Свет
Шолц: Инцидентите во Балтичкото Море се дел од хибридна стратегија што им се заканува на европските земји
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека низата инциденти во Балтичкото Море мора да се сфатат како дел од хибридната стратегија што им се заканува на европските земји.
Говорејќи пред состанокот на лидерите на НАТО во Хелсинки, германскиот канцелар ги повика балтичките земји да дејствуваат на координиран и брз начин во регионот на Балтичкото Море, објави „Ројтерс“.
Летонскиот претседател Едгарс Ринкевичс пред состанокот на НАТО денеска во Хелсинки изјави дека европските држави мора да бидат подготвени да се справат со новите инциденти во Балтичкото Море по неодамнешните оштетувања на подводната инфраструктура.
„На самитот на НАТО-сојузниците од Балтичкото Море денеска ќе присуствуваат генералниот секретар на НАТО – Марк Руте, данската премиерка – Мете Фредериксен, германскиот канцелар – Олаф Шолц, летонскиот претседател – Едгарс Ринкевичс, литванскиот претседател – Гитанас Науседа, полскиот премиер – Доналд Туск, шведскиот премиер – Улф Кристерсон и извршниот потпретседател на Европската комисија – Хена Виркунен“, изјави тој на веб-страницата на НАТО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Меланија Трамп: Луѓето не сфаќаат дека не зависам од Доналд
Меланија Трамп наскоро повторно ќе стане прва дама на САД. Во пресрет на почетокот на вториот мандат на нејзиниот сопруг, Меланија даде интервју за Фокс њуз во кое сакаше да се прикаже како жена која не е зависна од него.
„И првиот пат бев своја, едноставно ми се чинеше дека луѓето не ме сфаќаат сериозно или не ме прифаќаат, можеби сега ќе биде поинаку. Немав голема поддршка. Можеби некои луѓе ме гледаат само како сопруга на претседателот, но јас стојам на свои нозе, имам свои размислувања“, истакна таа.
„Понекогаш ги слуша моите совети, понекогаш не. Не секогаш се согласувам со она што го кажува или прави мојот сопруг и тоа е во ред“, рече Меланија.
Идната прва дама откри дека нема трајно да се пресели во Белата куќа, туку по потреба ќе живее и во Њујорк и Палм Бич на Флорида.
Уште во септември минатата година, таа рече дека Барон решил да живее во Трамп Тауер, семејната резиденција на Менхетен. И покрај тоа, вели таа, за него е подготвена соба во Белата куќа, во која ќе може да биде кога ќе реши да го посети семејството.
Откако ја напушти Белата куќа во 2021 година, Меланија помина време помеѓу Палм Бич и Њујорк додека нејзиниот сопруг се соочуваше со низа правни проблеми и се подготвуваше за својата трета кампања. Иако другите членови на семејството Трамп редовно му се придружуваа на поранешниот претседател на суд и во кампањата, Меланија главно се повлече од јавниот живот.
Регион
Aлбанија лани ја посетиле рекорден број туристи
Над 11,7 милиони странски туристи ја посетиле Албанија во 2024 година, за 15,2 отсто повеќе од 2023 година, соопшти албанската министерка за туризам Мирела Кумбаро.
Таа на Фејсбук напиша дека, покрај зголемувањето на пристигнувањето туристи од земјите во регионот, Албанија во 2024 година го потврди растот и стабилноста на туристичкиот пазар на гости Италија, Германија, Франција и Обединетото Кралство, како и проширување на картата на далечните азиски и американски пазари.
Приходите од туризмот во првите девет месеци од минатата година достигнале над 3,8 милијарди евра, што е резултат на подобрувањето на стандардите на сместувачките структури.
Регион
Земјотрес во Грција
Земјотрес со јачина од 3,2 степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во 17 часот и 37 минути во областа на Крит, најголемиот остров во Грција.
Епицентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од околу еден километар под површината на земјата.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.