Свет
Русија и одлуката на Меѓународниот суд на правдата
На 22 јули во три часот попладне по локално време, Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг ќе го обелодени своето советодавно мислење за унилатералното прогласување на независност на Косово од Србија во февруари 2008 година.
На 22 јули во три часот попладне по локално време, Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг ќе го обелодени своето советодавно мислење за унилатералното прогласување на независност на Косово од Србија во февруари 2008 година.
Мислењето, кое судот го дава по барање на Србија, не претставува законска обврска за ниту една од засегнатите страни, но во суштина сепак ќе одреди дали, според меѓународниот закон, косовската декларација за независност е легална, смета институтот СТРАТФОР. Без оглед на мислењето на МСП, околностите во врска со Косово остануваат исти. Косово и натаму ќе биде де факто западен протекторат, со експлицитни безбедносни гаранции од НАТО и Србија не поседува ниту воен капацитет да го смени ова статус кво, ниту пак волја да го стори тоа, со оглед на нејзините напори да стане членка на Европската унија. Русија, пак, главниот сојузник на Србија по прашањето за Косово, официјално ја изрази својата надеж дека одлуката на МСП ќе доведе до нови преговори помеѓу Србите и Косоварите.
Виталиј Чуркин, рускиот амбасадор во ОН, на 15 јули изјави дека Русија и натаму се спротивставува на независноста на Косово и го поддржува ставот на Белград дека Косово е суверен дел на Србија. Но по се, се чини дека Москва ќе профитира без оглед на тоа каква одлука ќе донесе МСП.Независноста на Косово беше прогласена девет години откако воената интервенција на НАТО против она што тогаш беше познато како Југославија, ги присили Србите да се откажат од својата физичка контрола врз Косово. Причините кои тогаш беа наведени за да се оправда воената кампања беа злосторствата извршени од југословенската војска и паравоените формации врз албанското население на Косово. Србија водеше неколку војни во текот на 1990-те години, чија цел беше да се зголеми влијанието на Белград на Балканот. Оттаму, Западот сакаше да ја елиминира Србија – и нејзиниот лидер, Слободан Милошевиќ – како регионална закана и ривал. Но, основниот геополитички контекст исто така го вклучуваше и фактот дека НАТО еволуираше од регионален безбедносен собир, без мандат да презема акции кои не се поврзани со директна закана по безбедноста на неговите членки, во организација со мандат да се грижи за редот во Европа и, конечно, пошироко. НАТО ги изведе операциите на Косово без одобрение од Советот за безбедност на ОН и наспроти силното противење на Русија и на Кина. Тогаш беше поставен и преседанот САД и нејзините сојузници да можат да делуваат без да се грижат за интересите на останатите постојани членки на Советот за безбедност на ОН (нешто што САД ќе го повтори со инвазијата на Ирак во 2003 година). За Русија, акциите на НАТО во Косово беа неприфатливи. Бидејќи Русија не е дел од НАТО (всушност, Алијансата и беше оформена за да ја одбрани Европа од советската инвазија), Москва сфати дека Косово воспоставува еден исклучителен преседан. НАТО одлучи дека интервенцијата беше неопходна од аспект на европската безбедност, интервенираше воено и потоа го реши постконфликтното опкружување во согласност со своите интереси. Тоа го стори против познат сојузник на Москва и со сомнителни докази и резонирање. Но, Западот не сопре таму: по Косово, следеше ширење на НАТО во поранешната советска сфера во Источна Европа и пораз на про-руската украинска влада. Во овој контекст, прогласувањето на независноста на Косово беше само уште една во низата одлуки во врска со европската безбедност, кои ги донесе Западот без да обрнува внимание на протестите од Москва. Заради тоа, Русија му подготви одговор на Западот. На 15 февруари, два дена пред прогласувањето на косовската независност, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, се сретна со претседателите на отцепените грузиски региони Абхазија и Јужна Осетија. По средбата, руското Министерство за надворешни работи издаде соопштение, во кое се вели дека „прогласувањето на независноста на Косово секако ќе биде земено предвид во рамките на односите на Русија со Абхазија и Јужна Осетија“.
Западот не го сфати сериозно ова предупредување, сомневајќи се во руската решеност да одговори и Русија ја искористи кризата во август 2008 година во Грузија, што и овозможи да ги преземе истите акции против Грузија, кои Западот ги презема против Србија. Русија ги искористи наводните грузиски злосторства врз Јужноосетијците како причина за воена интервенција, која доведе до независност на отцепените региони, поддржана од Москва. Москва сега најверојатно ќе профитира, ако не поинаку, тогаш барем реторички, без оглед на тоа каква ќе биде одлуката на МСП. Одлука дека косовската независност е нелегална ќе ја легализира и руската поддршка за независноста на Јужна Осетија и Абхазија. Иако Западот тврди дека косовскиот случај е уникатен и не создава преседан, незападното мислење за ова прашање (со многу малку исклучоци) тврди дека создава. Теоретски, тоа исто така ја отвора можноста многу повеќе држави да ја признаат независноста на двете отцепени републики, бидејќи Москва сега ќе го има аргументот дека Косово не е ништо поразлично од грузиските територии. Како и да е, на Москва не и се потребни Абхазија и Јужна Осетија за да добие меѓународна поддршка за својата контрола врз двете провинции. Москва веќе ги контролира и економски и политички и воено и може да ги искористи за притискање на Грузија, која се уште е сојузник на САД, ако за тоа почувствува потреба. Оттаму, ако МСП донесе одлука дека независноста на Косово е нелегална, Москва нема да мора да се грижи за законските импликации од нејзината контрола врз отцепените републики.
