Свет
Шолц: Неприфатливи се нападите врз навивачите на израелскиот клуб во Амстердам
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека нападите врз израелските фудбалски навивачи во Амстердам се неприфатливи и нагласи дека Евреите мора да се чувствуваат безбедно во Европа.
„Не може да се толерираат извештаи за насилство врз израелски навивачи во Амстердам. Не можеме да го прифатиме тоа.
Евреите мора да се чувствуваат безбедно во Европа“, напиша Шолц на платформата „Икс“, пренесе „Ројтерс“.
Пет лица се хоспитализирани, а 62 се уапсени во вчерашните напади врз навивачите на израелскиот фудбалски клуб „Макаби Тел Авив“ во Амстердам по натпреварот со „Ајакс“, потврди градоначалникот на тој град, Фемке Халсема. Нападите се случија на неколку локации во Амстердам, а полицијата неколкупати интервенира за да ги заштити израелските навивачи, ги следеше до хотелот и спречи натамошно насилство.
Напаѓачите извикувале „Слободна Палестина“, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Генералштабот на Украина: Не гаѓаат со хемиско оружје
Руските сили употребиле хемиско оружје на бојното поле 323 пати во октомври, соопшти денеска украинскиот Генералштаб.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, единиците за радијација, хемиско и биолошко разузнавање забележале употреба на опасни хемикалии на бојното поле, се наведува понатаму во информацијата.
„Заклучно со февруари 2022 година, регистрирани се 4.613 случаи. Руската армија користи муниција како К-51 и РГ-ВО, која е исполнета со опасни хемикалии што се користат за операции против немири и е забранета како воено оружје“, изјавија од Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Украинската армија забележала и значителна количина муниција која содржи опасни хемиски соединенија од неодреден тип.
Руската употреба на хемиска муниција е флагрантно кршење на правилата за војна, ги игнорира нормите и обврските од Конвенцијата за забрана на развој, производство, складирање и употреба на хемиско оружје и за нивно уништување, се наведува и во соопштението.
Според Киев Индипендент, се зголемува бројот на напади со руски гас.
Украинските војници и офицери со кои разговарал весникот изјавиле дека оваа тактика е ефикасна, како и дека и дозволува на Москва повремено да зазема позиции без да ги ризикува своите војници.
Украинските војници пријавија дека трпат до шест напади со гас дневно, обично два до три во рок од еден час.
Регион
Додик: Убеден сум во промената на американската политика кон Босна и Херцеговина
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик денеска повтори дека е убеден оти ќе има значителни промени во американската политика кон БиХ по изборот на Доналд Трамп за претседател. Посочувајќи дека верува во промени во американската политика, Додик рече дека овие промени се веќе почнати и се видливи.
Амбасадата на САД во БиХ, како што рече, можела да организира одреден собир на локални политичари и медиуми кои ги исполнуваат условите по повод изборот на Трамп, како што правеле досега, но овој пат не го направија тоа. „Зарем тоа не е промена? Тоа е вистинска промена, а е и порака за нас“, изјави Додик.
Коментирајќи ја најавата на американската амбасада во Сараево дека двете доминантни политички партии немаат различна политика кон Босна и Херцеговина, Додик вели дека мисли дека лажат, како што лажеле. „Невозможно е да нема промени. Верувам во промената на американската политика на внатрешен и надворешен фронт, која ја најави Трамп. А што вели еден американски амбасадор Мајкл Марфи – тој веќе си замина што се однесува до нас“, рече Додик и додаде:
„Секако дека ќе се обиде да направи нешто друго, да ни го загорчи животот, но нека прави што сака. Неговата политичка опција драматично изгуби во Америка и мило ми е што е така“. Претседателот на Српска е убеден дека ќе воспостави добра соработка со новата американска администрација или дека веќе ја имаат.
„Верувам дека следната година ќе имаме јасни индикации дека можеме да соработуваме со Америка на чело со Трамп, но дека не можевме да соработуваме со Америка на чело со Џозеф Бајден, бидејќи тој се уште беше во Сенатот и Конгресот против Србите и направи антисрпска политика во овие области, објави РТРС.
Со победата на Трамп беше поразена политиката на Клинтон во која беше понуден Дејтонскиот договор, а потоа првиот ден го урнаа до денес“, изјави Додик за новинарите во Бања Лука, пренесува Танјуг.
Свет
Руски дрон удрил во резиденцијата на естонската амбасадорка во Киев
Резиденцијата на естонската амбасадорка во Украина, Енели Колк, е оштетена во напад со дрон на Киев рано утринава.
Зградата не е уништена, Колк не е повредена и може да продолжи да престојува во таа зграда, пренесува естонскиот јавен сервис „ЕРР“. Нападот почнал во четвртокот вечерта и траел осум часа, а амбасадорката и нејзиниот партнер биле во засолништето.
„Во еден момент се чинеше дека опасноста помина и ние се вративме во својот стан на последниот кат. Но, сепак, беспилотните летала продолжија да летаат и напаѓаат, а беше погодена и нашата зграда“, рече Колк.
Таа изјавила дека дронот удрил во зградата во 5:30 часот, но дека нема жртви бидејќи немало никој на последниот кат.
„Штетата е ограничена на надворешната фасада и покривот на зградата. Целиот горен кат беше погоден, но за среќа сите останаа неповредени“, додаде естонската амбасадорка. Естонскиот министер за надворешни работи Магнус Кана изјави дека руско беспилотно летало ја погодило куќата во која живее естонскиот амбасадор во Киев и рече дека на Украина и треба повеќе воздушна одбрана.
„Никој не е безбеден во Украина додека Русија не престане со својата агресија. На Украина и треба повеќе воздушна одбрана за да ги заштити своите граѓани.
Не треба да се навикнуваме на ова“, изјави шефот на естонската дипломатија на платформата Икс. Синоќа и утринава на приодите кон Киев беа соборени повеќе од 30 руски беспилотни летала, а оштетени се згради во шест квартови на градот, јавуваат украинските медиуми, пренесува Танјуг.