Свет
Шкотска ја зголемува минималната цена на алкохолот 30 отсто поради смртните случаи
Властите во Шкотска ќе ја зголемат минималната цена на алкохолните пијалоци како дел од мерките кои треба да го намалат бројот на хоспитализации и смртни случаи поврзани со консумирање алкохол, пишува „The Guardian“.
Владата во Единбург наскоро треба да даде зелено светло за зголемување на цената од 50 на 65 пени по единица, што треба да стапи на сила на почетокот на мај оваа година.
Јавното здравство Шкотска минатата година соопшти дека шемата за минимална цена на алкохолот, воведена пред шест години, резултирала со пад од 13,5 отсто на смртните случаи поврзани со алкохол.
Сепак, во последните три години, бројот на смртни случаи поради консумирање алкохолни пијалоци повторно е зголемен за 25 отсто, додека бројот на оние кои користеле помош за откажување од алкохол е намален за 40 отсто во последната деценија.
Според новата одлука, минималната цена на стандардното шише виски во Шкотска ќе се зголеми од 14 на 18,20 фунти, а вотката на 16,90 фунти.
„Повеќе од 20 луѓе неделно во Шкотска умираат поради злоупотреба на алкохол и поради тоа мораме да преземеме некои чекори“, изјави Вили Рени, поранешен претседател на шкотските либералдемократи.
Дејвид Ричардсон од синдикатот на трговци за алкохолни пијалоци не се согласува со него.
„Со овие мерки ќе ги казниме огромното мнозинство луѓе кои пијат одговорно“.
Шкотските лабуристи ја поддржуваат политиката, но повикаа на дополнителен данок на алкохол за трговците на мало за да го оданочуваат незаработениот профит што го прават од минималните цени, при што приходите одат директно во NHS и напорите за справување со зависноста.
Истражувањето на шкотскиот институт „Фрејзер од Аландер“, објавено во понеделникот, проценува дека трговците на мало остваруваат околу 30 милиони фунти годишно дополнителен профит со задржување на разликата помеѓу минималната цена и големопродажната цена на пијалоците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

