Свет
Ќерката го обвинила својот татко за убиство на 70 жени: еден од најмасовните убијци во САД
Полицијата во американската сојузна држава Ајова почна истрага откако Луси Студи го обвини нејзиниот татко Доналд за убиство на 70 жени.
Таа ѝ кажала на полицијата дека знае каде се наоѓаат телата. Тврди дека нејзиниот покоен татко, Доналд Дин Студи, бил сериски убиец кој со години убивал жени. Овој покоен фармер наводно ги принудил своите деца да му помогнат да ги фрли телата на жените во бунарот.
Таа раскажала дека нејзиниот татко бил алкохоличар кој сакал да убива жени, удирајќи ги до смрт во главата и другите делови од телото.
Локалниот шериф потврди дека кучињата трагачи откриле најмалку четири можни места за масовни гробници на нивниот имот.
Доналд починал во 2013 година, а обвинет е за убиство меѓу 50 и 70 жени, како и двајца мажи. Двете негови сопруги починале, а полицијата соопшти дека и двете извршиле самоубиство. Едната се задавила со сајла, а другата се застрелала. Ако наводите на неговата ќерка се покажат како точни, Доналд ќе стане еден од најмасовните убијци во САД.
Луси тврди дека сите жени кои ги убил имале темна коса, светла кожа и дека повеќето биле на 20-ти и 30-ти години. Таа тврди дека сите жртви биле закопани облечени и со накит, а потоа додала дека нејзиниот татко сакал да ги чува златните заби на жртвата како трофеи.
„Кога дојде дома и ни рече да одиме до бунарот, точно знаевме што значи тоа. Секогаш моравме да молчиме бидејќи се плашевме и нас да не нè убие – вели Луси, пишува „Дејли меил“.
Таа додава дека нема чувства кон нејзиниот покоен татко.
„Сакав додека беше жив да го добие заслуженото, но него веќе го нема. Сакам да им помогнам на семејствата на жртвите да ги најдат нивните тела и да ги погребаат“ – вели таа.
Шерифот на полицијата изјави дека рушењето на бунарот ќе чини 25.000 долари, додека реновирањето на целиот имот ќе чини најмалку 300.000 долари. Имотот во Ајова каде што живеел Доналд сè уште не се третира како место на злосторство бидејќи сè уште не е пронајдено никакво тело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците предупредија: Наскоро може да се случи голем напад врз Украина
Американската амбасада во Киев предупреди на можноста од значаен воздушен напад врз Украина во наредните денови, објави на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) Јулија Мендел, поранешна портпаролка на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во предупредувањето што денеска го објави Американската амбасада во Киев се наведува дека заканата се однесува на целата територија на Украина, односно на сите окрузи во земјата. Според соопштението, американските власти добиле информации за можен силен воздушен удар што би можел да се случи во кој било момент во текот на следните неколку дена.
— Iuliia Mendel (@IuliiaMendel) January 8, 2026
Американската амбасада повторно ги повика своите државјани да бидат подготвени веднаш да побараат засолниште во случај на прогласување воздушна тревога. Вакви предупредувања Вашингтон редовно објавува во моменти на зголемени безбедносни ризици, особено кога постојат разузнавачки податоци за можни напади од руската војска.
Предупредувањето доаѓа во период кога Украина со недели е изложена на интензивни ракетни и напади со дронови врз енергетската инфраструктура и градовите низ земјата, додека властите во Киев предупредуваат дека Русија би можела да продолжи со бранови масовни удари.
Свет
Германија одбива да испрати војници во Украина од страв од Трета светска војна
Додека Велика Британија и Франција најавија можност за испраќање копнени сили во Украина во рамки на потенцијална мировна мисија, Германија зазема значително повнимателен став. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Бундесверот би бил распореден исклучиво на територијата на НАТО земјите што граничат со Украина, со цел поддршка на евентуално примирје, пренесува „Телеграф“.
Мерц појасни дека Германија ќе учествува во надзор на прекинот на огнот и во зајакнување на Украина, но без германски војници да стапнат на украинска територија. Иако под негово водство Германија започна со зајакнување на армијата и најави изградба на најсилната конвенционална војска во Европа, ваквиот став покажува воздржаност.
Причините, според анализата, се поврзани со германската внатрешна политика и уставните ограничувања по Втората светска војна. Секое испраќање војници во странство мора да биде одобрено од Бундестагот, а Мерц има тесно парламентарно мнозинство, што ваква одлука ја прави политички ризична.
Дополнителен фактор е и силниот отпор што би доаѓал од повеќе партии, вклучително и Социјалдемократите, кои традиционално се попретпазливи кога станува збор за воени ангажмани и провоцирање на Русија. Присутно е и историското бреме од можноста германски војници повторно да се најдат во конфликт со Русија.
Свет
Макрон и Штајнмаер со критики кон САД: Светот оди кон поделба на сфери на влијание
Францускиот претседател Емануел Макрон во своето годишно обраќање за надворешната политика ја критикуваше администрацијата на Доналд Трамп, обвинувајќи ги САД дека го поткопуваат глобалниот поредок заснован на правила. Тој оцени дека САД, како етаблирана сила, сè повеќе се оддалечуваат од дел од своите сојузници и се откажуваат од меѓународните правила што порано ги промовирале.
Макрон предупреди дека светот се движи кон поделба на сфери на влијание, во која големите сили настојуваат да доминираат, посочувајќи дека САД ја зајакнуваат својата улога во западната хемисфера. Иако директно не ги спомена Венецуела и Гренланд, тој ја обвини американската политика за кршење на правилата во трговијата и безбедноста, што предизвикува сериозна загриженост во Париз.
Критики упати и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој оцени дека светот не смее да се претвори во дувло на разбојници во која најбескрупулозните земаат што сакаат. Тој истакна дека глобалната демократија никогаш не била толку загрозена и предупреди на, како што рече, „слом на вредностите“ кај најважниот партнер на Европа – САД.
Фото:Depositphotos

