Свет
Шолц во Киев вети германска помош за Украина, избегна прашања за НАТО
Германскиот канцелар, Олаф Шолц, денеска го посети Киев за првпат по две и пол години, носејќи порака за поддршка од Берлин и ветувајќи дека Германија ќе остане најсилниот поддржувач на Украина во Европа.
Германскиот канцелар, кој во понеделникот наутро пристигна во украинскиот главен град по деветчасовно патување со воз, најави дополнителни испораки на оружје во вредност од 650 милиони евра до крајот на декември за зајакнување на одбраната на Украина, вклучувајќи борбени тенкови, проектили, беспилотни летала и системи за противвоздушна одбрана.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го пречека Шолц во Киев, се заблагодари на Германија за континуираната поддршка.
Но, Зеленски, исто така, истакна дека двете итни украински барања, за покана за членство во НАТО и за испорака на крстосувачки ракети Таурус од германско производство со долг дострел, останале неисполнети.
Шолц избегна прашања за аспирациите на Украина за членство во НАТО, велејќи само дека претходните резолуции на НАТО го отворија патот за евентуално членство на Украина во алијансата.
Канцеларот мисли на состаноците во 2023 и 2024 година, на кои земјите од НАТО само потврдија дека Украина во одреден момент треба да стане членка на западната одбранбена Алијанса. Но, тие не понудија конкретна временска рамка или детални услови за пристапување на Украина.
Шолц, исто така, уште еднаш повтори на заедничката прес-конференција со Зеленски дека одбива да испрати ракети Таурус бидејќи вооружувањето на Украина со оружје со долг дострел ризикува ескалација со Русија.
Во последниве недели, украинскиот лидер повторно го забрза обидот на Украина да се приклучи на НАТО во светлината на територијалните придобивки на Русија во крвавите битки на фронтот.
Така, во неделата официјалната покана за членство во НАТО ја опиша како неопходна за нивниот опстанок, додавајќи дека не се надева оти ќе ја добие поради скептицизмот во САД, Германија и Унгарија.
Пред разговорите, двајцата лидери заедно ги посетија ранетите украински војници во Киев, вклучително и некои кои ги загубија екстремитетите борејќи се со руската инвазија. За време на посетата Зеленски им додели медали на поединечни војници.
Зеленски и Шолц, исто така, гледаа презентација на беспилотни летала користени во одбранбената кампања на Украина против Русија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Три лица загинаа, а 15 се повредени откако Тенерифе го погодија џиновски бранови
Џиновски бранови однесоа десетина луѓе во морето кај Тенерифе, вклучувајќи многу туристи, при што три лица загинаа, а 15 се повредени, соопштија регионалните власти на шпанскиот туристички остров, пренесе ДПА.
Весникот „Диарио де Ависос“ денеска објави дека три лица загинале вчера „трагичен ден“ покрај брегот на Тенерифе.
Една од жртвите била 79-годишна холандска државјанка, според медиумските извештаи. Властите ја потврдиле нејзината националност, но нејзината точна возраст сè уште не е потврдена.
Инцидентот се случи вчера попладне во Пуерто де ла Крус, град на северниот брег на Канарскиот Остров, кога силата на брановите ја однеле неа и уште девет лица во водата.
Полицајците и случајните минувачи успеале да ги извлечат сите на брегот. За жал, Холанѓанката доживеала срцев удар и починала и покрај обидите за реанимација од страна на болничарите на местото на настанот.
Останатите девет лица, меѓу кои и тројца француски туристи, се пренесени во болница со различни повреди, од кои некои се сериозни.
Втора жртва е пријавена во Чарко дел Виенто, на околу 15 километри западно од Пуерто Ла Крус. 43-годишен Шпанец паднал во морето додека ловел риба.
Тој бил брзо спасен со хеликоптер, но болничарите можеле само да ја констатираат неговата смрт, според весникот „Ел Дија“. Властите веруваат дека најверојатно бил удрен од џиновски бран, иако немало очевидци.
Свет
Пожар зафати над 1.000 хектари шума во Нов Зеланд
Пожарникарите во Нов Зеланд повторно ја започнаа борбата со неконтролиран шумски пожар што зафати повеќе од 1.000 хектари во националниот парк „Тонгариро“ на Северниот остров, соопшти утринава противпожарната и спасувачка служба.
Пожарот започнал вчера попладне во популарната туристичка област „Тонгариро“, а околу 40 туристи биле евакуирани по воздушен пат. Акциите биле привремено прекинати преку ноќ поради безбедносни причини.
Заменик-командантот на противпожарната служба Ник Вест изјави дека пожарот се проширил во текот на ноќта, но засега нема информации за оштетени објекти или дополнителни евакуации.
Вест најави дека денеска преку воздушно извидување ќе се потврдат размерите на пожарот, а според првичните проценки, неговото ставање под контрола би можело да потрае уште најмалку еден ден.
Во акцијата се вклучени шест противпожарни возила и пет цистерни за вода, поддржани од шест хеликоптери и два авиони, соопшти службата.
Свет
Бајден со порака до Трамп: Ги посрами САД и ги издигна интересите на богатите над оние на обичните Американци
Поранешниот претседател на САД, Џо Бајден, упати остри критики кон актуелниот шеф на државата, Доналд Трамп, посочувајќи дека тој го уништува не само Источното крило на Белата куќа, туку и целата земја, јави ДПА.
– Знаев дека Трамп ќе преземе деструктивни дејствија против земјата, но морам да признаам дека немав претстава дека ќе стане вистински уништувач, рече Бајден на гала-вечера на Демократската партија во градот Омаха, Небраска.
Поранешниот претседател демократ, кој сега има 82 години, ова го кажа во врска со проектот на Трамп на местото на Источното крило на Белата куќа да се изгради сала за балови. Трамп претходно изјави дека неговите планови за таква сала „нема да влијаат на зградата во нејзиниот сегашен изглед“.
– Ова е совршен симбол на неговото претседателствување, посочи Бајден.
– Трамп презеде деструктивни дејствија не само против домот на народот, туку и против Уставот, владеењето на правото и самата наша демократија, додаде поранешниот претседател.
Бајден директно му се обрати на Трамп во својот говор, изјавувајќи дека со своето однесување актуелниот шеф на државата ги посрамил САД и ги издигнал интересите на богатите над оние на обичните Американци.

