Европа
Шолц и Туск разговараа за построги гранични контроли

Германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот премиер Доналд Туск телефонски се консултираа за новите германски антимиграциски мерки, кои вклучуваат воведување контрола на сите германски граници.
„Германскиот канцелар на својот полски колега му ги објасни политичките мерки во врска со миграцијата и го информираше за понатамошни можни дејствија кои ќе придонесат за намалување на нерегуларната миграција, кои се во рамките на постојниот закон на ЕУ“, изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Претседателите на владите, како што беше дополнително соопштено, се согласија дека предизвиците со нерегуларната миграција и активностите на шверцерите на луѓе можат да се надминат само со заеднички напори, при што „незаменлива е соработката на европските партнери“.
Шолц и Туск се согласија и за потребата од зголемена заштита на надворешните граници на Европската унија, „особено во сенка на циничната инструментализација на мигрантите што ја спроведува Белорусија“ и се договорија за понатамошна „блиска соработка“ во борбата против нерегуларната миграција.
Пред разговорите меѓу Шолц и Туск, полската влада го критикуваше воведувањето контрола на германските граници.
„Не бевме однапред информирани за воведување контроли на германските граници… Вака не треба да се третираат соседите и партнерите“, изјави полскиот заменик министер за надворешни работи Владислав Теофил Бартошевски во интервју за германскиот неделник „Штерн“.
Тој го опиша воведувањето контроли на граници, кои германската влада ги воведе оваа недела како дел од сеопфатните мерки за борба против нерегуларната миграција, како „крај на духот на Шенген“. Германија ја воведе контролата на границата кон Полска и Чешка, поради зголемениот прилив на бегалци преку т.н. источни рути, во октомври минатата година.
Контролите кон Австрија постојат од 2015 година, така што воведувањето контроли се однесува само на западните и северните граници на Германија, кон Франција, земјите од Бенелукс и Данска. На почетокот на неделата Австрија објави дека нема да прима бегалци кои Германија нема да ги пушти во земјата.
Меѓу другото, мерките на германската влада предвидуваат враќање на оние бегалци кои на пат кон Германија биле регистрирани во друга земја членка на ЕУ во централниот регистар на баратели на азил.
Германската влада, под зголемен притисок од зајакнувањето на партиите кои се залагаат за силни ограничувања на миграцијата, воведе мерки со кои треба да се намали бројот на бегалци и баратели на азил во Германија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото) Објавена е листата на сè што е украдено во неверојатниот грабеж во Лувр: спасена e круната на царицата Евгенија

