Свет
Шојгу: Приоритет се инвестициите во инфраструктурата за нуклеарно оружје

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави денеска дека фокусот на инвестициите во 2023 година ќе биде ставен на инфраструктурата за нуклеарно оружје, која вклучува изградба на силоси за сместување на нови проектили.
„При подготвувањето на списокот на големи градежни проекти, ќе посветиме посебно внимание на градбите во интерес на нашите стратешки нуклеарни сили“, рече Шојгу, а пренесе руската прорежимска агенција РИА.
Да потсетиме, Русија во понеделникот без образложение ги одложи преговорите со САД за нуклеарно разоружување, само велејќи дека преговорите ќе се одвиваат во иднина. Сегашниот договор за нуклеарно оружје, наречен СТАРТ, истекува во 2026 година.
Шојгу, пренесува РИА, ја коментирал и ситуацијата со Русите мобилизирани за војната во Украина.
Тој рече дека 300.000 резервисти, вклучително и доброволци, биле обучени во два месеци откако рускиот претседател Путин наредил „делумна мобилизација“.
Министерот тврди дека обуката била спроведена во повеќе од 100 кампови за обука во Русија и Белорусија, пренесе Индекс.хр.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Газа: 169 луѓе починаа од глад, над 320.000 деца се соочуваат со акутна неухранетост

Министерството за здравство во Газа денес објави дека уште седум Палестинци, меѓу кои и едно дете, починале од глад и неухранетост.
Новите смртни случаи, регистрирани во последните 24 часа, го зголемија вкупниот број на смртни случаи поврзани со глад од октомври 2023 година на 169, вклучувајќи 93 деца, се вели во соопштението.
Министерството предупреди дека хуманитарната криза во Газа се влошува и повторно апелираше до меѓународната заедница и хуманитарните организации веднаш да интервенираат за да се стави крај на страдањето и да се достави итна помош, пренесува Анадолија.
Заменик-извршниот директор на УНИЦЕФ, Тед Чајбан, денесka изјави дека Газа се соочува со сериозен ризик од глад и дека она што може да се види на терен е „шокантно“.
„Повеќе од 320.000 мали деца се изложени на ризик од акутна неухранетост. Во стабилизацискиот центар во градот Газа , сретнав акутно неухранети бебиња чии тела беа само кожа и коски. Нивните мајки седеа во близина, очајни и исцрпени. Една мајка ми кажа дека нејзиното тело повеќе не произведува млеко затоа што самата е премногу гладна. УНИЦЕФ прави сè што може за да ја реши ситуацијата – поддржува доење, обезбедува формула за бебиња и лекува деца со тешка акутна неухранетост. Но, потребите се огромни по 22 месеци војна и два месеци блокада, која сега е олеснета, но сè уште има влијание, а помошта сè уште не пристигнува доволно брзо или во потребниот обем“ рече Чајбан.
Тој нагласи и дека повеќе од 18.000 деца се убиени во Газа од почетокот на војната, што е во просек по 28 деца дневно.
Свет
Нов земјотрес на Камчатка, регистриран афтершок со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала

Земјотрес со интензитет од 6,1 степен според Рихтеровата скала е регистриран денес на Камчатка, на растојание од 196 километри од регионалниот главен град Петропавловск-Камчатски, соопшти огранокот на Геофизичката служба на Руската академија на науките (РАН) на Камчатка.
Како што е наведено, земјотресот е регистриран на длабочина од 59,8 километри, пренесува РИА Новости.
Директорката на подружницата на оваа служба во Камчатка, Данила Чебров, претходно за агенцијата РИА Новости изјави дека се очекуваат силни, но не и разорни потреси по силниот земјотрес што го погоди регионот на 30 јули.
Според регионалните служби за вонредни состојби, во последните 24 часа се регистрирани околу 146 последователни потреси со јачина помеѓу 3,2 и 6,2 степени, од кои многу се почувствувани, со јачина од 2 до 5 степени според Меркалиевата скала.
Во среда, на 30 јули, Камчатка беше погодена од најсилниот земјотрес од 1952 година, со јачина од 8,8 степени.
По земјотресот, во делови од Русија и низ Тихиот Океан беше прогласена закана од цунами, а населението беше повикано да се држи подалеку од брегот во ризичните области.
Вечерта, предупредувањето беше укинато.
Европа
Финска, Норвешка и Шведска под жештина невидена од 1961 година

Земјите од Северна Европа, познати по својата студена клима, се соочуваат со интензивни топлотни бранови, со температури над 30 степени Целзиусови во подолг временски период.
Во норвешкиот дел од Арктичкиот круг, метеоролошките станици регистрирале температури над 30 степени Целзиусови дури 13 дена во јули, додека Финска имала три последователни недели со температури од 30 степени, пишува денес британскиот „Гардијан“.
Според научниците, тоа е најдолгиот период според историските податоци од 1961 година, а трае 50 проценти подолго од претходниот рекорд.
„Топлотниот бран е сè уште во полн ек, со максимални температури денес околу 32-33 степени. Дури и арктичките региони забележаа три недели со температури над 25 степени и може да ги соборат своите августовски температурни рекорди утре“, изјави Мика Рантанен, климатолог во Финскиот метеоролошки институт, во објава на социјалните мрежи.
Норвешкиот метеоролошки институт соопшти дека температури над 30 степени се регистрирани 12 дена во јули во најмалку една станица во трите најсеверни покраини на Норвешка.
Во Шведска, метеоролозите, исто така, регистрираа продолжени топлотни бранови во неколку северни градови, при што метеоролошката станица во Хапаранда регистрираше температури од 25 степени или повеќе 14 дена по ред.
Овие топлотни бранови, кои ја погодија северна Европа кон средината на јули, беа предизвикани од топлите води покрај северниот брег на Норвешка, кои ги покачија температурите во нордиските земји за осум до 10 степени над сезонските норми.
Поради интензивен топлотен бран, лизгалиште на мраз во северна Финска ги отвори вратите за луѓе кои бараат засолниште од жештината, откако локалните болници беа преполни, а сточарите предупредија дека нивните ирваси се на работ на смртта од жештината.