Свет
Јапонски пратеник исфрлен од својата партија поради посета на ноќен клуб

Јапонскиот пратеник Такаши Такај (50) е избркан од неговата Уставно-демократска партија кога во јавноста се дознало за неговата посета на клуб за возрасни во Токио.
Тој признал дека на 9 април го посетил клубот „Секси кабаре“ и покрај тоа што јапонската престолнина е во вонредна состојба поради пандемијата на коронавирусот. Покрај ова, Такај понудил оставка од пратеничката позиција, но колегите од партијата немале разбрање, па оставката ја одбиле и директно го исклучиле од партијата, јавуваат светските медиуми.
Генералниот секретар на партијата рече дека Такаши се извинил за своето несовесно однесување.
Инаку, повеќе префектури во Јапонија се во вонредна состојба, а премиерот Шинзо Абе ги повика луѓето да останат дома и да се воздржат од посета на ноќни клубови и барови за да спречат ширење на пандемијата.
Во Јапонија според последните податоци досега се потврдени 8.582 случаи на коронавирус, со 136 смртни случаи и 901 закрепнат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Путин: САД искрено се обидуваат да ја завршат војната во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека американската влада вложува искрени напори за прекин на конфликтот во Украина сугерирајќи дека Москва и Вашингтон би можеле да постигнат договор за контрола на нуклеарното оружје.
На состанокот во Кремљ со највисоките воени и цивилни претставници Путин најави дека ќе ги информира за фазата во која се преговорите за Украина со САД и билатералните разговори со Киев.
Рускиот претседател истакнува дека американската влада „прилично енергично и искрено“ вложува напори за „запирање на борбите, завршување на кризата и постигнување договори во интерес на сите страни вклучени во тој конфликт“.
Путин рече дека целта на преговорите меѓу Москва и Вашингтон е да се создадат „трајни услови за мир меѓу нашите земји, во Европа и во целиот свет“, што ќе се постигне и преку договори во областа на контролата на оружјето. Русија и САД имаат убедливо најголеми арсенали на нуклеарно оружје во светот.
Двајцата претседатели ќе разговараат в петок на Алјаска. Кремљ и Белата куќа објавија дека ќе има разговори еден на еден со делегациите по што ќе следува прес-конференција.
Свет
Објавени детали од состанокот помеѓу Стармер и Зеленски

Британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ги разгледаа вчерашните средби со европските и американските лидери, објави Даунинг стрит.
„Тие се согласија дека постои силно единство и цврста решеност да се постигне праведен и траен мир во Украина. Потоа се осврнаа на утрешните средби меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска, кои претставуваат вистинска можност за напредок под услов Путин да преземе чекори за да докаже дека е сериозен во врска со мирот. Тие се согласија да останат во близок контакт во наредните денови“, според канцеларијата на британскиот премиер.
Зеленски наведува дека имал детаљна дискусија со Стармер за можни безбедносни гаранции за Украина. Безбедносните гаранции се ветувања и механизми на кои Киев може да се потпре за да спречи уште една руска инвазија во случај двете земји да постигнат мировен договор, пишува „Скај њуз“.
„Тие гаранции имаат цел да го направат мирот навистина траен ако Соединетите Американски Држави успеат да извршат притисок врз Русија да го запре убивањето и да се вклучи во вистинска, суштинска дипломатија“, рече тој.
Зеленски додаде дека лидерите разговарале и за инвестиции во производство на украински беспилотни летала.
Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон ја предводат она што го нарекуваат „коалиција на добронамерните“ – група држави подготвени да распоредат таканаречени безбедносни сили за да го следат секој мировен договор меѓу Украина и Русија.
Регион
Албанија размислува за прво министерство управувано од вештачка интелигенција

Албанија ја интензивира употребата на вештачката интелигенција (ВИ) во државното управување со цел да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија и борбата против корупцијата, соопшти владата на земјата.
Албанскиот премиер Еди Рама минатиот месец ја објави можноста за формирање министерство што целосно би било управувано од вештачка интелигенција опишувајќи ја ВИ како најефикасен иден член на владата, пишува бриселски „Политико“.
„Еден ден можеби дури и ќе имаме министерство што ќе биде целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин нема да има непотизам или судир на интереси“, рече Рама на прес-конференција во јули осврнувајќи се на дигитализацијата.
Локалните ИТ-експерти веќе развиваат модели што би можеле да се користат за избор и назначување дигитални министри, а Рама сугерира дека Албанија би можела да стане првата земја со цела влада базирана на вештачка интелигенција, вклучувајќи го и премиерот.
Иако идејата сè уште не е преведена во официјалната политика, вештачката интелигенција веќе се применува во неколку сектори на државната администрација: од контролата на јавните набавки и следењето на даночните и царинските трансакции до откривањето нелегална градба, надзор на плажите и на плантажите со канабис со помош на дронови и сателити.
Со цел да се подобри безбедноста на патиштата властите планираат да користат препознавање лица за да испраќаат дигитални предупредувања и казни до возачите.
Вештачката интелигенција се користи и во дигиталните јавни услуги – повеќе од 95 проценти од административните услуги се достапни преку порталот e-Albania, каде што на граѓаните им помага виртуелен службеник за вештачка интелигенција.
Според владини податоци, платформата овозможила повеќе од 49 милиони трансакции и им заштедила на граѓаните повеќе од 600 милиони евра.
Албанија ги почна преговорите за членство во ЕУ во 2022 година, а вештачката интелигенција сега се користи за преведување и анализа на сложени правни документи во процесот на усогласувањето со законодавството на ЕУ, кое опфаќа речиси 250.000 страници.
Иако властите ги нагласуваат предностите на технологијата, експертите и опозицијата предупредуваат дека вештачката интелигенција не е замена за реформите.
Како дел од промотивните активности, вештачката интелигенција беше користена и за создавање анимирани бебешки верзии на европските лидери на самитот во Тирана во мај, кои ги пречекаа гостите со дигитални гласови на нивниот мајчин јазик.