Свет
Селина Скот: БиБиСи виновни за сексизам и дискриминација по возраст
Новинарката и презентерка Селина Скот, во отворено писмо кое денеска го објави британски Телеграф, упатено до Мајкл Лионс, Претседател на БиБиСи Траст (BBC Trust), го обвинува БиБиСи но и други корпорации во Британија, за сексизам и дискриминација по возраст на жените кои работат во медиумите
Новинарката и презентерка Селина Скот, во отворено писмо кое денеска го објави британски Телеграф, упатено до Мајкл Лионс, Претседател на БиБиСи Траст (BBC Trust), го обвинува БиБиСи но и други корпорации во Британија, за сексизам и дискриминација по возраст на жените кои работат во медиумите, а се повозрасни од 50 години. Писмото односно досието, на кое освен Скот работеле уште неколку граѓански организации од Британија кои се борат со дискриминацијата против жените, сместено во навидум анонимна пратка, содржи повеќе информации за малигните сексистички и дискриминаторски политики на големите корпорации кон жените, и истото можеби ќе придонесе до една револуција во телевизискиот центар, пишува Скот. „Работев интензивно за БиБиСи; не само што ја стартував „Телевизија за појадок“ (Breakfast Television) туку и ме сметаа за „Златната девојка“ на корпорацијата – фраза што отсекогаш ја мразев. Дури и како млада личност, уживајќи во моите моменти на слава, гледав и бев ужасната од дискриминацијата која се правеше врз жените кои не беа во цутот на својата младост. Но додека не го направивме нашиот извештај, не бев свесна за тоа колку длабоко е навлезена оваа болест во BBC,“ вели новинарката во своето писмо. Таа наведува дека пред 12 години дури и од БиБиСи се согласиле со неа, откако во 1998 година комисијата на „Age Concern“ направила своја истрага која открила дека „постарите мажи“ многу повеќе ги надбројувале „постарите жени“ на екраните на БиБиСи и тоа со 72 проценти наспроти 28 проценти за жените. Во извештајот е експлицитно наведено дека „постарите жени се очигледно помалку застапени и покрај фактот што постарите жени во реалниот свет ги надбројуваат мажите“. Тогаш БиБиСи излегле со реакција дека: имале „чувство на одговорност“ за ваквата ситуација. „Сепак што се случи со овој извештај и што се случи со нашите екрани од тогаш? Ништо. Опсесијата со младите и одбивноста кон повозрасните жени во телевизијата се зголеми,“ истакнува Селина Скот. Во досието се наведени повеќе случаи на жени – новинарки, кои наводно биле дискриминирани поради својот пол или возраста, и Скот истакнува дека „БиБиСи не се сами во креирање на општество опседнато со младоста во кое сите кои се над 50 се сметаат за одбивни и без никаква вредност“. „Ја постигнав точката каде повеќе нема да го поднесувам ваквиот третман, и подобро е да умрам на нозе отколку да живеам на колена, како што, за жал, многу од мојот пол решија да живеат, земајќи трошки од масата кои им се фрлаат, и потоа мразејќи се себеси за тоа,“ отворено пишува долгогодишната британска ТВ презентерка, новинарка, телевизиска продуцентка и презентерка, Селина Скот./крај/тф/дм/ко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж е застрелан откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида
Mаж е убиен откако се обидел нелегално да влезе во имотот на Трамп во Флорида, објави Скај њуз.
Како што објавија разузнавачките служби, мажот на околу 20-годишна возраст бил застрелан околу 1:30 часот наутро.
Идентитетот на осомничениот сè уште е непознат, а обезбедувањето го забележало човекот на северната порта од имотот.
Носел оружје кое личело на пушка и канта со гориво.
Ниеден агент не е повреден.
Во тек се истраги за идентитетот на човекот и неговиот мотив за делото.
Иако Трамп често го поминува викендот на својот имот, во моментот на инцидентот тој бил во Белата куќа, во Вашингтон, а со него била и сопругата Меланија Трамп.
Свет
Гласањето за трговскиот договор ЕУ–САД може да се одложи поради хаосот со тарифите
Претседателот на Комитетот за меѓународна трговија на Европскиот парламент, Бернд Ланге, предложи одложување на гласањето за трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, кое беше планирано за следната недела. Тој истакна дека условите и правната основа на договорот се променети поради неодамнешните американски тарифни мерки.
Ланге оцени дека американската администрација создала „тарифен хаос“ со привремените тарифи на претседателот Доналд Трамп, кои првично беа 10%, а потоа беа зголемени на 15%.
Од партијата Зелени во ЕУ исто така побараа пауза во гласањето додека не се разјаснат сите детали.
Договорот, кој беше постигнат минатото лето, предвидува ЕУ да ги укине царините на многу американски производи, додека САД би вовеле тарифа од 15% на поголемиот дел од европскиот извоз. Намалените царини од ЕУ треба да бидат одобрени од владите на земјите-членки и од Европскиот парламент.
Европскиот парламент минатиот месец привремено ја стопираше работата на договорот поради барањето на Трамп за припојување на Гренланд и заканите со царини кон европските сојузници, но подоцна беше одлучено дека договорот ќе биде ставен на гласање крајот на февруари.
Регион
(Видео) Повторно драма на Јахорина: дете висеше од жичара
На Јахорина се случи вистинска драма кога едно дете висеше од жичара.
Како што известува порталот „Drinainfo“, благодарение на брзата реакција на присутните, детето успешно беше спуштено на земја.
На објавеното видео се гледа дека две лица го држат детето кое висеше од седиштето, додека присутните трчаат да му помогнат безбедно да стигне до земјата.
Засега не е познато дали детето е повредено.
Да потсетиме, пред четири дена на Јахорина дете падна од жичара и со повреди на ногата беше пренесено во болница.

