Свет
Јункер: ЕУ не треба лесно да ѝ дава ветувања на Украина
Поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека на Украина треба да ѝ се даде перспектива за членство во Европската Унија, но и предупреди дека е скептичен кога се во прашање роковите и дека Брисел не треба да ветува нешто што не може да го исполни.
„Целосно се согласувам дека треба да има перспектива за членство на Украина. Но, јас сум против давање ветувања што не може да се исполнат во рокот што Украина го сака. Тоа би резултирало таа земја повторно да биде разочарана и да ѝ сврти грб на ЕУ“, рече Јункер за денешниот Noe ziricher Zeitung (NZ).
Јункер рече дека одлуката позитивно да се одговори на барањето на Украина за преговори е правилна.
„Но, сите учесници треба да знаат дека има предуслови што треба да се исполнат за да не внесуваме непотребни проблеми во ЕУ“, рече Јункер, кој пред да биде избран за претседател на Комисијата во 2014 година беше премиер на Луксембург речиси две децении.
Јункер потврди дека во пресрет на декемвриската одлука на Брисел за преговорите со Украина тој во интервју рече дека поради распространетата корупција во општеството, Украина нема да биде подготвена за членство во ЕУ долго време.
„Така реков. Па без разлика дали е паметно или не. Но, корупцијата, колку што знам, е континуиран проблем во Украина“, рече Јункер.
И тогаш бев против непромислени потези и денес сум“, рекол Јункер, пренесува „Бета“.
Според него, споровите во европското земјоделство не се причина за забрана за влез на Украина во ЕУ, но треба да се знае дека тоа би создало „цел конгломерат политички, економски и технички проблеми“.
Според него, би било вредно да се размислува за некаква делумна интеграција и постепено зближување, „некаков вид квазичленство за Украина“.
„Тоа секако би било пореално од полноправно членство во следните три-пет години“, рече Јункер.
Јункер оцени дека во ЕУ и денес постои одредено недоразбирање на Западна Европа за состојбата на умот на Источна и Централна Европа.
Проценувајќи дека тоа во голема мера е последица на Студената војна и поделбата на блокот, тој призна дека никогаш не ги сфатил доволно сериозно претходните предупредувања на Полска, Чешка и на Унгарија дека Русија може да се претвори од зборови на дела.
„Никогаш не го сметав тоа за реална хипотеза. Напротив, ние сепак настапувавме како учители одозгора. Од друга страна, признавам дека имав тешки односи со некои европски влади кога почна бегалската криза. Затоа што не го разбрав нивното одбивање да примат бегалци. Тоа беше спротивно на моето разбирање за европската солидарност“, рече Јункер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“: Не сакаат мигранти, а тие се она што не прави силни
Американскиот претседател Џозеф Бајден ги нарече Индија и Јапонија „ксенофобични земји“ затоа што не сакаат да примат мигранти.
Тој го рече ова за време на говорот на настанот за собирање средства за неговата изборна кампања, во средата навечер, на донаторска вечера пред публика составена претежно од Азиски Американци., пишуваат тамошните медиуми. Бајден рече дека претстојните избори во САД се за „слобода и демократија“ и дека економијата на земјата напредува поради нив и многу други, „бидејќи САД ги пречекуваат имигрантите“.
„Зошто Јапонија има економски проблеми? Зошто Индија? Затоа што се ксенофобични. Тие не сакаат мигранти, а тие се она што не прави силни, бидејќи имаме прилив на работници кои сакаат да бидат тука и сакаат да придонесат“, додаде американскиот претседател.
На овие зборови на Бајден досега не реагираа ниту јапонската ниту индиската влада.
Свет
Директорката на американското разузнавање: Русија напредува на бојното поле, но војната во Украина нема да заврши наскоро
Директорката на Националната разузнавачка служба на САД, Аврил Хејнс денеска оцени дека војната во Украина нема наскоро да заврши, а развојот на ситуацијата на домашен и меѓународен план е во корист на рускиот претседател Владимир Путин.
Хејнс пред Комитетот за вооружени служби на Сенатот изјави дека Русија ги интензивирала нападите врз украинската инфраструктура за да ја намали способноста на Киев да распоредува војници и оружје, да го забави военото производство и да ја принуди Украина да ги разгледа преговорите.
„Сè поагресивните тактики на Путин против Украина, како што се ударите врз енергетската инфраструктура на Украина, имаат за цел да создадат впечаток во Украина дека продолжувањето на борбата само ќе ја зголеми штетата за Украина и нема да понуди пат до победата“, рече Хејнс.
Говорејќи пред Комитетот за проценка на заканите на САД во 2024 година, таа рече дека „оваа агресивна тактика веројатно ќе продолжи“ и „војната нема да заврши наскоро“.
Хејнс изјави дека Русија напредува на бојното поле и дека нејзините сили наскоро би можеле да направат тактички пробив во Доњецк и Харков, пренесува Танјуг.
Регион
(Видео) Избрана е новата Влада на Србија
Собранието на Србија со 152 гласа ја изгласа новата Влада на премиерот Милош Вучевиќ. Два дена траеше расправата за составот на Владата и нејзиниот план за работа, при што опозицијата го оспори кредибилитетот на Вучевиќ, посочувајќи дека, како и досега, за секоја одлука ќе биде прашан претседателот на државата Александар Вучиќ.
Новата Влада на Србија брои 31 член, од кои една третина се нови имиња во споредба со претходната Влада на чело со Ана Брнабиќ.
Премиерот Вучевиќ претходно изјави дека длабоко верува во историскиот договор меѓу Србите и Бошњаците и рече дека сака добри односи и со Хрватите. Истовремено, тој рече дека нема да ги гради овие односи на штета на сопствените интереси и дека Србија нема да се откаже од традиционалните пријатели.
Посебно внимание предизвикаа двајцата министри кои се под санкции на САД: Александар Вулин ќе биде вицепремиер, а Ненад Поповиќ ќе биде министер без ресор.