Свет
Њујорк има најмалку затвореници во последните 70 години
Бројот на затвореници во Њујорк, САД, падна под 4.000 минатата недела, прв пат во 70 години, среде пандемијата на коронавирус, изјави градоначалникот Бил де Бласио.
Градот работеше на намалување на луѓето во затворите од средината на март како резултат на загриженоста за ширење на вирусот во установите фокусирајќи се на најранливите групи и на ситните престапници.
Оттогаш, повеќе од 2.000 затвореници се ослободени, а речиси 600 лица се затворени, во споредба со 3.300 во истиот период минатата година. Де Бласио рече дека имало повеќе од 11.000 луѓе во градските затвори во 2014 година.
Градоначалникот исто така рече дека Градот создава свои стратешки резерви на медицинска опрема и материјали вклучувајќи хируршки ракавици, додатоци за тестирање и респиратори, бидејќи сојузната влада не може да обезбеди доволно заштитни средства.
„Ова е многу сериозно, тешко време кога треба да седнам пред вас и да кажам дека Њујорк има потреба од свои стратешки резерви затоа што во моментот не можеме да зависиме од сојузната влада“, рече тој на брифинг за новинарите.
По откажувањето на големите настани закажани за јуни, Де Бласио рече дека првото нешто што Градот би го организирал при укинување на карантинот ќе биде најголемата и најдобра парада во чест на здравствените работници и другите што се во првите редови на борбата против коронавирусот.
Градот Њујорк е жариште на пандемијата на коронавирусот во САД со повеќе од 134.800 случаи. Најмалку 14.400 луѓе починале, покажуваат податоците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.