Напротив, ќе може да се пофали дека нејзината поддршка за Белград била оправдана уште од самиот почеток и дека Западот, предводен од САД, го прекршил меѓународното право со тоа што го охрабрил Косово да прогласи независност унилатерално и без одобрение од Советот за безбедност на ОН. Москва ќе ја употреби одлуката на МСП да докаже дека од секогаш се залагала за почитување на меѓународното право и на светоста на суверенитетот. Во 2008 година, Косово за Москва претставуваше преминување на црвената линија, бидејќи создаде преседан кој му дозволуваше на Западот воено да интервенира и да ги пресоздава европските граници, без за тоа да ја праша Русија. Руската војна против Грузија во 2008 година беше одговорот кој Москва го употреби за да и се спротивстави на очигледната воинственост на западот. Одлуката на МСП, каква и да е, ќе биде вистинска „додадена вредност“ за Москва. /крај/стратфор/ссе/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рејтингот на Трамп достигна ново најниско ниво
Поддршката за американскиот претседател Доналд Трамп падна на најниско ниво во неговиот втор мандат, покажува нова анкета.
Според анкета спроведена од The Washington Post, ABC News и Ipsos, 60 проценти од возрасните Американци не го одобруваат работењето на претседателот, додека 39 проценти го поддржуваат.
Истражувачите велат дека рејтингот на неодобрување од 60 проценти е највисок од нападот врз американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година, на крајот од неговиот прв мандат. Како што истакнуваат, ова е најниското ниво на поддршка во тековниот дел од неговиот втор мандат.
Рејтингот на претседателот би можел да игра клучна улога на претстојните среднорочни избори, на кои ќе се изберат претставници и сенатори во клучните федерални држави. Исходот би можел да го промени балансот на моќта во Вашингтон, бидејќи Републиканската партија се стреми да одржи тесно мнозинство во двата дома на Конгресот. Иако Трамп нема да биде директно на гласачкото ливче, изборите се сметаат за еден вид референдум за неговите перформанси.
Анкетата беше спроведена од 12 до 17 февруари меѓу 2.589 возрасни лица, со маргина на грешка од ±2 процентни поени.
Статистичарот и политички аналитичар Нејт Силвер минатата недела објави на својот блог „Силвер билтен“ дека рејтингот на одобрување на Трамп паднал на нето минус 15 поени, со 40,5 проценти одобрување и 55,5 проценти неодобрување, што исто така го означува најниското ниво од неговиот втор мандат. До недела, тој резултат малку се подобри на минус 13,6 поени.
Во исто време, анкетата од 5 до 8 февруари спроведена од Асошиејтед Прес и NORC на Универзитетот во Чикаго покажа дека Трамп има 36 проценти одобрување и 62 проценти неодобрување, нето минус 26 поени, што е изедначување на неговиот најнизок резултат во ноември со истиот анкетар.
фото/Depositphotos
Свет
Поранешен шеф на ДЕА: За фаќањето на Ел Менчо заслужно е Мексико, а не Трамп и Америка
Соединетите Американски Држави се обидуваат да ја преземат заслугата за вчерашната операција предводена од мексиканските сили, изјави поранешниот шеф на Агенцијата за борба против дрога на САД.
Синоќа насилството се прошири низ Мексико откако еден од најбараните мексикански нарко-босови, Ел Менчо, беше убиен во акција.
Во разговор за канадската CBC News, поранешниот висок функционер на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), Мајк Вигил, рече дека операцијата е спроведена со поддршка на американското разузнавање, но дека тоа не е победа што Вашингтон би можел да ја прогласи.
„Администрацијата на Доналд Трамп се обидува да ја преземе заслугата за оваа операција, која е 100 проценти дело на Мексико… и тие ја заслужуваат целата заслуга“, рече Вигил.
Трамп претходно на својата социјална мрежа Truth Social објави дека Мексико мора „да ги зголеми напорите против картелите и дрогата“.
Вигил, исто така, оцени дека ликвидацијата на водачот на картелот Немесио Осегуеро Сервантес, познат како „Ел Менчо“, ќе предизвика психолошки превирања во неговата организација, бидејќи членовите го сметале за „непобедлив“.
фото/ЕПА
Свет
Повеќе од илјада луѓе заробени во зоолошка градина во Мексико, меѓу нив има и деца
Повеќе од 1.000 луѓе, вклучувајќи деца, беа заробени преку ноќ во зоолошка градина во Гвадалахара и беа принудени да ја поминат ноќта во автобуси поради насилството во областа.
За потсетување, насилството се прошири низ Мексико синоќа откако еден од најбараните нарко-босови во Мексико, Ел Менчо, беше убиен.
Повеќе од 50 луѓе беа убиени во последователните судири меѓу картелите и државните сили, а улиците на градовите на западот од земјата се празни.
Директорот на зоолошката градина, Луис Сото Рендон, рече дека некои семејства од држави како Закатекас и Мичоакан биле блокирани речиси 24 часа.
„Одлучивме да им дозволиме на луѓето да останат во зоолошката градина за нивна безбедност“, рече Сото. „Меѓу нив има мали деца и постари лица.“
Сепак, утрово, мајки со мали деца беа видени како излегуваат од автобуси, додека полициски возила ја обезбедуваа областа околу зоолошката градина.
фото/ЕПА