Музејот Лувр во Париз вчера утрото беше местото на еден од најспектакуларните и најдрските грабежи во неговата историја. За само седум минути, околу 9:30 часот наутро, група неидентификувани крадци провалија во галеријата Аполо, простор познат по изложбата на кралски накит, и украдоа осум непроценливи историски накити.
🇫🇷 #France Louvre Robbery in 7 Minutes — Criminals Acted Like in "Ocean's Eleven"
Unknown perpetrators pulled off a daring robbery at the Louvre, entering the Apollo Gallery using a cherry picker through a building under construction. The entire heist took just 7 minutes.… pic.twitter.com/TCYAGN8sxu— Military Conflicts (@Alex_RobertsJ) October 19, 2025
Според официјалното соопштение од француското Министерство за култура, целта биле две високобезбедносни витрини во кои се чува накит од колекциите на француските кралици и царици.
„Осум парчиња накит беа исчезнати, вклучувајќи тијари и ѓердани од кралските колекции“, соопшти министерството. Деветтиот предмет, круната на царицата Евгенија, која Лувр ја опишува како „симбол на сјајот на Второто Царство“, сепак беше зачуван. Круната подоцна беше пронајдена во близина на познатиот музеј, заедно со нејзината кутија. Таа беше оштетена во грабежот.
Според информациите објавени од париската обвинителка Лаура Бекуо, крадците пристигнале со сопствена опрема, вклучувајќи мобилен кран, или платформа, што ја користеле за да се искачат до прозорците на галеријата. Тие сами ја влечеле платформата, само неколку минути пред провалата, а потоа ја напуштиле додека бегале.
Француското Министерство за култура потврди дека се украдени осум предмети, додека адвокатот Бекуау откри детален список на скапоценостите на BFMTV.
Што е украдено
Пленот, кој историчарите го нарекуваат „непроценливо парче од француската историја“, вклучува скапоцености од неколку кралски колекции:
Од колекцијата на Мари-Луиз, сопруга на Наполеон Бонапарта: ѓердан и пар обетки со смарагди.
Од колекцијата на кралиците Мари-Амели и Хортенза: тиара, ѓердан и пар обетки од сет со сафири.
Од колекцијата на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III: два броша (од кои едниот е реликвијар), декоративен јазол за корсет и тиара.
Според извори блиски до истрагата, крадците се обиделе да ја земат и круната на сопругата на Наполеон III, царицата Евгенија, но ја оставиле во брзањето. Круната, висока 13 сантиметри и широка 15 сантиметри, содржи дури 1.354 дијаманти, 1.136 розети и 56 смарагди. Ја изработил познатиот париски јувелир Александар-Габриел Лемоние за Светскиот саем во 1855 година.
фотo: принтскрин
Европа
(Видео) Се појави снимка од ограбувачите на Лувр

Вчера утрото, околу 9:30 часот, група од четири маскирани разбојници извршија брз и прецизен грабеж во музејот Лувр во Париз, во галеријата Аполо. Нападот траел само неколку минути; крадците влегле однадвор користејќи механизирана платформа што ја користеле за пристап до горниот прозорец, а потоа скршиле две високобезбедносни витрини.
Се појавија снимки од разбојниците
Според истражни извори и изјавите на јавната обвинителка Лаура Бекуау, специјализирана група од четворица чии лица биле делумно скриени е одговорна за грабежот; сторителите избегале со моќни скутери. Истрагата е во тек, се прегледуваат сите достапни камери за надзор, се испитуваат трагите од платформата, а полицијата бара и можни помагачи или клиенти.
The Louvre robbery was carried out by a group of four criminals, two of whom disguised themselves as workers and wore yellow vests, according to Le Parisien.
According to the newspaper, two of the nine stolen pieces of jewelry have already been recovered. pic.twitter.com/DxEMURt0O5
— lone wolf (@MApodogan) October 19, 2025
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија снимки од сторителите од камера за надзор во Лувр. Снимката покажува како еден од разбојниците крши стаклена витрина што содржи накит.
Самиот грабеж траел околу четири минути, изјави министерката за култура Рашида Дати за TF1, а го извршиле професионалци.
фото: принтскрин
Европа
Грабеж во Лувр, најпознатиот музеј во светот е затворен

Француската министерка за култура Рашида Дати потврди дека се случил грабеж во музејот Лувр во Париз – еден од најпознатите музеи во светот.
Таа објави на социјалните мрежи:
– Нема повредени. Јас сум на лице место со музејските екипи и полицијата. Истрагата е во тек, рече таа.
Un braquage a eu lieu ce matin à l’ouverture du @MuseeLouvre. Pas de blessés à déplorer. Je suis sur place aux cotés des équipes du musée et de la police. Constatations en cours.
— Rachida Dati ن (@datirachida) October 19, 2025
Инцидентот се случил наутро, по отворањето на музејот. Сè уште не е објавено што точно е украдено, а Лувр е затворен за јавноста цел ден поради „вонредни причини“. Според достапните информации од официјални извори, нема пријавени повредени.
Полицијата и надлежните служби ги истражуваат околностите на грабежот и работат на утврдување на сите детали, а безбедносните мерки се зголемени.
Оваа вест привлече големо внимание на јавноста, бидејќи станува збор за една од клучните културни институции во светот.
фото: принтскрин