир“, тврдејќи дека опозицијата ќе ја вовлече Унгарија во војната во Украина.
„За мир, Фидес е сигурен избор“, порача тој.
Владината кампања ги повикува граѓаните да ја потпишат националната петиција за одбивање финансиска помош за Украина, а низ државата се поставени постери кои го прикажуваат лидерот на опозицијата Петер Маѓар како поддржувач на ЕУ и Украина.
Иако партијата Тиса на Маѓар е водечка во анкетите, и таа е воздржана во однос на Украина, најавувајќи референдум за евентуалното пристапување на Киев во ЕУ.
Според анкети, 63 проценти од Унгарците се против европска помош за Украина, а 64 отсто се против членството на Украина во ЕУ.

