Европа
„Њујорк тајмс“: Путин прави нешто застрашувачко што никој во светот не го забележува
Лилија Јапарова е истражувачки известувач за „Медуза“, независен руски медиум, со седиште во Рига, Латвија. Во написот за „Њујорк тајмс“ таа посочи на нешто со кое се занимаваат Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин, а за кое не се зборува многу. Нејзиниот долгометражен есеј во еден познат американски весник беше со наслов: „Владимир Путин прави нешто што светот не го забележува“.
„Во ноември 2022 година уредниците ме советуваа да внимавам што јадам и да престанам да нарачувам храна. Отпрвин не обрнував внимание, но набргу ја сфатив сериозноста кога колешката Јелена Костјученко, еден месец подоцна, откри дека беше отруена во Германија, веројатно во обид за атентат од страна на руската држава“, почнува Јапарова.
Вели дека ваквите приказни станале секојдневие. Истражувачката новинарка Алесја Мароховска била малтретирана во Чешка; Рускиот дезертер Максим Кузминов е пронајден мртов во Шпанија. Се претпоставува дека Кремљ е виновникот. Опозициските лидери, дури и во егзил, остануваат цел на руската разузнавачка служба.
„Меѓутоа, тие не се единствените во ризик. Има и стотици илјади Руси што ја напуштија својата татковина затоа што не сакаа ништо да имаат со војната на Владимир Путин или беа обвинети дека не го поддржуваат доволно. Овие дисиденти од низок профил се исто така предмет на следење и киднапирања, но нивната репресија се одвива во тишина – далеку од центарот на вниманието и често со премолчена согласност или недоволна превенција на земјите во кои побегнале“, пишува Јапарова.
„Страшно е: Кремљ лови обични луѓе во светот и се чини дека никому не му е грижа“, додава таа.
Јапарова пишува дека собирала информации за руската репресија врз луѓето во егзил уште од почетокот на војната во Украина и забележува дека нејзините извори варираат од оние што преживеале киднапирања и надзор до лидерите на руската дијаспора во светот и ретките активисти за човекови права, кои им помагаат.
„Многумина разговараа со мене под услов да останат анонимни за да може да разговараат за руската репресија, без страв од одмазда. Кремљ, се разбира, негира каква било вмешаност – главно велејќи дека не може да коментираат што се случува со луѓето во другите земји. Но, доказите се трупаат“, вели Јапарова.
Примерите вклучуваат вокален тренер уапсен во Казахстан, наставник приведен во Ерменија поради критикување на Русија и активистот Лев Ѓамер, кој добива пораки испратени од мајка му веќе две години, иако таа почина пред пет години.
Оние што не се враќаат во Русија, забележува новинарот, се под надзор. На пример, вработена во LGBTQ-организација во Грузија забележала дека ја следи дрон. Земјите домаќини често соработуваат со руските служби, како во случајот со Казахстан и Киргистан, каде што локалните власти помагаат во пронаоѓањето на руските дезертери.
Еден од најновите случаи е Сергеј Подситник, новинар што ги истражувал воените врски меѓу Русија и Иран. Забележал дека го следи маж во Дуисбург. И колегата на Подситник забележал дека истиот човек ги следи, но локалната полиција не реагирала веднаш. Беа потребни две жалби за локалните власти да почнат истрага. Случајот набргу бил затворен, без да се најде сторителот, што можеби било грешка. Дуисбург е едно од местата, според центарот Dossier, истражувачка организација со седиште во Лондон, од каде што агенти на руската воена разузнавачка единица вршеле саботажа во странство.
„Подситник сега е безбеден, но не сите имаа толку среќа. Иселениците што доживеале сличен надзор понекогаш исчезнуваат без трага – без разлика дали од вратата на Амбасадата во Ерменија или од селската црква во Грузија – за подоцна да се појават во руските центри за притвор. Невозможно е да се процени колку често тоа се случува. Но, можеме да претпоставиме, според мои извори, дека има уште многу случаи како оној на Лев Скорјакин, кој беше однесен од хостелот во Киргистан минатиот октомври, турнат во автомобил и депортиран назад во Русија. Едноставно, не знаеме за нив“, пишува Јапарова.
