Свет
Јужна Кореја, САД и Јапонија со осуда кон Северна Кореја за лансирањето проектили
САД, Јужна Кореја и Јапонија денеска го осудија најновото севернокорејско лансирање балистички ракети оценувајќи дека тоа ја зголемува заканата за мирот и стабилноста на Корејскиот Полуостров и меѓународната заедница.
Северна Кореја утрово ја лансира втората балистичка ракета во последните два дена во морето, во близина на нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска.
Јапонското Министерство за одбрана соопшти дека, најверојатно, станува збор за интерконтинентална балистичка ракета (ICBM) способна да прелета повеќе од 15.000 километри и да погоди цели на „целата американска територија“.
Ракетата летала околу 1.000 километри пред да падне во Јапонското Море, но според пресметката заснована на неговата траекторија и тежината на бојната глава, може да има капацитет на летање повеќе од 15.000 километри и во тој случај целата територија на САД би била во дострал, изјави јапонскиот официјален претставник Шинго Мијаке.
Новото лансирање дојде откога Јужна Кореја објави дека Северна Кореја тестирала балистичка ракета со краток дострел во морето во неделата и продолжила со тестирање на оружјето.
Во изјавата портпаролот на Стејт департментот го осуди Пјонгјанг за лансирање балистички ракети наведувајќи дека тие претставуваат кршење неколку резолуции на Советот за безбедност на ОН.
Тој додаде дека лансирањето претставува закана за соседите на Северна Кореја и „ја поткопува регионалната безбедност“.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида денеска изјави дека двете најнови лансирања на севернокорејски проектили, од кои едното, најверојатно, е ICBM, претставуваат „закана за мирот и стабилноста во регионот“ и дека Јапонија „остро ги осудува“. Тој исто така посочи дека со тоа се прекршуваат санкциите на Советот за безбедност на ОН против Пјонгјанг.
Јужнокорејското претседателство, денеска, по вонредниот состанок на Советот за национална безбедност, соопшти дека „цврсто го осудува“ новото лансирање интерконтинентална балистичка ракета од страна на Северна Кореја, која, како што е наведено, „создава сериозна закана за мирот и безбедноста на Корејскиот Полуостров и меѓународната заедница“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела прифати месечен надзор: буџетот ќе оди на одобрување во Вашингтон
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека привремената влада на Венецуела се согласила секој месец да го доставува својот буџет на одобрување до Соединетите Американски Држави.
Обраќајќи се пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио рече дека американската влада одлучува за што може да се користат средствата, во рамки на она што го опиша како „краткорочен механизам“. Тој додаде дека венецуелските власти ветиле значителен дел од средствата да го искористат за набавка на лекови и опрема директно од Соединетите Држави, оценувајќи дека раководството на Венецуела било „многу кооперативно“.
Американските сили на почетокот на јануари ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот авторитарен лидер Николас Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес, со што земјата беше вовлечена во политички превирања.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја ревитализира венецуелската нафтена индустрија и најави големи придобивки и за себе и за народот на Венецуела. Тој по пучот изјави и дека има намера привремено да управува со земјата, без да прецизира како тоа би изгледало.
Соединетите Држави во моментов соработуваат со потпретседателката на Венецуела Делси Родригез, која ја презеде функцијата привремена претседателка на земјата.
Свет
Ако Зеленски е навистина подготвен за средба, го каниме во Москва, ќе ја гарантираме неговата безбедност, рече помошникот на Кремљ
Кремљ соопшти дека е подготвен за директна средба меѓу Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков, изјави дека Русија никогаш не одбивала вакви контакти и дека е подготвена да му гарантира безбедност на Зеленски доколку дојде во Русија.
„Доколку Зеленски е навистина подготвен за средба, тогаш го каниме во Москва. Ќе ја гарантираме неговата безбедност и потребните услови за работа“, рече Ушаков во интервју.
Изјавата доаѓа во време на нови дипломатски напори за завршување на војната, пренесе „Киев Индипендент“.
Претходно, заменик-министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, изјави дека Зеленски е подготвен за средба со Путин за да разговараат за две клучни теми: територијалното решение и иднината на нуклеарната централа Запорожје, која е под руска окупација.
Размената на пораки се случува во момент кога Украина, Русија и САД повторно се дипломатски активни, во контекст на напорите на Доналд Трамп за завршување на војната. Се очекува следната рунда преговори да се одржи на 1 февруари.
Зеленски и Путин последен пат лично се сретнаа во Париз во декември 2019 година, во рамки на Нормандискиот формат. Од почетокот на целосната руска инвазија во февруари 2022 година, немале директни разговори.
Свет
Напнатост меѓу Киев и Будимпешта по изјавите за мешање во изборите
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека го повикало Антал Хајзер, унгарскиот амбасадор во Киев, на разговор поради недамнешните изјави на високи унгарски политичари, меѓу кои и премиерот Виктор Орбан, за наводно украинско мешање во претстојните парламентарни избори во Унгарија.
Министерството упатило протест до унгарскиот амбасадор, негирајќи дека Украина се меша во унгарските избори. Притоа нагласило дека Киев решително се спротивставува на „секој обид на унгарската страна да ја вовлече Украина во унгарската изборна кампања“, оценувајќи дека таквите постапки му штетат на развојот на билатералните односи.
Украинското Министерство за надворешни работи ја повикало Унгарија „да престане со својата агресивна реторика против Украина“ со цел да се избегнат понатамошни негативни последици за билатералните односи. Воедно било наведено дека Украина и понатаму е подготвена за конструктивна соработка со Унгарија.
Во соопштението се повторени и повиците до Будимпешта да престане да ги блокира преговорите за пристапување на Украина во Европска унија, со образложение дека членството на Украина би било во интерес и на двата народа, како и на унгарското малцинство во Украина.

