Свет
11 лица приведени поради пожарот во хотелот во Турција

Во истрагата за пожарот во хотелот во ски-центарот Карталкаја на северот на Турција, во кој загинаа 76 лица, а 52 беа повредени, приведени се уште две лица – заменик-градоначалникот на блискиот град Болу, Седат Ѓулер и заменик-началникот на противпожарната служба Кенан Џошкун.
Турскиот министер за правда Јилмаз Тунч изјави дека истрагата што ја покрена главното јавно обвинителство во Болу се води со голема чувствителност, таа е повеќеслојна и педантна, пренесе „Хуриет“.
„Во рамки на истрагата досега се приведени вкупно 11 лица, меѓу кои заменик-началникот на противпожарната служба на општина Болу, шефот на противпожарната служба на општина Болу, сопственикот на компанијата, генералниот директорот на компанијата и директорот на хотелот Истрагата ја спроведува комисија составена од седум лица кои се експерти во својата област“, рече Тунч.
Покрената е судска и административна истрага откако рано во вторникот пожарот го зафати хотелот „Гранд Картал“ во Бол Карталкаја, при што загинаа 76 лица, а повеќе од 50 беа повредени.
На местото на настанот беа испратени бројни екипи за одговор при итни случаи од соседните градови, вклучително и пожарникари, единици за одговор при катастрофи и медицински тимови поддржани од хеликоптери. Околу 230 луѓе се евакуирани од хотелот кој во моментот на несреќата бил полн бидејќи бил екот на зимската сезона. Противпожарните екипи пожарот го ставија под контрола дури по десет часа гаснење.
Како што пишуваат турските медиуми, во 12-катниот хотел, изграден претежно од дрво, пожарникарите биле лоцирани во внатрешноста на зградата, немало доволно противпожарни апарати, а не се огласил ниту алармот за пожар.
Хотелот бил полн бидејќи зимската сезона и училишниот распуст се во полн ек.
Карталкаја, во провинцијата Болу, е една од најважните зимски туристички дестинации во Турција и привлекува илјадници гости за време на скијачката сезона, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мртво бебе пронајдено во корпа за отпадоци во Подгорица: уапсена е мајката

Откако вчера беше пронајдено мртво бебе во корпа за отпадоци во Подгорица, полицијата започна потрага по мајката на детето и утврдување на околностите на овој страшен чин.
Вишото јавно обвинителство на Црна Гора соопшти дека мајката на новороденчето е идентификувана, а денеска соопштено е и дека мајката е уапсена. Жената е 28-годишна жена од Плужине, која живее во Подгорица, се вели во соопштението на полицијата, а пренесува РТЦГ.
Како што наведуваат, прегледани и одземени се поголем број снимки од надзорните камери, прибирани се информации од граѓани, а извршени се и бројни увиди и проверки, по што бил лоциран станот што го користела мајката. Извршен е претрес и пронајдени се предмети кои се директно поврзани со трагите што ги имала полицијата.
Осомничената била прегледана од лекар, по што било потврдено извршувањето на кривичното дело што и се товари.
„Во соработка со Вишото државно обвинителство преземени се мерки и дејствија, при што во понатамошна правна квалификација, по наредба на државен обвинител при Основното државно обвинителство во Подгорица, мајката е лишена од слобода поради постоење основи на сомнение дека сторила кривично дело убиство на дете за време на породување – соопшти полицијата.
Регион
Дојавата за бомба во училишето во Загреб била лажна

Занаетчиско училиште за лични услуги на улицата Савска утрово било евакуирано откако добиле заканувачки мејл, а загрепската полиција сега потврди дека ништо не е пронајдено и дека пријавата е лажна.
Тие претходно известија дека ги презеле сите неопходни превентивни мерки и дека нема место за паника.
„Можеме да потврдиме дека по електронска порака која пристигнала на адресата на образовната установа, истата е евакуирана и учениците се безбедни“, соопштија претходно од полицијата.
„По сознанието за инцидентот, полицијата врши безбедносен увид во институцијата и сите неопходни превентивни дејствија“, соопштија претходно од полициската управа во Загреб.
Тие нагласуваат дека нема опасност за учениците и бараат да не се шири паника.
Минатата недела низ Хрватска беа регистрирани над 90 лажни пријави за поставени експлозивни направи во средните училишта, а пораки со слична содржина добија над 220 училишта во Словенија и околу 260 во Унгарија пред десетина дена.
Сите пријави во хрватските училишта се покажаа како лажни.
Регион
(Видео) Со литија против земјотресите: Грците изнесоа мошти од светци на улиците, постојано се молат

Грците, беспомошни и преплашени што Санторини непрекинато се тресе десет дена, бараат помош од Господ. Илјадници земјотреси, со јачина од над 3 степени според Рихтеровата скала, го тресат овој прекрасен остров повеќе од една недела, поради што луѓето сега „се свртат кон светците“ за помош.
Во атмосфера на длабока посветеност и вера, десетици жители на селото Емпорио на Санторини излегоа на улиците и учествуваа во големата поворка за да го прослават празникот Свети Хараламбос, додека се молеа да престанат земјотресите.
Носејќи транспаренти, грчки знамиња, моштите на Свети Хараламбос и икони, верниците ги носеа светите мошти низ улиците на селото, барајќи божествена заштита и мир за нивното место.
Како што информираат жителите на областа, поворката била организирана во консултација со селскиот свештеник, во обид да се обезбеди духовно ослободување од сеизмичката активност што го погодува Санторини.
„Свети Хараламбос помага со болести. Секогаш шетавме низ селото, сега свештеникот вели дека оваа литија ќе биде и за болести и за земјотреси“, изјави жител на селото за Прототема.
На мештаните им се придружија и жителите на другите села. Велат дека дошле да се молат да престанат земјотресите.
„Поради празникот Свети Хараламбос, мислевме дека треба да одржиме поворка за помош од земјотресот“, додава една жена која дошла од друго село на Санторини.
„Господ да нè помилува и да стави крај на ова зло. Ако е суша или слично, правиме литија. Секогаш има голема литија за Свети Хараламбос. Најчесто одевме по уличките, но поради ситуацијата не можеме да одиме таму. Верувам дека земјотресите ќе престанат, Господ знае“, додава друг жител на селото Емпорио.