„Многу Руси во странство се ранливи и немаат заштита“, додава таа.
Новинарката заклучува дека антивоените бегалци ги поддржуваат мал број невладини организации, а Кремљ инвестира големи ресурси во прогонот на оние што ги обвинува за предавство и тероризам.
„Овие луѓе се во постојана опасност, а уште поголем ризик е светот да ги заборави – и причините поради кои ја напуштија својата земја“, заклучува Јапарова во написот за „Њујорк тајмс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Европа
Откриена масовна измама со билети за Лувр: Запленети 130.000 евра
Париската полиција уапси десет лица осомничени за организирање масовна измама со билети во музејот Лувр. Меѓу уапсените наводно има вработени во музејот и туристички водичи кои ги таргетирале кинеските посетители во шема што вклучувала продажба на лажни билети и пререзервирање на тури со водичи, објавува „Еуроњуз“.
Според францускиот весник „Ле Паризиен“, полицијата ги уапси осомничените во вторник откако раководството на Лувр пријавило „неправилности“. За време на операцијата, запленети се три возила, 130.000 евра во готово и замрзнати се речиси 200.000 евра на банкарски сметки. Откриени се и неколку банкарски сефови со големи суми готовина.
Раководството на музејот во соопштението наведува дека сега „воспоставило структуриран план против измами врз основа на мапирање на измами, серија превентивни и куративни мерки, правни, технички и контролни мерки и следење на резултатите“.
Апсењата следат по низа лоши вести за најпопуларниот музеј во светот и една од најпочитуваните институции во Франција. Од минатиот месец, Лувр е принуден делумно да ги затвора вратите за посетители секоја недела поради штрајк на персоналот незадоволен од платите и условите за работа.
Протестите започнаа кон крајот на минатата година по објавувањето на осудувачки владин извештај за безбедносните пропусти, кои беа откриени по дрскиот грабеж на француските крунски скапоцености во октомври.
Европа
Зеленски: За Трамп, прекинот на огнот во Украина е само политичка победа и прашање на наследство
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „The Atlantic“ изјави дека претпочита да не склучува никаков мировен договор со Русија отколку да ги принуди Украинците да прифатат лош договор.
Американското списание објави растечка загриженост кај некои членови на внатрешниот круг на Зеленски дека неговиот прозорец за решение се затвора и дека Украина би можела да се соочи со години континуиран, мачен конфликт доколку не се постигне договор за завршување на војната оваа пролет.
Зеленски беше цитиран како вели дека претпочита да не прифати „договор отколку да го принуди својот народ да прифати лош“.
„Дури и по (скоро) четири години интензивно војување, тој вели дека е подготвен да продолжи да се бори доколку е потребно за да обезбеди достоинствен и траен мир“, се вели во статијата, забележувајќи дека Зеленски рекол дека „Украина не губи“ кога бил прашан за неговата проценка на позицијата на Киев на фронтот.
Два круга трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД се одржаа во главниот град на Обединетите Арапски Емирати, Абу Даби, на 23 и 24 јануари и на 4 и 5 февруари.
Во понатамошните коментари за списанието, Зеленски рече дека „нема поголема победа“ за американскиот претседател Доналд Трамп од наоѓање решение за војната меѓу Русија и Украина.
„За неговото наследство, ова е број 1“, рече тој, додавајќи дека постигнувањето такво решение пред американските меѓуизбори во ноември би била „најдобрата ситуација“ за Трамп.
„Да, тој сака помалку смрт. Но, ако вие и јас разговараме како возрасни, тоа е само победа за него, политичка“, додаде тој.
Коментарите дојдоа откако Зеленски им рече на новинарите за време на викендот дека САД инсистираат на решавање на војната меѓу Русија и Украина „до почетокот на ова лето“ и дека Вашингтон „веројатно ќе изврши притисок врз страните во согласност со овој распоред“.
Во изјавите објавени од украинските медиуми, тој рече дека Киев разбира дека „внатрешните проблеми“ во САД влијаат на овој рок, особено со почетокот на кампањата за меѓуизборите подоцна оваа година.

