Свет
Ја измамиле лотаријата со разработена шема, заработиле повеќе од 20 милиони долари: осудени татко и син во Америка
Али Џафар (63) и неговиот син Јусеф Џафар (29) се осудени за незаконско прибавување добивки од лотарија од 20 милиони долари и за лажење на даночните пријави за да избегнат да платат 6 милиони долари данок.
Али е осуден на пет години затвор, а син му на 50 месеци затвор, соопшти американското обвинителство за округот Масачусетс, пренесува Си-ен-ен. Исто така, им беше наложено да платат повеќе од 6 милиони долари како отштета и да ги вратат сите пари заработени преку измамата. Тие во декември беа осудени за измама на Даночната управа, перење пари и поднесување лажна даночна пријава.
„Ова е детален случај за даночна измама, во текот на неколку децении татко и син ги измамиле Државната лотарија на Масачусетс и Службата за внатрешни приходи за да си стават в џеб милиони долари од даночните обврзници“, рече вршителот на должноста јавен обвинител, Џошуа С. Леви, во соопштението за печатот.
Тој додаде дека тие работеле со години за да регрутираат широка мрежа за ширење на нивната измама со лотарија во Масачусетс.
Адвокатката Валери С. Картер најави дека таткото и синот ќе се жалат на пресудата. Мохамед Џафар, другиот син на Јусеф, кој исто така беше вклучен во заговорот, минатата година се изјасни за виновен за даночна измама и ќе биде осуден во јули.
„Лотаријата во соработка со полицијата ќе вложи големи напори да ги спречи незаконските активности. Одлуката е кулминација на годините напорна работа за одржување на интегритетот на лотаријата“, рече Дебора Б. Голдберг, државен благајник и претседател на комисијата за лотарија.
Во обвинението се наведува дека обвинетите од 2011 до јуни 2020 година, во соработка со други лица, переле пари од добивките на државната лотарија на Масачусетс.
Мажите купиле добитни билети од луѓе во државата, кои сакале да го продадат својот билет за готовина наместо да ја бараат наградата. Имено, при добивањето на наградата, тие би требало да се пријават до државната комисија, која е должна да го задржи износот за неплатен данок и за неплатена алиментација пред да се плати наградата.
По купувањето на добитните тикети од вистинските добитници, продавачите на лотаријата би ја одобриле трансакцијата по што тие би ги барале парите како свои, се вели во соопштението. Комисијата за лотарија во Масачусетс ќе им ги одземе лиценците на продавачите на лотарии вклучени во измамите, објави канцеларијата на државниот јавен обвинител.
Обвинителите тврдат дека семејството Џафари незаконски заработило повеќе од 14.000 билети во вкупна вредност од над 20 милиони долари користејќи ја шемата „десет проценти“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израелците со тенк убија пет свои војници во Газа
Петмина израелски војници загинаа во пријателски оган во северниот дел на Појасот Газа, а тројца се тешко ранети, соопштија израелските одбранбени сили.
Според израелските медиуми, војниците загинале вчера во пријателски оган од израелски тенкови за време на судирите со милитантите на Хамас.
Извештаите велат дека тенк удрил во зграда во бегалскиот камп Џабалија каде што биле сместени војници.
Според податоците на израелската армија, од почетокот на војната во Газа, во борбите загинале 626 војници, а околу 3.500 се ранети.
Свет
Тинејџер исчезна во Алжир во 1998 година, по 26 години пронајден е жив во шталата на соседот
Алжирецот кој исчезнал пред 26 години бил пронајден во шталата на соседот, на само неколку минути пешачење, објави оваа недела Министерството за правда на земјата.
Човекот, идентификуван само како Омар Б., исчезнал на 19-годишна возраст, за време на граѓанската војна во Алжир во 1998 година, а неговото семејство претпоставувало дека бил киднапиран или убиен, пренесува „Си-би-ес“.
Сега, на 45-годишна возраст, тој бил пронајден меѓу стоговите сено на само околу 200 метри, откако братот на киднаперот се пожалил на социјалните мрежи за спор околу наследството.
Алжирските медиуми објавија дека кога членовите на семејството почнале да ја пребаруваат куќата на осомничениот, тој станал напнат кога се приближиле до стогот сено и на крајот го пронашле Омар Б. како седи под него во тишина.
Соседот (61) на семејството на Омар е приведен откако се обидел да избега, соопшти Министерството. Алжирските медиуми објавија дека жртвата изјавила дека не можел да повика помош „поради магијата што ја фрлил врз него неговиот киднапер“.
Киднаперот на тинејџерот е обвинет и дека го убил своето куче со отров, јавуваат алжирските медиуми.
Министерството соопшти дека истрагата се уште е во тек, додавајќи дека мажот добил медицинска и психолошка нега по злосторството, кое беше опишано како грозоморно.
Алжирските медиуми објавија дека мажот бил прегледан од лекар и префрлен во специјално психолошко одделение.
Свет
Заздравувањето на Фицо е доведено во прашање, на напаѓачот му пречела и владината политика кон Украина
Здравјето на словачкиот премиер Роберт Фиц се уште е тешко и рано е да се каже дали ќе закрепне, изјави неговиот заменик Роберт Калинак, ден по атентатот што ја шокираше Европа.
„За жал, сè уште не можам да кажам дека победуваме во напорите да го спасиме животот на Фиц, ниту дека прогнозите се позитивни бидејќи последиците од повредите предизвикани од четирите прострелни рани се такви што одговорот на телото на нив ќе продолжи да биде многу тежок“, рече Калинак.
Миријам Лапуникова, директорка на Универзитетската болница Рузвелт во Банска Бистрица, каде што се лекува премиерот Фицо, рече дека 59-годишниот премиер бил подложен на петчасовна операција во која учествувале два медицински тима за да ги санираат повеќете прострелни рани.
„Во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба, но сепак е многу сериозна. Тој ќе биде задржан на интензивна нега“, изјави таа за новинарите.
Министерот за внатрешни работи Матус Сутај Есток на прес-конференција рече дека напаѓачот кого полицијата го товари за обид за убиство, дејствувал сам и дека претходно учествувал во антивладини протести.
„Станува збор за волк-самотник кој се радикализирал неодамна, во периодот по претседателските избори одржани во април“, изјави Сутај Есток.
„Како причини за нападот осомничениот ја наведе политиката на владата кон Украина, плановите за реформа на јавниот сервис и распуштањето на специјалното обвинителство“, рече министерот за внатрешни работи.
Словачки експерти во средата ги критикуваа безбедносните мерки преземени за заштита на премиерот по обидот за атентат врз Фиц.
„Самиот Фицо пред неколку недели зборуваше за опасностите од пукање врз политичарите“, изјави поранешниот началник на словачката полиција Стефан Хамран за весникот „Денник Н“ во четвртокот.
Тој се запраша кој ја анализирал потенцијалната опасност и ја проценил заканата. Хамран ја критикуваше реакцијата на телохранителите по пукањето.
Поранешниот шеф на словачката единица за обезбедување на заштитени лица, Јурај Забојник, исто така ги критикуваше телохранителите на премиерот.