Свет
Шпанскиот премиер: Едно е да ја браниш својата земја, а друго е да бомбардираш болници и да ги изгладнуваш децата
Шпанскиот премиер Педро Санчез денес објави девет мерки против Израел, вклучувајќи ембарго за оружје, со цел „запирање на геноцидот“ што земјата го спроведува во Палестина.
„Едно е да ја браниш својата земја, а друго е да бомбардираш болници и да ги изгладнуваш децата“, рече Санчез во говорот од зградата на владата во Мадрид.
„Не станува збор за одбрана, па дури ни за напад, туку за истребување на народ кој не може да се одбрани. Тука се прекршени сите закони на хуманитарното право“, додаде тој.
Санчез ја обвини меѓународната заедница за соучество во злосторството на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, потсетувајќи дека израелската армија убила 63.000 луѓе, ранила 159.000, изгладнела 250.000 и протерала повеќе од 2 милиони од своите домови.
„Шпанската влада итно ќе усвои мерка за правно регулирање на воведувањето ембарго за оружје врз Израел“, рече Санчез.
Ова ќе забрани купување и продажба на оружје, муниција и воена опрема на Израел. На шпанските пристаништа нема да им биде дозволено да примаат бродови што транспортираат гориво за израелската армија, додека на авионите што транспортираат резерви за израелските вооружени сили ќе им биде забрането да влегуваат во шпанскиот воздушен простор.
„Ќе забраниме влез во Шпанија на сите лица кои директно учествуваат во геноцид, кршење на човековите права и воени злосторства во Појасот Газа“, рече премиерот.
Шпанија, исто така, ќе забрани увоз на сите производи што доаѓаат од израелските населби во окупираниот Западен Брег и Појасот Газа со цел „да се сузбие окупацијата, да се запре присилното протерување и да се олесни решението за две држави“.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Вулкан на Хаваи започна да исфрла лава
Денес, Американскиот геолошки завод ја регистрираше ерупцијата на лава од отворот во кратерот на вулканот Килауеа на Хаваи.
Растопената карпа останува во рамките на Националниот парк Хавајски вулкани и не претставува закана за домовите или инфраструктурата, според соопштението, објавува „Јуронјуз“.
Eruzione di lava al vulcano Kilauea alle Hawaii https://t.co/uXMUCk20n0
— BusallettaInfo (@sulsitodisimone) November 9, 2025
Килауеа исфрла лава во редовни интервали од крајот на минатата година, а научниците забележуваат дека магмата го следи истиот подземен пат до површината.
Вулканот се наоѓа на островот Хаваи, околу 320 километри јужно од главниот град Хонолулу.
Фото: принтскрин
Свет
Кина ги укина специјалните пристанишни такси за американските бродови
Кина ги укина специјалните пристанишни такси за бродовите од САД за една година, како одговор на сличен потег од Вашингтон, објави денес кинеското Министерство за транспорт.
Според соопштението на кинеското Министерство за транспорт, собирањето специјални пристанишни такси „ќе биде суспендирано за една година“ од 10 ноември, истовремено со суспендирањето на спроведувањето на релевантните мерки од страна на САД против Кина, како дел од спроведувањето на консензусот постигнат на економските и трговските консултации меѓу Кина и САД во Куала Лумпур во 2025 година, се наведува во соопштението.
На 17 април, американските власти воведоа специјални пристанишни такси за бродовите поврзани со Кина, а како одговор, Кина почна да наплаќа специјални пристанишни такси за американските бродови на 14 октомври.
Овој данок се применуваше на бродови во сопственост или управувани од американски компании, како и на бродови што пловат под американско знаме или се изградени во САД, пренесува Танјуг.
Во понеделникот стапија во сила низа кинески одлуки, со кои се укинаа дополнителните царински давачки за американска стока и извозните контроли за одредени американски компании.
Овие одлуки следеа по неколку рунди кинеско-американски трговски и економски консултации во Куала Лумпур, како и по состанокот меѓу кинескиот претседател Шји Џјинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп, што се одржа на 30 октомври во Бусан, Јужна Кореја.
Фото: принтскрин
Свет
Брисел го обвинува Трамп за поткопување на позицијата на Европа
Европската унија изјави дека е потребна „одлучувачка акција“ во врска со постапките на американскиот претседател Доналд Трамп, кои, според европските преговарачи, ја ослабуваат позицијата на земјите од ЕУ во меѓународните разговори за климатските промени, објави порталот „Политико“, повикувајќи се на извори од Брисел.
„Американците повеќе не се во можност да ги одбијат нападите врз преговарачката позиција на богатите земји, што ја става Европската унија во непријатна позиција. Во Белем, на Конференцијата на ОН за климатски промени, апсолутно е потребно да му се даде решителен одговор на Трамп“, се наведува во соопштението на европските претставници.
Трамп неодамна изјави дека „ја добил војната против измамата за климатските промени“, откако основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, призна дека погрешил во своите претходни проценки за влијанието на човекот врз глобалното затоплување.
На крајот на јануари, американскиот претседател потпиша извршна наредба со која повторно ги повлекува САД од Парискиот договор за климата. Тој договор беше усвоен на 12 декември 2015 година, по 21-та конференција на ОН за климатските промени во Париз. За време на првиот мандат на Трамп, Америка веќе официјално се повлече од овој договор еднаш – на 4 ноември 2019 година.
Европските претставници стравуваат дека новото повлекување на САД од глобалните рамки за климата би можело да ги поткопа заедничките напори во борбата против климатските промени и да го ослаби кредибилитетот на Западот во претстојните преговори со земјите во развој.
Фото: принтскрин

