Свет
100 уапсени во Египет откако муслимани нападнаа коптски христијани поради навредлив пост на „Фејсбук“
Толпа муслимански селани во Египет нападнала црква и коптски христијани како одмазда за пост на „Фејсбук“ објавен од млад Копт што муслиманските жители го сметаат за навреда за пророкот Мухамед, пренесува „Мидл Ист монитор“.
Египетските власти извршија голем број апсења во селото Ал Барша, лоцирано во говернатот Миња, откако толпата почнала да фрла камења и молотови коктели кон домовите на Коптите, а другите упаднале во црквата „Абу Сифин“ за време на богослужбата.
Во немирите биле уништени голем број продавници во сопственост на христијани, а една постара коптска жена била хоспитализирана со изгореници со кои се здобила во пожар откако нејзиниот дом бил запален. Првичните извештаи велат дека полицијата уапсила осум лица, но подоцнежните извештаи велат дека уапсиле 100 лица, вклучително и 35 Копти.
Едно видеозапис, кој кружеше на социјалните мрежи, покажува како група луѓе скандираат: „Нема друг Бог освен Алах, а Мухамед е неговиот гласник“ додека со камења напаѓаа толпа христијани.
Генералот Осама Ал Кади, гувернер на провинцијата Миња, свика состанок на кој рече дека ќе бидат преземени мерки против секој што ќе ги навреди другите, повторувајќи дека никој не смее да сее раздор меѓу луѓето кои припаѓаат на иста нација, притоа повикувајќи ги локалните имами да ги насочат своите проповеди во џамиите кон мирен соживот и толеранција.
Минатата недела, „Интернешнел кристијан консерн“ (ИЦЦ) објави дека во Египет страда слободата на говорот бидејќи голем број активисти за човекови права поврзани со Египетската иницијатива за лични права (ЕИПР) се уапсени, а обвиненијата за богохулење против христијаните се зголемуваат.
Само од почетокот на пандемијата на Ковид-19, најмалку пет случаи на богохулење се отворени против коптски христијани, велат од ИЦЦ, и во сите се вклучени социјалните мрежи, кои се внимателно следени и ограничени во Египет.
На 11 ноември, египетската полиција уапси млад христијански учител по име Јусеф Хани на североистокот на Египет под обвинение за навреда на исламот преку пост на Фејсбук. Хани објавил коментари одговорајќи на муслиманка која се спротивставила на критиките кон исламот од страна на претседателот на Франција и другите француски граѓани.
Иако Хани е ослободен со кауција, тој може да се соочи со затворска казна од пет години и парична казна од 500 до 1.000 египетски фунти (околу 30 до 60 долари) според законот за богохулење што предвидува минимум шест месеци затвор.
Адвокатот на Хани тврди дека обвиненијата се неуставни бидејќи Законот за богохулење во Египет ги крши уставните гаранции за слободата на изразување и верската слобода. Законот се користи речиси исклучиво против критичарите на исламот и ретко се повикува на антихристијански коментари. Во Египет има приближно 15 милиони христијани од вкупно над 104 милиони жители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Саливан: САД нема на располагање ниту еден „Патриот“ систем за противвоздушна одбрана што би можел да го достави до Киев
Советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џејк Саливан, рече дека Вашингтон во моментов нема достапни системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ што би можел да му ги достави на Киев.
„Американските системи „патриот“ се распоредени низ целиот свет, вклучително и на Блискиот Исток, за да ја заштитат американската војска. Доколку има можност да се ослободи батерија, ќе ја испратиме во Украина“, рече тој, а пренесе телевизијата „Ем-ес-ен-бси“.
Истовремено, Саливан додаде дека Америка, додека не дојде во ситуација да испрати свои „патриотски“ системи во Украина, ќе работи да ги убеди своите сојузници од Европа да ги испратат своите системи за противвоздушна одбрана.
Свет
Бакингемската палата ја објави здравствената состојба на кралот Чарлс: познато кога ќе се врати на должностите
Кралот Чарлс ќе продолжи со јавните ангажмани следната недела откако е постигнат охрабрувачки напредок во лекувањето на ракот, објави Бакингемската палата.
За кралот тоа нема да биде целосно враќање на официјалните ангажмани, но палатата испраќа позитивни сигнали, јавува Би-Би-Си.
Следниот вторник кралот ќе започне со симболично патување во центар за лекување рак, пренесува медиумот.
Неговите летни планови вклучуваат државна посета, каде што ќе биде домаќин на императорот и царицата на Јапонија.
Во наредните недели, соопштија од палатата, тој ќе преземе неколку надворешни ангажмани.
Свет
Стари книги обложени со отров отстранети од Француската национална библиотека
Властите отстранија четири книги од Француската национална библиотека поради можноста нивните корици да содржат отровен арсен. Имено, некои книги од 19 век, печатени во Британија, имаат смарагдно зелени корици. Арсенот често се користел за боење книги во тоа време.
Научниците од Универзитетот во Делавер во САД ги класифицираа отстранетите томови како потенцијално опасни, но библиотеката вели дека ракувањето со овие книги би предизвикало само мала штета на здравјето. „Ги ставивме во карантин овие дела. Ќе ги анализираме во лабораторија за да можеме да процениме колку арсен е присутен во секој том“, рече портпаролот на Француската национална библиотека, а пренесе Би-би-си.
Списокот на потенцијално опасни книги е составен од „Poison Book Proect“ , иницијатива покрената од научници од Универзитетот во Делавер во соработка со музејот Винтертур во Делавер. Од 2019 година, тимот тестираше стотици корици книги за тешки метали и состави листа на наслови кои се потенцијално опасни.
Издавачите од викторијанската ера користеле арсен за да ги обојат кориците. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на долгорочна изложеност на арсен во водата за пиење и храната, велејќи дека супстанцијата е многу токсична. Сепак, таа не дала никакви упатства за ракување со предмети што го содржат овој отров.
Во 2022 година, библиотекарите во Лидс, Англија открија ретка книга со арсен. Библиотекар ја открил потенцијално отровната книга додека ја споредувал збирката на библиотеката со базата на податоци на проектот „Poison Book“.